СДСМ вети ама не ја прошири мрежата на лекторати за македонски јазик

04.03.2019 00:08
СДСМ вети ама не ја прошири мрежата на лекторати за македонски јазик

ВЕТУВАЊЕ: Во странство, ќе ја прошириме мрежата на лекторати за македонски јазик, литература и култура кои во изминатиов период беа затворени или занемарени. Ќе направиме одржлив систем за учење на македонски јазик за децата во дијаспората.

[Извор: Изборна програма на СДСМ за парламентарните избори 2016 година „План за живот во Македонија“, стр.262, датум: декември 2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
СДСМ досега (28.02.2019), не го исполни ветувањето дадено пред повеќе од две години, поточно за предвремените парламентарни избори во декември 2016 година, „дека ќе ја прошири мрежата на лекторатите за македонски јазик во странство и ќе направи одржлив систем за учење на македонски јазик за децата во дијаспората“.

Ова ветување на СДСМ е наведено во „Планот за живот“ на стр. 262 во делот: „План 24м – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“. Според наведениот рок, ова ветување треба да биде исполнето најдоцна до крајот на мај 2019 година со оглед на тоа што Владата предводена од СДСМ беше избрана на 31 мај 2017 година.

Владата во септември 2017 година го задолжи Министерството за култура да спроведе мерки за унапредување на македонскиот јазик. Овие мерки предвидуваа основање на Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети и отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети. Исто така, со овие мерки беше најавено дека ќе се формира и Фонд за поддршка на изработка на научни дела посветени на македонскиот јазик од сите области, вклучувајќи изработка на академска граматика, речник, правопис, дијалектолошки и историски проучувања. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура требаше да прерасне во Македонистички центар со повеќе функции како што се организирање летна школа, стипендирање на поголем број странци, кои би дошле да ги изучуваат македонскиот јазик и култура, како и формирање на постојана школа за изучување на македонскиот јазик како странски јазик (Македоникум). Исто така, беше предвидено и формирање на Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство, како и на Школа за подука по македонски јазик за македонските деца надвор од Македонија (летен камп).

За тоа дека Владата сака да промени нешто во однос на лекторатите за македонски јазик во странство потврди и премиерот Зоран Заев во ноември 2017 година на отворањето на втората Меѓународна научна конференција „Минатото на јазичниот свет – денес и утре“. Тој најави дека Владата ќе го поддржи повторното отворање лекторати за македонски јазик на странските универзитети во другите земји, особено во ЕУ.

Ќе ги засилиме врските со дијаспората и преку финансирање часови по македонски јазик во државно-конзуларните претставништва во градови каде е изразен доволен интерес за тоа, рече Заев (Сител ТВ) .

Сепак, ваквите заложби од Владата се покажаа како декларативни.

Во април минатата година (2018) претседателот на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов во изјава за „Нова Македонија“ (04.04.2018), изрази разочарување дека „состојбата со лекторатите по македонски јазик во универзитетските лингвистички центри е депресивна“. Притоа тој напомена дека од 18 до 20 лекторати колку што постоеле во времето на СФР, сега има само седум до осум, од кои за три понатамошното постоење е под знак прашалник.

Десетина лекторати се веќе згаснати, поради губење на интересот за изучување на македонскиот јазик во земјите каде што постоеја лекторати, што најчесто се должи на откажување од ангажманот на наставниот кадар што работел во лекторатот. Своевремено, во Германија имавме четири лекторати на македонски јазик (во Хале, Минхен, Келн и Франкфурт), а се доведовме во состојба сега да немаме ниту еден. Тоа е навистина поразително, зашто Германија е исклучително важен научен лингвистички центар, со многу универзитети, и не постои земја од светот што нема лекторат на својот јазик во Германија. Не функционираат ниту лекторатите што ги имавме во Лондон и во Брадфорд (Велика Британија), во Аризона (САД), во Австралија, а згаснаа и тие во Грац (Австрија) и во Брно (Чешка). Во голема опасност е да згасне и лекторатот во Москва, што би било навистина поразително, бидејќи Русија е голем и важен славистички центар. Слична е ситуацијата и со лекторатот во Букурешт (Романија), предупредува Спасов (Нова Македонија 4 април 2018).

А за тоа каква е ситуацијата со лекторатите може да се види и на веб-страницата на УКИМ во делот „Лекторати по македонски јазик во странство“.

Дека нема промени во однос на подобрување на состојбата со лекторатите и отворање на нови лекторати говорат и информациите објавувани во медиумите во периодот по обзнанувањето на мерките на Владата.

Во овој период нема најава дека со почетокот на учебната година 2018 / 2019 година на универзитетите во странство се отвора нов лекторат. Нема ниту најава дека годинава ќе биде отворен или обновен некој лекторат. Напротив во 2017 година згасна и лекторатот по македонски јазик во Брно, Чешка, по шеесетгодишно постоење бидејќи навреме не бил назначен нов лектор. Лекторатот во Франција кој е еден од најактивните, пак, три години не добил никаква книга од Македонија.

Нема ниту потврда дека е формиран Фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странските универзитети и отворање и одржување на лекторатите по македонски јазик на странските универзитети.

Министерството за култура кое е задолжено да ги реализира мерките на Владата нема планирано пари во Буџетите за култура за 2018 и 2019 година за формирање на овој Фонд ниту пак го споменува македонскиот јазик и лекторатите во странство, а во Стратегијата 2018-2020 година на министерството за култура никаде не се споменуваат македонскиот јазик и лекторатите. На интернет-страницата на Министерството нема никаква одлука поврзана со мерките донесени од Владата во 2017 година ниту, пак, во текот на овие години е информирано за такво нешто.

Нема информација и дека Семинарот за македонски јазик е преименуван во Центар за македонски јазик (Македониум), ниту пак, за тоа дека е формиран Центар за постојана обука за лекторите по македонски јазик во странство. Единствено може да се најде информација дека Меѓународниот семинар за македонски јазик и литература одржал летни школи кои традиционално ги одржува, како и тоа дека Агенцијата за иселеништво ја продолжува работата на летната школа за македонски јазик која традиционално се одржува во Охрид. Но, ваква школа не се одржала лани. Годинава има оглас за пријавување на деца на иселеници и најава дека школата ќе се одржи во јуни.

Имајќи ја предвид ова аргументација, може да се каже дека ветувањето на СДСМ за проширување на мрежата на лекторати за македонски јазик, досега е неисполнето.

 

ИЗВОРИ:
СДСМ Програма за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, стр. 262 (Пристапено 28..02 2019)
А1 он (5.09.2017): Министерството за култура ќе спроведува мерки за унапредување на состојбата на македонскиот јазик (Пристапено 28.02.2019)
Факултети МК ( 21 12. 2018) Смртта на лекторатот по македонски јазик во Брно Чешка (Пристапено 28.02 2019)
Нова Македонија ( 04.04. 2018 година): Ефикасна дипломатија преку афирмирање на македонскиот јазик во светот (Пристапено 28.02 2019)
Факултети мк (14.06.2018): Фотокопии наместо учебници лекторатот за македонски јазик во Франција три години не добил книга (Пристапено 28.02 2019)
УКИМ: ЛЕКТОРАТИ ПО МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО СТРАНСТВО (Пристапено 28.02 2019)
Сител тв (15. Ноември 2017) Заев: Владата е определена да го негува и унапредува македонскиот јазик (Пристапено 28.02 2019)
Национална стратегија за култура 2018-2022 година (Пристапено 28.02 2019)
Буџет на Република Македонија за 2019 година страна 313 (Пристапено 28.02 2019)
Агенција за иселеништво Фејсбук страница: летни школи по македонски јазик (Пристапено 28.02 2019)
Министерство за култура (Пристапено 28.02 2019)
Министерство за финансии- буџет (Пристапено 28.02 2019)
Меѓународен семинар за македонски јазик и литература (Пристапено 28.02 2019)

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: Вистиномер