Македонците најмногу доверба имаат во кафеаната

05.03.2019 09:29
Македонците најмногу доверба имаат во кафеаната

СВЕТИ НИКОЛЕ, 5 март 2019 (Пара вести) – Кафеаната е национална институција што има претрпено најмала ерозија во довербата и почитувањето меѓу граѓаните на Република Северна Македонија, покажа најновото истражување на Институтот за мерење доверба во Свети Николе.

Кафеаната воедно е и една од ретките установи што своето траење го мери со векови. На скалата на вредности и доверба цврсто го зазема првото место пред Војската и Црквата. Истражувањето покажало дека не постојат други институции што можат да се пофалат со традиција каква што има кафеаната и на која граѓаните ѝ веруваат во толкава мера.

За заземање на првото место, секако, влијае и високиот степен на недоверба што ја чувствуваат граѓаните на Северна Македонија кон другите институции. Во Собранието, кое трае од почетоците на државата, само малкумина би имале да кажат нешто позитивно во однос на кафеаната, што според резултатите на анкетите важи и за Владата.

Во однос на угостителската институција кафеана, граѓаните не гледаат со убави очи ниту на правосудството, кое се гордее со традиција од памтивека, или на образованието, кое се повикува на Свети Климент и Свети Наум, ниту на политичките партии од кои поголемиот дел својот корен го влечат уште од 1893. На списокот на установи од доверба со кафеаната не може да се мери ни МАНУ, кое датира од 1967 година, како ни големите медиумски и издавачки куќи.

Истражувањето исто така покажува дека има многу малку организации што можат да се пофалат со своето траење, но и со угледот што го има кафеаната. На листата на доверба, покрај кафеаната, црквата и војската, одвреме-навреме се има појавувано само премиерот или понекое министерство, но без подолго задржување.

Довербата во кафеаната е силна, но сепак не е монолитна. Тоа го покажуваат резултатите на последните истражувања на јавното мислење, кои забележаа дека неодамна првпат паднала на под 90 проценти од испитаниците. За и редовните муштерии да почнат со недоверба да гледаат на кафеаната влијаеле аферите што го тресеа угостителскиот свет, почнувајќи од вештачката лозова, од кафеаните што лажно се претставуваат како „стари“, но и лошиот јавен имиџ на одреден број келнери.

Кафанџиите не му се секираат многу за истражувањето на јавното мнение за популарност и доверба. Велат дека на муштериите тие анкети не им значат ништо, но и дека на противниците на кафеаната нивните резултати не им даваат многу аргументи.

– Односот кон кафеаната не може да се споредува со односот кон останатите институции во општеството – велат во „Мечкуевска куќа“. – Кафеаната е установа што трае две илјади години и не е склона кон додворување на јавноста ниту кон популизам. Важно е, од друга страна, и на кој начин се формулира мислењето за довербата. Луѓето кафеаната ја доживуваат како национална и културна установа, која е и световно и духовно срце на македонскиот народ, и затоа ѝ искажуваат висок степен на доверба.

Социологот Елена Лазоска-Комар ова го објаснува со фактот дека претставата за врската на кафеаната и народот е длабоко вткаена во колективната свест на генерации граѓани.

– Овој култ се негува речиси цел век и сосема е јасно дека кафеаната стана и своевидна духовна категорија – објаснува Лазоска-Комар.

Историчарот Павле Мипијовски истакнува дека народот верува дека кафеаната е тесно поврзана со идентитетот на државата и народот.

– Кафеаните се затворени места што не се подложни на партиски комбинаторики за често да се менуваат ставовите. Довербата во кафеаната потекнува од уверувањето дека таа е носечки столб на народното единство, темел на идентитетот и браник на загрозеното македонство на едно посебно ниво на свеста.

Кафеаната, напоменува Мипијовски, и покрај големите поделби низ историјата, и понатаму претставува континуитет на македонската античка држава, на нејзината слава и величина.

– Таму каде што е народот, таму е и кафеаната, дури и кога нема држава, како последен бастион за одбрана на идентитетот. Кога и таа ќе исчезне, сите траги ќе бидат избришани – смета Мипијовски.

 

Прилагодено од njuz.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото