Обожавањето бурбон, кое го надминува бурбонот

02.03.2019 10:57
Обожавањето бурбон, кое го надминува бурбонот

Во септември 2014 година, бурбонот Кентаки аул (Kentucky Owl) почна да се појавува на полиците во Луизвил, Кентаки. Американскиот пазар за виски доживеа процут и десетина нови бурбони се појавуваа секоја година. Но, Кентаки аул беше поинаков. Пуштен во продажба ексклузивно во Кентаки во мали количини произведени од стара фамилија од Кентаки, беше непроценливо мистичен – но скап, со цена од 170 долари.

За само неколку недели сите шишиња Кентаки аул беа распродадени. На црно се бараа и се продаваа шишиња по петпати повисока цена.

„Пред да трепнете, пред кој било да го рецензира вискито, луѓе кампуваа за да купат шише Кентаки аул“, вели Фред Миник, уредник на магазинот Бурбон+ и автор на книгата Бурбон: подемот, падот и новото раѓање на американското виски.

Во популарноста на Кентаки аул важна улога одиграа неколку фактори.

Овој бурбон има педигре: Дедман, чие семејство веќе цел век произведува бурбон, му го дава името по одамна замрениот бренд што го осмислил неговиот чукундедо.

Возбудата кај продавачите и шушкањата за потеклото на вискито значајно придонесуваат за интересирањето.

Покрај тоа, Кентаки аул се појавува во мигот кога љубителите на виски, сега побогати поради подемот на економијата, имаат волја да платат добро за добар бурбон.

Успехот на овој бурбон затоа ја означува фундаменталната промена на американскиот пазар за виски.

„Луѓето нашето виски го викаа Screaming Eagle меѓу бурбоните“, вели Диксон Дедман, творецот на Кентаки аул, алудирајќи на Каберне совињон од 3000 долари за шише, вино што во 1995 година го означува пресвртот кон луксузот во винарската индустрија во округот Напа.

Дедман и неговиот бизнис-партнер во јануари 2017 година ѝ го продаваат својот бренд на SPI Group, компанија од Луксембург позната по производството на вотката Столичнаја.

Шест месеци подоцна, новите сопственици ги претставуваат плановите за 150 милиони долари вредниот Кентаки аул, комплекс југоисточно од Луизвил, во кој се наоѓаат дестилерија, конфекциски центар, две езера и луксузен хотел.

Неверојатниот успех на брендот го изненадил Дедман. „Никогаш не можев да претпоставам дека работите толку бргу ќе се одвиваат“, вели тој.

Исто би можело да се рече и за целата индустрија за виски во Кентаки. Иако пазарот за бурбон забрзано се развива веќе речиси две децении, вистинската трансформација се случува последните пет години и целосно го редифинира потенцијалот на оваа индустрија, кој не е лесно предвидлив.

Помеѓу 2012 и 2017 година продажбата на бурбон пораснува за повеќе од 50 проценти, на дури 3,3 милијарди долари.

За да се одговори на побарувачката, во последните пет години во Кентаки се отворени повеќе од дваесет нови дестилерии.

Љубителите на бурбон го опседнуваат Кентаки – во 2017 година дестилериите ги посетиле 1,2 милиони луѓе, што претставува скок од 20 проценти во однос на 2016 година и речиси двојно повеќе луѓе отколку во 2014 година, според податоците на Здружението на дестилерии во Кентаки.

За Американците тоа веќе не е обично купување виски; тие го плаќаат целото „бурбон-искуство“, од луксузните хотели во центарот на Луизвил, чии ентериери се инспирирани од виски, преку тренди-рестораните со непрегледни карти со виски, до организирани посети на дестилериите.

Најамбициозните во браншата зборуваат за „напаизација“ на бурбонот – преведено, дека со вискито треба да се направи тоа што калифорниската Напа, долина северно од Сан Франциско, го направи за виното: да му се даде на пијалакот луксузен статус во целата област, кој во туризмот, инвестициите и трговијата ќе произведе милијарди долари приход.

Кентаки аул паркот ќе биде повеќе од место на кое се произведува виски: посетителите ќе можат наутро да ја разгледаат дестилеријата, да ручаат покрај езерото, да гледаат музичка претстава попладне, да спијат во хотел, а за сето тоа да не мора да го напуштаат комплексот.

Тој план оди рака под рака со развојот на индустријата за бурбон во Кентаки. Дестилериите Кесл и Ки имаат сопствени ботанички градини. Централниот дел од новата дестилерија на компанијата Бардстаун е шик-ресторанот Bottle & Bond.

SPI Group го вработила Шигеру Бан, добитник на Прикеровата награда за архитектура, да ја проектира главната зграда во Кентаки аул паркот.

„Не сакаме ова да биде само индустрија, туку нова дестинација“, вели Ким Хјустон, претседателка на Корпорацијата за индустриски развој Бардстоун. „Нашата цел е Бардстоун да се позиционира на светската мапа на луксузниот туризам.“


Извор: The New Times| International Report

Слични содржини

Живот / Уживање
Живот / Уживање
Психологија / Живот
Технологија / Живот / Уживање / Историја
Живот / Уживање

ОкоБоли главаВицФото