Џојс на македонски за Bloomsday

01.03.2019 15:16
Џојс на македонски за Bloomsday

Март

На 1 март 1914 година Џејмс Џојс започнал да го пишува романот „Улис“. Или барем така се вели. Се разбира, знаеме дека бил и по малку суеверен; и самиот знае да посочи на настани за кои смета дека се чудесни коинциденции, небаре некакви таинствени талисмани, како што се датумите на објавувањето на неговите книги, на пример. Во едно писмо до Хариет Вивер ѝ вели, „Коинциденција е тоа со родендените и моите книги. Портретот на уметникот за првпат се појави во серијал во вашиот весник на 2 февруари [роденденот на Џојс] и последен пат на 1 септември [роденденот на Вивер]. Улис започна на 1 март (на роденденот на еден мој пријател, сликар од Корнвол) [Френк Баџен] и се заврши на роденденот на господин Паунд, барем така ми вели. Којзнае на чиј роденден ќе биде објавен сега.“ Секако, Улис ќе биде објавен на неговиот роденден, зашто ништо не е случајно кај Џојс, ниту совпаѓањето со имињата, ниту датумите на објавувањето на неговите книги.

10 мај, четврток

Мај ми е посебен месец. Не само затоа што сум родена во него, туку и затоа што неколку важни датуми од овој месец се поврзани со Џојс. На 6 мај 1907 година излегува во печат неговата прва збирка песни „Камерна музика“ (Chamber music) во Лондон. На 18 мај (мојот роденден) 1920 година Џојс му пишува на Френк Баџен (Frank Budgen) дека конечно ја завршил 14-та епизода „Говедата на сонцето“ – најтешката епизода во „Улис“: „the oxen of the bloody bleeding sun are finished“ („говедата на клетото крваво сонце се готови“). На 4 мај 1939 година му се објавува последниот роман „Финегановото бдеење“ од Faber & Faber во Лондон и од Viking Press во Њујорк. На 12 мај 1904 година (Вознесение Христово или Спасовден) Леополд Блум си ја мери тежината (Улис: 742), а на 23 мај, понеделникот (на втор ден Духовден) по Педесетница (Педесетница или неделата што следува 50 дена по Велигден, односно седмата недела по прв ден Велигден кога се празнува Слегувањето на Светиот Дух – Духовден или св. Троица), Блум доживува убод од пчела (епизода 17 „Итака“, Улис: 798).

На 10 мај (четврток) му пишав на мојот драг пријател од Америка Стив Кол (Steve Cole) да го прочита и сними на својот телефон следниов извадок од „Улис“:

Како ја објасни тој тајната на невидливата привлечна личност, неговата сопруга Марион (Моли) Блум, издадена од видлив светлосен знак, ламба?

Со индиректни и директни вербални алузии или афирмации: со потисната љубов и восхитување: со опис: со препрека: со навестување.

Двајцата значи тогаш молчеа?

Молчеа, секој замислено го гледаше другиот во двете огледала на реципрочната чулност од нивнотосвоетоненеговото надругиотлице.

Стив Кол го запознав уште во 2012 година по повод #Bloomsday и Џејмс Џојс. Имено, 2012 година го одбележа „ослободувањето“ на Џојсовиот роман „Улис“ од „прангите“ на авторските права што ги имаа неговите внуци во последните седумдесет години. Па така Стив реши да направи една интернационална и мултимедијална прослава на „Ослободување на Улис“ (Liberate Ulysses) – проект на кој зедов учество со моја уметничка слика инспирирана од романот на Џојс, пропратена со превод на кус пасус од „Улис“, и тоа токму крајот на епизодата „Итака“, неговото последно напишано поглавје, она парче со Синбад Морепловецот. Сосема случајно, по пет години, повторно со Стив се вративме во Итака, и на мое големо задоволство тој прифати да прочита парче од мојот превод на оваа епизода. Притоа, имајте на ум дека Стив воопшто не говори македонски јазик, но во името на Џојс и на нашето пријателство тој се согласи да го прочита на мојот мајчин јазик. Што би рекол татко ми, како што одамна е запишано во Библијата, „барајте и ќе добиете, за да биде радоста ваша полна“ (Јн 16,24).

Стив Kол е автор на The Works of Master Poldy (Dublin: The Salvage Press, 2013). Книгата можете да ја најдете на следниов линк.

На голема радост ми стигна првото снимено видео од Стив Кол за прославата на Блумздеј во Македонија.

Јуни во „Улис“: Мили Блум (ќерката на Леополд и Моли) е родена на 15 јуни 1889 г.; закопот на Мери Дедалус, мајката на Стивен Дедалус, е на 26 јуни 1903 г., ноќта спроти годишнината од смртта на Рудолф Блум, таткото на Леополд Блум, кој починал на 27 јуни 1886 г. (епизода 17 „Итака“). Пади Дигнам умира на јунската ида, 13 јуни 1904 година (епизода 6 „Ад“) и погребот се одвива на 16 јуни.

Јуни и Џојс: Откако се сретнале првпат на 10 јуни 1904 година (петок) на ул. „Насо“ во Даблин, Џојс и Нора се договориле да се сретнат следниот вторник на 14 јуни, но Нора не се појавила на тој состанок. Се сретнале дури на 16 јуни (четврток).

На 3 јуни 1930 година Стјуарт Гилберт ја објавува својата студија за романот „Улис“ од Џејмс Џојс.

На 12 јуни 1930 година излегува во печат поглавјето „Anna Livia Plurabelle“ (стр. 196-216) од Џојсовиот роман „Финегановото бдеење“ во издание на Faber & Faber во Лондон.

 

 

ОкоБоли главаВицФото