Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (24)

04.03.2019 10:57
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (24)

Емилија Славковска, Марика и стравот (Македоника литера)


22.09.2009

Ана

Владо помисли како денеска денот е бакарен. Тоа е нивна внатрешна шега со внука му, една од малкуте преостанати откако порасна. Ги споредуваат времињата со метали, уште од кога таа имаше пет години. Седеше на паркетот и времето беше облачно. Кога се менуваше времето, Владо го болеше 'рбетот и го спомна тоа. Неговата внука погледна низ прозорецот во небото и потоа во своето сребрено ланче. Рече дека времето е сребрено. И оттогаш има некој метал за секое време. На овој ден беше бакарно.

Гледа во метежот од луѓе во пазарот.

„Младиве само брзаат некаде. И јас брзав“, помисли тој додека поминуваше покрај саксиите цвеќиња кои се продаваа. Љубичици, помисли. „Ана сака љубучици“. Внимателно одбра една саксија со виолетови љубичици и уште повнимателно го извади паричникот, ги изброја парите и плати. Продавачот го гледаше нестрпливо.„Млади... младите само некаде...“

Помисли дека продавачот не би сакал да го чуе тоа. Купи некој чај за полесно да спијат со Ана.

Ана беше дијабетичар, а тој имаше проблеми со срцето, ама се држеа некако. Имаа син и ќерка. И многу ги сакаа.

Владо беше среќен.

Се врати дома со еден автобус. Денеска на пензионерите им беше бесплатно. Затоа многу млади луѓе го гледаа лошо. Како да е негова вина што излегол да земе воздух. Враќајќи се, зеде весник од трафиката и ја поздрави продавачката. Таа беше млада, но не изгледаше како да се брза. Изгледаше како да и е пријатен разговорот со него.

Кога стигна пред врата го потпре бастумот на вратата и бавно се наведна за да го земе клучот од под чергата. Ана сеуште спиеше, знаеше кога е станата по мирисот на кафе. Ана секогаш правеше кафе веднаш откако ќе станеше. Правеше и за него, иако поради тоа често тој го пиеше студено. Тој го сакаше студеното кафе на Ана.

Полека ги навади цвеќињата. Потоа влезе во спалната соба и ја остави шапката на полицата до креветот. Ана полека ги отвори очите

„Таа. Токму таа жена што мижуркајќи се труди да ме види без очилата. Таа е најпрекрасната жена на светот. И ме одбра мене“

Тој го помисли тоа и насмевнат легна да дремне малку. Се беше изморил.


Катерина Серафимовска, Небото над реката Чарлс (Култура)


ЏЕЈМС - Не/познат лик

Имам чувство дека главата ќе ми експлодира!

Потпивнувам малку вода, не сум толку жеден, ама навиката си го прави своето, а јас сум нервозен. Во видокругот ми влегува витка девојка, која трча долж патеката пред мене. 

Одненадеж таа сопира, зема здив неколку мига наведната со дланките врз колената, а потоа задишано се спушта на клупата - не на онаа соседната до мене, туку на следната.

Јас длабоко воздивнав. Од целиот парк, мораше да го наруши баш мојот мир!

Девојката ја избриша потта од челото и полека ги крена очилата за сонце. Бидејќи таа е мојот нов сосед, дискретно забележувам неколку детали на неа.

Млада е, веројатно две-три години помлада од мене. Носи обични сиви тренирки, со розови ленти отстрана, на колковите. Под горниот дел, раскопчан дополу над нејзините обли гради, се наѕира тесна бела маичка. Спортските патики за трчање и се блескавобели, како да се неодамна извадени од излог.

Мојот прв впечаток е дека сè е мошне складно, чисто и убаво на неа.

На некој начин, тоа дури и ми пречи. Самото нејзино присуство, нејзиниот ред и смиреноста на нејзиното лице со правилни црти сериозно му пречат на мојот душевен немир, запуштениот изглед и на силната желба за осаменост.

Воопшто не гледам свесно, дали девојката е убава..?

За мене, таа е само натрапник што го нарушува текот на моите утрински размислувања. Ненадејно влезе во мојот свет - против мојата волја, непоканета и без причина. А најмногу што можам да сторам околу тоа е да ја игнорирам и да чекам да си замине што поскоро.

Сепак, она што несвесно го забележувам кај неа е убавата уста...

Како и фактот дека нема ниту тронка шминка на нејзиното впечатливо лице. Го сфаќам тоа по свиленкастата свежина на нејзината млада кожа и по начинот на којшто таа ги впива срамежливите зраци сонце што пробиваат низ сенката од крошната на големото дрво.

Сè уште сме сами, во паркот каде што владее пријатна тишина, во која само повремено струјат звуците на природата: утринскиот шепот на лисјата и нежниот цвркот на птиците.

За миг, таа се врти кон мене.

Лицето ѝ е млечнобело, а очите се крупни и бистрозелени.

Продорни се на еден возбудлив и пријатен начин, малку издолжени на краевите. Долгата црвена коса ѝ е уредно зачешлана во коњско опавче, врзана одзади на тилот со обично бело ластиче. Ми се допаѓа нејзината едноставност... И, од некоја причина, силно ми годи кога гледам во неа. Како да ја познавам од некои минати и дамнешни времиња.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.