Страшна мутација

05.03.2019 21:28
Страшна мутација


На ранчот Бигелоу во државата Јута со децении се случувале чудни работи. Мутации кај животните, на пример. Имало дури и животни со човечка глава. Еднаш сопственикот на ранчот, Терја Шерман, бил нападнат од суштество со глава на волк и тело на коза. Шерман пукал кон чудовиштето но, за чудо, куршумите се одбивале. Бројни луѓе таму виделе мутирани животни кои веднаш исчезнувале. На коњот Снипо, на пример, му бил изваден мозокот без траги од операција. Затоа ранчот бил продаден на некој истражувачки институт за да бидат истражени тие страшни феномени. За жал, и до ден денес нема логично објаснување за чудните настани на ранчот Бигелоу.

Како што кај нас нема логично објаснување како е можно една партија да биде 17 години на власт со толкав мозок. Потоа, како тоа некои водачи да можат да владеат толку долго со човечките судбини, а притоа да не покажат резултати, морал, одговорност... Ама да имаат силен генетски код за мутација!? Едни такви политичари, низ годиниве, заедно со Груевски, јадеа мед, а за народот оставија силен отров. Со нивните постапки создадоа невиден егзодус на младите; затоа сега сме на пат да останеме земја на духови и фантоми. Младите стана редок вид во исчезнување. Нешто почудно и од Бигелоу!

Но, штом давате да ве владее таков мозочен квалитет, тоа е веќе ваш голем проблем. Ако активист или гласач го продава своето достоинство, а и иднината на своите чеда, за 1000 денари, колку што на денот на изборите добиваат некои луѓе за гориво и за евтин сок, тоа е веќе голема мутација. Тоа значи, или сте вљубени во својот џелат или се работи за извадени мозоци без операција! Како кај коњот Снипо! Па затоа сме чуден примерок на вид кој верува дека најлошите луѓе можат да создадат најдобри дела.

 

Мицкоски зрачи мутација

Мицкоски се закани со Чаушеску, со што се обиде да измутира два милиона мозоци – тоа што го видовме на 27 април се нема случено! Да направите Снипо-коњи од толку луѓе а самиот да останете човек - тоа е веќе вонземска генетика. Таков мутиран настап полн со екстремен гнев е или проблем на медицината или сериозен дефект на системот. Оти, ако се знае дека како власт добивате сè, а ептен ќе ви стане жал дури и ѓаволот да го видите во опозиција – тогаш тоа е дефект на системот (мутиран систем). А да граделе меритокрација и владеење на правото - сега ќе уживаа како опозиција. Деновиве власта беше оправдано критикувана од опозицијата за непотизам до колена, ама брзо се откри дека и самите опозиционери да ти биле до гуша во непотизмот. Во почетокот на 90-те години способни луѓе одбиваа функции сметајќи дека не се дораснати за таква задача; сега секој втор во државата си се смета за способен дури и за генерален секретар на ОН! Страшна колективна мутација!

Во услови на нормални мозоци Мицкоски ќе требаше да каже: бараме фер судење, заслужени казни за сите криминали и за 27 април, и изнаоѓање решение за СЈО. Тогаш ќе загубеше малку кај своите, но многу ќе добиеше кај неопределените. Но, тој пучистите ги прогласи за невини и жртви на „хунтата на Заев“. Самиот Мицкоски пресуди: „овие луѓе не се виновни“ оти се „апсени врз изјави на сомнителни лица“. А токму тие лица им беа недопирливи по институциите! Невини да ти биле и Спире и Трајко и Миле и Никола, ама „деспотот Заев кој го гледа својот крај“ е проблемот! Е ова ти е хипермутација. Ама има едно правило: ако сте станале власт поради тоа што сте го натерале народот да го загуби умот, лесно ќе може да завршите во затвор кога народот ќе го пронајде својот ум. А пораката на Мицкоски е: поддржете нè нас за да биде бетер од што било! Значи, нуди работа што уште од почеток стана ќорава, а бродот му оди кон опасен гребен.

Убиствена администрација

Студентите ги учиме дека администрацијата е професионален и ефикасен сервис на граѓаните. А тие во практиката го гледаат спротивното. Пак тука некоја мутација! Земјава има потреба од 70 илјади способни, а имаме двојно повеќе доминантно неспособни. Ова веќе станува рак-рана, кој развојот го прави далечна иднина. Двојна е загубата – плаќате човек во администрацијата за ништо, а истиот во стопанството ќе создадеше нешто. А башка тоа што синовите, ќерките, бабите и дедовците се во „дизел стилот“ на елитни плати!

Ако сакаме да го постигнеме неверојатното треба да го правиме невозможното, а тоа е воведување меритократски систем. Тогаш дипломата ќе стане форма, а знаењето содржина.

Токму поради тешката партизација, од средно развиена земја стасавме до светско дно. И генијалец да си, без врски си комплетно „без везе“. Погледнете го Либан, на пример, каде што 20 години се водеше граѓанска војна; за многу пократок период од нашата транзиција шесткратно го зголемија стандардот! А Либан е три пати помал од нас, иако има шест милиона жители. Еден Тајван кој е малце поголем од нашата држава, издржува 26 милиони жители со стандард седум пати поголем од нашиот! Виетнам од пустош, поради дваесетгодишна војна, стана економски џин, оти луѓето беа навикнати од ништо да создадат нешто. А кај нас е обратно. Ние, со ваква пирамидална администрација, со декади градена врз темели на жив песок, сакаме да направиме развој! Што е тука нејасно?

 

Инвестиции

Странските инвестиции не треба да бидат главни, туку внатрешните. Оти тие даваат мали плати, плус користат одредени привилегии, а башка што профитот го носат надвор. Ние треба да направиме сериозни оперативни проекти за автохтон развој на земјоделството, сточарството, енергетиката, селскиот и планински туризам, за експлоатација на термалните води итн. Македонија станува сѐ поголем увозник на храна, наместо да биде извозник. Несфатливо е за немутиран мозок при вакви идеални услови за производство да увезуваме храна за повеќе од 700 милиони! Имаме многу плодно земјиште, но неговата искористеност е намалена за една третина, наспроти порастот на државните субвенции. Исто така, експертите велат дека секоја година увезуваме струја колку што чини една средна хидроцентрала, а имаме толку неискористени капацитети!

Мора да имаме предвид дека производниот труд кај младите сега се третира како „срам“. Тоа значи дека сме уништиле еден човечки инстинкт, дека трудот е чест. Истите бегаат надвор и работат секакви ниски работни дејности, ама важно дека не ги гледа комшијата! Изгледа ни претстои мачна фаза за промена на свеста и лечење на мутираноста; но првин кај нас, а потоа кај нив.


Слики: Roby Dwi Antono
Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото