Чија е „Хакуна Матата“?

04.03.2019 14:04
Чија е „Хакуна Матата“?

Фразата „Хакуна Матата“ на свахили јазикот значи „без грижа“, но за компанијата „Дизни“ тоа не е толку едноставно. Обвинувајќи го „Дизни“ за културна апропријација, десетици илјади луѓе, уште од минатата година почнаа да ја потпишуваат онлајн петицијата со апел компанијата да се откаже од користењето на „Хакуна Матата“, како своја марка за што компанијата поднела барање уште во 1994 година, кога се појави првиот цртан филм „Кралот Лав“ (Lion King).

„Изразот Хакуна Матата не е креација на Дизни и од тие причини не може да биде ниту интелектуална сопственост на оваа компанија и претставува напад на Свахили народот и на цела Африка“, се вели во петицијата.

Дебатата на оваа тема особено се интензивираше по серијата колумни во весникот „Бизнис дејли“ во Кенија во кои се вели дека „кражбата на африканската култура преку права на интелектуална сопственост трае веќе со години наназад“.

„Хакуна Матата“ е многу чест израз на свахили, јазикот што се говори ширум Африка, а на запад станал популарен во 1994 година кога беше прикажана оригиналната верзија на филмот на Дизни „Кралот Лав“.

Експертите за интелектуална сопственост појаснуваат дека компанијата не го поседува овој израз, ниту дека може некому да го забрани користењето на изразот, туку дека „Дизни“ ова го направил заради продажбата на облека на територијата на САД, за да друга компанија нема право или да не ја злоупотреби оваа марка.

Исто така, не може да се спречи и некој да го испечати овој израз на маица, сè додека нема врска со „Дизни“ или со филмот. Сепак, интелектуалната сопственост не ја спречи пиратеријата: во Африка но и на други места низ светот се продава облека со испечатени сцени од филмот.

Но петицијата што ја покрена Шелтон Мпала, активист од Зимбаве, се бори против ваков вид „трговски марки“ на повисоко ниво. „Одлуката Хакума Матата да стане марка на една компанија се базира исклучиво на алчност и претставува навреда не само за духот на народот Свахили, туку и за цела Африка“, се вели во петицијата. Постапката на „Дизни“, Мпала ја карактеризира како „грабеж и колонијализам, присвојување на нешто на кое нема право“.

Според Филип Џонсон, професор по право од Универзитетот во Кардиф во Велс, суштината на трговската марка (trade mark) е во апропријацијата на јазикот во тесна комерцијална сфера. „Она што е проблематично во овој случај е дилемата дали за „Дизни“ ова била смислена и намерна постапка, наместо да се да се разгледаува дали требало да се регистрира трговска марка или не“.

Извор: The New York Times