Марксизмот е опасен секогаш

04.03.2019 01:24
Марксизмот е опасен секогаш

Интервју со економистот Домагој Михајлевиќ кој во загребскиот клуб Мама неодамна ја претстави својата студија „Збогум авангардо. На рушевините на југословенската социјалистичка модернизација“.

Зборувавте како да му се пристапи на денешното значење на Југославија, не како музеј, ни како политика на сеќавањето. Што ѝ замерувате на културата на сеќавањето?

Проблемот со културата на сеќавањето е тоа што е изместена политичката приказна, културната форма. Со оглед на тоа дека денес е тешко да се организира политичката борба, левицата се сели во оние форми кои ѝ се попристапни. А, во моментов тоа се културните форми на минатото. Политиката на сеќавањето ја презема улогата на супститут за политичко дејствување, таа е парализа на политиката. Но заборавањето е контрареволуционерно. Луѓето кои би сакале да се занимаваат со политика мора да го знаат минатото и сегашноста, за да ја проектираат иднината. Поединецот само така може да знае како се нашол во сегашноста каде што е. Треба да се отвори целокупниот спектар на историјата. Потребно е да се познава континуитетот на појавите, како се создавале, се развивале и исчезнувале.

Дали постојат десни и либерални осврти на Југославија?

Најчест пристап на десницата е оној преку очилата на тоталитаризмот. Според нив Југославија е редуцирана исклучиво на еднопартиски систем кој го одредува секој аспект на животот. Се нагласува насилноста на партиската интервенција во општеството, со акцент на повоената одмазда или на тајните служби, како историјата да не постои надвор од тој еден период и од дејствувањето на репресивниот апарат, иако тоа не е специфичност на Југославија. Се заборава дека тајните служби на Запад прават многу полоши нешта, на пример, менуваат демократски влади и доведуваат на власт воени хунти. Либералниот пристап, пак, на Југославија гледа како на неуспешна модернизација, која заврши со конфликт на националистичките елити. Значи, партиската авангарда не успеа да ги прилагоди селанските маси кон новите потреби, не успеа да ги цивилизра на начин како што бара пазарот. На крајот и самата авангарда завршува во националистички конфликт, при што ги користи истите маси.

Социјализмот се создава во борба

Иако кај нас преовладува перцепцијата на конфликтот на десниот и либералниот поглед, тие имаат и многу заеднички нешта, на пример антикомунизмот?

Да. Би било интересно да се истражи како тогаш Југославија на либералната сцена сепак е прифатена како историски артефакт. Борис Буден добро забележа дека Југославија може да стане предмет на интересите на среднокласното граѓанство во моментот кога го губи револуционерниот потенцијал. Еднаш сместена во минатото, кога знаеме дека веќе не може револуционерно да дејствува во сегашноста, таа станува предмет на среднокласниот интерес.

Во тоа е и тајната на цветањето на југословенските студии на рабовите на академскиот погон?

Одредени аспекти од југословенското минато станаа стока, нешто со што сега може да се тргува. Од друга страна, марксизмот може да стане култура на сеќавањето, зашто тој е теорија која секогаш е актуелна. Тој ја воведува критиката на капитализмот на апстрактно ниво, која постојано ја потврдува својата актуелност. Затоа секоаш е опасен, па не е ни чудо што е потиснат во академскиот погон, особено во југоисточна Европа.

Марксизмот е протеран, а некогашните преживеани марксисти со големо мнозинство го избраа десничарското или либералното репозиционирање?

Тоа не е необично. Западната либерална академија делумно ги финансира оние истражувања кои имаат таканаречено неутрално или негативно гледање на југословенската историја. Пристапот е патронизирачки, сè што се случувало во Југославија е резултат на сувопарна бирократска ригидност и десубјективираните маси. Потполно се занемаруваат сложените прашања за планирањето, оптималната алокација на ресурсите, положбата на работниците и нивната репродукција, сè што денес истовремено ги надминува капацитетите на социјалдемократските партии на Запад.

Вашата основна теза е дека историјата на Југославија треба да се гледа како историја на класна борба.

Најважната лекција од историјата на Југославија е тоа што таа е производ на класна борба, како пред Втората светска војна така и за време и после неа. Постои постојана политичка борба во рамки на системот. Југославија пречесто се анализира статички, се скенираат одредени состојби, додека забораваме како се создадени тие состојби. Социјализмот не падна од небо, туку се создава во борба.

Кога посматраме одредена општествена формација, па така и социјалистичка Југославија, не може сè да се редуцира на две класи кои се во конфликт. Постојат меѓукласи, слоеви, динамика на фракциите на класите. Дали во сето тоа партијата е репрезент на одредена класа или има надкласна положба? Или тоа се менува со текот на времето?

Тие односи треба да ги посматраме дијалектички. Позицијата на авангардната партија е место, како што вели Мајкл Лебовиц, на диригент кој има преглед над оркестарот. Авангардната партија има водечка улога во дефинирањето на општествената реалност. Таа има увид во целината и ја презема улогата на водство над останатите сегменти од општеството.

Сепак Сојузот на комунистите кај нас сакаше да воведе и друга логика?

Бидејќи партијата не е ослободена од влијанието на другите логики, па така ни од логиката на капиталот од една страна, чии претставници се менаџерите, и логиката на работничката класа од друга, таа мора да еквилибрира помеѓу едните и другите. Со текот на времето логиката на капиталот ја дегенерира партијата, додека логиката на работничката класа станува потисната.

Логиката на капиталот поминува низ сите класи, а улогата на комунистите беше, додека не се престроија, дека ја ограничуваат.

Потребата од прилагодување на меѓународниот пазар со текот на времето ја јакне логиката на капиталот и улогата на менаџерите. Авангардната партија на крајот станува буржоаска и веќе не е пролетерска. Тоа беше дијалектички процес, на кој не може да му се одреди точниот датум. Сигурно е дека партијата дојде на власт како пролетерска и селанска, како застапник на работничките слоеви на општеството, кои победија во Втората светска војна. Но уште во таа борба, која ја предводеше, партијата беше проткаена и со либерални и со националистички тенденции, зашто во народот освен работници и селани беа вклучени и ситни трговци, административни слоеви, па сè до таканаречената чесна интелигенција. Мојата теза е дека крајот на НОБ претставува и крај на националното прашање во формативна смисла. Нациите се формирани со завршувањето на војната, но тоа не значи дека е решено и прашањето на национализмот. Национализмот е она што останува во позадина на повеќенационалните заедници, кои во еден момент се обединија за да го победат надмоќниот непријател. Интернационализмот и еманципацијата произлегуваат од победата над окупаторот. Се поставува прашањето како да се одржат тој интернационализам и еманципацијата во услови кога веќе нема директен фашистички непријател. Сега таа еманципациска творба мора да се прилагоди на условите на меѓународниот пазар, условите на глобалната акумулација на капиталот. Во тоа прилагодување на еден апстрактен процес до израз доаѓаат проблемите на таквите повеќенационални заедници. Се отвораат прашањата за политичкото и економското наследство, социјалните нееднаквости, нееднаквата развиеност на инфраструктурата. Тоа се прашања на интернационализмот како солидарна заедничка борба против последиците на глобализацијата на капиталот. Тие се многу покомплексни и денес исто така играат клучна улога.

Што подразбираше таквиот интернационализам?

Интернационализмот требаше да стане еманципација од условите на глобалниот пазар, а тоа би значело дека авангардната партија мора да обезбеди подеднаков развој за сите национални заедници. Тоа беше можно во Југославија додека партијата можеше да прави компромиси помеѓу сите тие политички претставници на различните нации, компромиси помеѓу развиените и неразвиените региони.

Па постоеше општествено и економско планирање во кое не учествуваа само претставниците на нациите туку и стопанствата, односно работните колективи.

Барањата на планирањето се агрегираат преку делегатски систем. Во моментот кога тој компромис веќе не е можно да се одржи, а тоа е моментот кога веќе не можело да се задолжува, национализмот ескалира. Хрватска и Словенија самостојно сакаат да се прилагодат на условите на меѓународниот пазар. Пропаѓа интернационализмот, односно еманципацијата создадена во НОБ, иако на поедини нации, како БИХ или Македонија, не им одговара распадот на повеќенационалната заедница, додека другите сакаат да ја преземат контролата над центарот, како Србија.

Гледано во историска перспектива, дали распадот на Југославија беше решение за кој било југословенски народ?

Не, но кога политичкото водство или генерално кажано партиската авангарда ќе доживее потполна дегенерација и ги гуши демократските барања, тогаш доаѓаат последиците со кои општествата мораат да се соочуваат и да бараат излез за нив.

Социјалистичкиот проект на авангардната партија, тврдите во својата студија, се темелеше на идејата за промена на општествените и економските односи, а таа промена се темелеше на економскиот раст. Но партиската програма никогаш не нудеше ни држава на благосостојбата ни полна вработеност. Таа нудеше поле на борба и укинување на сите односи во кои човекот е експлоатирано и понижено битие.

Тоа е само реторичка себепретстава на партијата. Во реалноста партијата мора да одговори на конкретните услови на Југославија како земја помеѓу различни блокови, која е премногу мала за да може да ги интернализира сите шокови на меѓународниот пазар. Партијата истовремено е соочена со две меѓусебно спротивставени цели. Една е онаа за социјален развој, да се обезбеди благосостојба за што поголем број граѓани. За да го обезбеди тоа, таа, од друга страна, мора да се впушти во економски раст и неизвесност, со оглед на тоа дека се работи за помала економија, подложна на надворешни шокови.

Прилагодување на пазарот

Во студијата многу се потпирате на Сузан Вудвард. Каде најмногу го гледате нејзиниот придонес?

Мислам дека нејзиниот најважен придонес е во тоа што гледа континуитет во развојните стратегии на партиската авангарда, а тој се состои во прилагодувањето на меѓународниот пазар, за што побрзо да се достигне општествениот стандард на Западот. Вообичаено се вели дека државата била затворена, а се отворила по конфликот со Сталин кој е пресвртница. Потоа, во текот на седумдесеттите божем следи ново затворање, во ерата на ескалација на национализмот и пресметаката на партискиот центар со републичките раководства, за во осумдесеттите, под притисок на ММФ, Југославија повторно да се отвори. Раскинувањето со Сталин само го потенцира она што уште претходно било дискутирано како таканаречена реформска стратегија, но во повоените услови не можело да биде применето зашто Југославија морала да се потпре на градењето воени капацитети и тешка индустрија за да ги обезбеди економските темели на независноста. Во текот на педесеттите станува збор за благо и внимателно отворање кон меѓународниот пазар, додека во шеесеттите тоа беше спроведено во голема мера.

Во седумдесеттите Југославија и натаму се прилагодуваше на пазарот, но го менува карактерот на тоа прилагодување, што многумина пропуштаат да го забележат. Во тоа време на меѓународниот пазар владее голема побарувачка за суровини, па во тој период се форсира суровинско производство. Суровините имаат висока цена и може да се заработи од тргување со нив. Критичарите зборуваат дека се градат политички фабрики, како оние за алуминиумска глиница или бројните железари, но постои економска рационалност за тие фабрики. Проблемот е што растот на цените на суровините на светскиот пазар нема да трае долго и тие претпријатија по пет-шест години ќе натрупаат долгови. Често се заборава дека тоа е и периодот на криза на Западот, кога доаѓа до драстичен пад на извозот, па Југославија повеќе се насочува кон СССР и своите врски со неврзаните, обидувајќи се таму да ги извезува своите производи. Во осумдесеттите доаѓа ММФ, што предизвикува не само понатамошно економско прилагодување, туку почнува да се менува и самиот карактер на производните односи, па доаѓа до постапно укинување на самоуправувањето. Партиската авангарда во целост ја презема логиката на капиталот, а менаџерите стануваат главни актери на партијата. Да го земеме како пример Слободан Милошевиќ, директорот на Беобанка кој авансира преку партијата до претседателот на ЦК на СК Србија. Тука ја гледаме кристализацијата на партиската дегенерација под влијание на капиталот. Од друга страна, имаме работници кои се бунтуваат заради негативното прилагодување на пазарот. Во тој контекст национализмот станува алат за политичка пресметка и начин на кој се доживува како излез од кризата.

Каква е поуката од оваа историзација за денешната левица?

Најважната лекција е дека општествената реалност е можно да се гледа само преку класната борба. И второ, дека малите држави, економски или социјално опустошени, не можат да преживеат сами. Тие мора да се обединуваат. Тоа обединување денес веќе нема да биде базирано на директниот непријател кој нè окупираше, туку ќе мора да ја гледаме глобализацијата на капиталот како нешто на кое го спротивставуваме нашиот еманципациски интернационализам.

Илустрации: Зоран Кардула

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Општество / Балкан / Историја
Општество / Свет / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Спорт / Историја
Општество / Балкан / Историја
Општество / Историја
Општество / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото