10 нешта кои не сте ги знаеле за Зона на самракот

13.10.2010 14:11
Зона на самракот

„Зона на самракот“ засекогаш ќе остане како пример за квалитетна и добро осмислена телевизиска серија. Творецот на серијата, Род Серлинг, на гледачите им понуди нешто сосем поинакво, нешто што претходно не било направено и нешто што не може да се повтори.

Како исход на сето тоа, лицето на телевизијата неповратно се смени на подобро. Еве десетина факти за „Зона на самракот“ кои можеби не сте ги знаеле.

1. Род Серлинг не бил изворниот наратор

Токму така. Иако се чини чудно да се замисли оваа серија без едноличниот глас на Серлинг кој нè воведува во секоја епизода, на почетокот не било така. Во првата (пробната) епизода гласот на раскажувачот бил на Вестбрук Ван Ворхис, но бидејќи биле незадоволни од тоа како звучел, компанијата CBS го заменила со Серлинг пред да се емитува првата епизода.

2. CBS не го сакале Серлинг како водител

Иако Род Серлинг недвосмислено е креаторот и творечката сила зад оваа серија, CBS немале интерес да му дозволат да ја води серијата. Нивниот првичен избор бил – никој друг туку – Орсон Велс. Но бидејќи тој им побарал многу пари, зделката со него пропаднала.

3. Стрипот ја надживеа серијата

Компанијата Gold Key Comics објави серија стрипови кои не само што ги претставија оригиналните епизоди туку го претставија и ликот на Род Серлинг. Стрипот ја надживеа серијата за речиси дваесет години, а Род Серлинг за десет години, а последниот број беше објавен во 1982 г.

4. Дел од епизодите биле снимани на видео ленти

Мрежата CBS решила дека мора да ги намали трошоците во втората сезона, па сметала дека најдобриот начин за тоа е снимање на одредени епизоди на видео лента наместо на филмска лента. Бидејќи видео лентата претставувала релативно примитивен медиум во 1960-те, нејзиното монтирање било речиси невозможно, што предизвикало дополнителни проблеми и морале да импровизираат.

5. Еднаш Серлинг ги поканил обожавателите да испратат сценарио за епизода

Оваа идеја денес можеби и нема да претставува некакво изненадување, во во 1960-те таа била новост. Канцеларијата на Серлинг добила 14 000 идеи за сценарио. Потесниот избор се стеснил на 500, а од нив, само две биле доволно добри. За жал, нив никогаш не ги снимиле.

6. Половина од екипата на Ентерпрајз се појавува и во „Зона на самракот“

Четворица од оригиналната постава на првата постава на „Ѕвездени патеки“ (Вилијам Шатнер, познат како капетан Кирк; Џорџ Такеи, познат како Зулу; Џејмс Духан, познат како Скоти и Леонард Нимој, познат како Спок) се појавуваат како гости во серијата. Сепак, глумата на Шатнер во епизодата „Кошмар на 20 000 стапки“ останува најзапаметена од сите.

7. Серлинг е меѓу најнаградуваните автори

Непресушната фонтана на идеи Род Серлинг и до ден денес останува еден од најнаградуваните сценаристи во историјата на телевизијата. За време на животот освоил 6 Еми награди, 3 Хуго награди, 2 Силванија награди, 2 Кристофер награди, Златен глобус, Лорел награда, Џорџ Фостер Пибоди награда, награда за ТВ сценаристи, награда од списанието Look, награда од Writers Guild на Америка, па дури и Харкурт-Брејс награда. Скромно од страна на типот чие лице CBS не сакале да му се појави на ТВ екранот.

8. Серијата има импресивна листа на гостувачки актери

Листата е долга и навистина полна. Затоа ќе споменеме само неколку имиња: Чарлс Бронсон, Ли Марвин, Денис Хопер, Барт Рејнолдс, Роберт Дувал, Тели Савалас, Мартин Ландау, Клод Аткинс, Мики Руни, Бастер Китон, Роберт Редфорд и многу други.

9. Првата епизода за серијата никогаш не била снимена

Првата епизода која се прикажа на телевизија не била првата епизода која ја напишал Серлинг, а која била отфрлена од страна на одговорните лица во CBS поради содржината на приказната – за едно општество во кое ги убиваат луѓето откако ќе наполнат 60 години – бидејќи ја сметале за премногу депресивна за гледачите.

10. Обиди за повторно снимање

„Зона на самракот“ досега преживеала три обиди за римејк откако заврши оригиналната серија – првиот во 1985, вториот во 1994 и последниот во 2002 г. Исто така, се појави и еден многу лош филм кој во 1983 г. беше продуциран од страна на Стивен Спилберг, но кој не постигна никаков успех.

Извор: blog.koldcast.tv