Продуховениот витал во кругот на животот

06.03.2019 04:08
Продуховениот витал во кругот на животот

(За филмската трилогија Кружно движење)


From Delight all these beings are born, by Delight they exist
and grow, to Delight they return…

                                                   Taittiriya Upanishad ( III.6.)

Високо сокол леташе,
високо со очи гледаше,
догледе моме на диван,
танка риза везеше
со два конца клободан*
со две игли сребрени!

(Високо сокол леташе, македонска народна песна)

Кога човекот на сите нешта што го сочинуваат животот им дава значење на нешто битно и убаво, тогаш хармонијата ја распространува во секојдневниот живот. Бидејќи во едноставните, секојдневни нешта, во милионите структури–души–светови е скриена неизмерна радост и задоволство.

Но, современата култура ги потиснува овие мали нешта форсирајќи екстремни задоволства со многу драма на (ниски) страсти. Јунаците на доброто постојано треба да се борат против екстремното зло за да се одржува тензична атмосфера! Современата култура е заситена со дуалистичка напнатост и е доведена до неподнослива биполарна конфликтност, а хармонијата на една убавина, која е дадена во посуптилна форма (во која не значи дека нема страст), малку ѝ е позната.

Секој момент е чудесен, но тоа човекот не го истражува и едвај го забележува сè додека не се напие кафе или со некој друг стимуланс не го интензивира, па така, макар за кратко, вистински го проживее. A сите стимуланси дејствуваат врз основа на истиот принцип – прво го креваат високо во егзалтации, а потоа го фрлаат во потиштеност. Се добиваат два екстрема, а се губи средниот широк нијансиран распон.** Секако, опкружувањето влијае човекот да се однесува така како што се однесува – му требаат силни стимуланси да се справи со многубројните стресови. Но, пак, многу од тие стресови самиот ги продуцира со лошите навики! Како и да е, да се гради културата значи да се влијае врз опкружувањето. Навистина, постои насушна потреба човекот да се повлече во тишината на контемплацијата за да ги продлабочи искуствата на суптилното живеење, во смирена радост, има насушна потреба да го открие своето поетско битие, богатата палета на чувства, внатрешната природа.

I. Вечното филозофско прашање

Ова наше постоење, овој наш живот, како што го гледаат ведантините*, не е обично постоење, уште повеќе, не е само борба да се преживее. Не е ни деистичка креација во која како искра блеснал првиот божествен импулс, а потоа сè е оставено на слепите сили на судбината, или на посилните и полукавите да го доработат „делото“. Според ведантините самата сушност на постоењето е свесност и блаженство. Или, самата свесност е постоењето, а нивната супстанца е ананда, блаженство, радост. Сат– чит– ананда , постоење – свест – блаженство е „таквоста“, трипартитната структура на тоа што é, според филозофијата на Упанишадите. Тројството е во фузија, бидејќи трите се аспекти еден на друг, не се аспекти на нешто четврто, значи, тие се во компактно и нераскинливо единство.

„Сета неограниченост, целиот бескрај, сета апсолутност е чисто блаженство (pure delight). Дури и нашето релативно човештво го има искуството дека сето незадоволство всушност значи ограничување, пречка, задоволството доаѓа со реализација на нешто што било одложено, со надминување на границата, совладување на пречката. Тоа е така бидејќи нашето изворно битие е апсолутот со целосно поседување на својата бескрајна и неограничена самосвест и моќ-во-себе; себепоседување чие друго име е блаженство (self-delight). И како што релативното го допира ова себепоседување, пропорционално тоа се движи кон задоволство, го допира блаженството.“ ( Sri Aurobindo, 2005:99)

Ако е така, ако сушноста на постоењето е блаженство, зошто човекот толку многу (треба да) страда? – е вечното филозофско прашање. Со векови човекот го измачува проблемот со злото, неговата неоправданост во божествената креација и прашањата околу теодицејата.

„Оваа древна теорија за космичкото потекло која е предадена во Ведантата веднаш во човечкиот ум е конфронтирана од две силни противречности, емоционалната и сензибилната свест за болката, и етичкиот проблем со злото. Оти, ако светот е израз на Сат-чит-ананда, не само на постоењето кое е свест-сила – што може лесно да се прими – туку и на постоење, кое е исто така бескрајно блаженство, тогаш како да го оправдаме ова светско присуството на тага, страдање и болка? Бидејќи овој свет побргу ни се претставува како свет на страдање отколку како свет на светлината на постоењето. Секако, овој став за светот е претерување, грешка во набљудувањето.“ (Sri Aurobindo, 2005:100)

Тој став е грешка во набљудувањето бидејќи човекот не живее во средниот широк нијансиран распон, туку постојано се фрла од едната во другата крајност. Секако, човекот не смее да ги затвори очите пред страдањето и болката. Тапоста, бесчувствителноста, инертноста се болести исто колку и мрзливоста! Но, исто така не се препорачува ни премногу да се оптеретува со барање филозофски објаснувања за страдањето, уште повеќе, кога за одговор се обраќа на погрешна адреса! Многу често вистинскиот одговор не го добива затоа што претходно добро не го лоцирал и не го дефинирал проблемот! Можеби, за промена, добро би било да ги заборави филозофските прашања и да се обиде да почне да ги истражува оние малечки нешта кои носат радост и што го доближуваат до една друга посуптилна реалност, реалност која оддамна ја заборавил, така зафатен со своите големи цивилизациски проекти и потфати, безмилосно уништувајќи ја планетата, а со тоа и сопствената витална енергија!

„Ако го набљудуваме смирено и само со прецизна и нетрогателна проценка, ќе откриеме дека сумата на задоволството од постоењето далеку ја надминува сумата на болката од постоењето – ако не се земат предвид некои посебни, индивидуални случаи – и дека активно или пасивно, на површината или подлабоко, задоволството од постоењето е нормална состојба на природата, а болката е спротивно пројавување времено суспендирајќи или прекривајќи ја нормалната состојба. Но, од истата таа причина помалата сума на болка нè погодува многу поинтензивно и секогаш избива повеќе отколку поголемата сума на задоволство; токму затоа што последново е нормално, па така не го истражуваме и едвај го забележуваме сè додека не се интензивира во некоја акутна форма, во бран на среќа, врв на радост или екстаза…( Sri Aurobindo, 2005:100)

Оваа древна филозофија, која секогаш го погодува средиштето на проблемите, нè поттикнува да се соочиме со нашата ситуација за да се запрашаме дали нешто не е во ред со нашите животни навики штом толку лесно можеме да бидеме извадени од рамнотежа? И, дали ние луѓето, воопшто, сме достигнале рамнотежа, хармонштија?** Сумата на задоволството (во малите нешта) е поголема од сумата на болката во постоењето – нè охрабруваат вечните вистини од зората на древните човекови знаења! Акутната болка и страдањето нè потсетуваат на потенцијалот кој го носиме, а не сме го реализираме во Сат-чит-ананда!

II. Болката и радоста – две страни на истата паричка?

Сè додека живееме игнорантски живот ќе страдаме и нема да прогледаме. За да прогледаме треба да се разбудиме. Еден од одговорите на вечното филозофско прашање кое си го поставува и современиот човек е во задушениот витал, уморот од „цивилизацијата“, негативната енергија која не се труди (ниту знае како) да ја преобрази, инертното или премногу брзо однесувањето (пак, нерамнотежа). Ако сите фини прелевања на боите и чувствата кои се менуваат со годишните времиња, со денот и ноќта (за што совршен усет имаат развиено источните народи, особено Јапонците), не се дел од неговиот живот, неговиот витал е осакатен, а врската со планетата Земја прекината. Тоа осакатување на виталот е една од големите причини за неговото страдање. Задушениот виталот го разболува телото, телото станува тапо и тромаво, душата потиштена, а умот мрачен и затворен.

Лекот за многу, ако не и за сите, болести е во обновување на елан-виталот!

Кога воспоставуваме вистинска врска со природата, односно со својот сопствен витал, тогаш се нурнуваме во длабок и темелен мир. Дали прородата, панетата Земја, Геја, бидејќи нè смирува, ослободува и возвишува, е едно врвно уметничко дело? Бидејќи, така благопријатно на нас дејствува и уметничкото дело – нè ослободува, возвишува или смирува!

Значи, голем дел од решението на проблемот што го тишти човекот е во обновување на виталната енергија и со вдахнување живот во милионите структури на малите нешта што го опкружуваат. Тој панпсихички светоглед, тоа органско вмрежување е новото ткиво што се ткае (и не само сега) како уметност на живеење и како амбиент за творење. Во едноставните нешта е вистината, во секој момент. Луцидно забележување на битноста на секој момент, битноста на обичните, мали нешта што го исполнуваат животот со радост е суштината на зен-естетиката. Зенот е амалгам на најубавите искуства на кинескиот таоизам, индискиот будизам и јапонската шинто религија, затоа зен-културата е толку префинета, а сите нејзини производи (и самиот човечки живот како уметност) доведени до перфекција.

Во животот милиони нешта причинуваат радост, исто толку болка и тага. Зенот нè учи дека уметноста на живеење не се состои во избегнување на болката или во грабање на радоста и среќата.

Тоа балансирање на јин и јанг во Тао, два пола кои се вткајуваат еден во друг, ја дава мудроста на јасното гледање на нештата, такви какви што сé. Освен овој поларитет, постои и динамичното сеопфатно опсервирање во единство, кое ги трансцендира двете (во убавината – Тао). Значи, во бројот три е хармонијата; „третиот елемент“ (е возвишената убавина која) создава хармонија, бидејќи спречува радоста да премине во преголема егзалтација, а болката во сентименталност или самосожалување. Три е небо, земја и човек, како што се означени во приказот на цветниот аранжман на икебаната. Во икебаната или во аранжманот на карпите во зен-градината има три елементи или еден кој во себе има вградено и симболизира три аспекти. Во овие симболи се трите основни принципи: хоризонтала–земја, вертикала–небо, дијагонала –човекот (Nitschke, 2007: 25). Три го оформува кругот на хармонијата.

Уметноста на балансирање е влегување во креативна динамична игра, одбегнување на крајностите кои секогаш се причина за сите наши неволји. Асиметрија, едноставност и и „несовршеност“ во спонтаноста, „случајните“ елементи, се карактеристика на зен- уметноста и се во есенција на сите уметнички облици кои се под името зен.
Хаику песната е момент на едно вдахновение – круг на хармонија меѓу три елементи: внатрешното битие и светот и релацијата меѓу нив. На сите тие искуства резултат е радоста. Радоста или болката, бидејќи ќе згрешиме ако кажеме дека едното постои без другото, се две состојби кои наизменично се менуваат во расположението на поетот. Тие се прелеваат како боите на виножитото при што во различни периоди од годината или во едно деноноќие, доминира едното или другото како специфична боја и енергија.

III. Камилицата и кандилото од моето детство

Зенот е универзална естетика, бидејќи се занимава со општочовечки вредности и носи решние за проблемите на современиот човек преку уметноста на живеење во склад со природата и во единство со малите едноставни префинети нешта. Секоја национална култура се состои од амблеми – екстракти на емоции што се сочувале како најубави сеќавања во творештвото, обичаите и културата на живеење. Виталните екстракти од детството ќе бидат сочувани и ќе го хранат човекот до крајот на животот. Јас, како дете, летата ги поминував во куќата на баба ми во Ресен. Она што како златна нитка се провлекува до денес во моите сеќавања е мирисот на камилицата што растеше во дворот и малото кандило што секогаш гореше пред иконата. Виталноста на овие сеќавања е жива и полна со духовен набој и често ми го подобрува расположението во тешките моменти.
Најбитно за една култура да остане жива е продуховениот витал да се развива во
континуитет. Продуховениот витал сублимира екстракти – искуства со особена естетска нота, го обновува живото ткиво во склад со потребите и импулсите на новото време, буе и цвета и не смее да ја изгуби својата фина изворна природа, симболиката, значи, не смее да премине во својата спротивност, во крут стереотип – миметичко повторување.

IV. Златната нитка во трилогијата анимирани филмови Кружно движење

Во слични размислувања и емоции се втопени и дејствијата во македонските анимирани филмови од трилогијата Кружно движење. И во нив како да се провлекува мирисот на камилицата и придушениот пламен од кандилото. Симболите што се јавуваат: садница, фиданка, сенка, разиграно дете, селанка, селска идила, езерото, трските, самовилите, птицата, рибата, мајката, монахот, во себе имаат повеќеслојно значење, вдахновени се со суптилна енергија во тр(е)пе(т)ливо пулсирачко ткаење на чувството, како во народните везови. Спецификата во анимираната орнаментика, односно самиот цртеж, патината, карактерот на писмото, произлегуваат од спецификата на јазикот на една култура, и душата на уметникот – цртачот, композиторот на музиката, сценаристот, режисерот, монтажерот итн. Синергијата во екипата го дава резултатот – уметничко дело на една граѓанска култура.
Според еден од сценаристите Александар Прокопиев, дејствието во анимираните филмови се случува во два паралелни простори, низ дихотомијата култура/природа. На градот Скопје контрапунктни простори се гробиштата, на селото – градот Битола, а на манастирот – езерото. Низ релацијата на овие паралелни реалности се развиваат емотивните и душевните пораки.

IV.1. Во Скопје – тага (Кружно движење на сенката)

Во првиот филм Кружно движење на сенката се обработуваат емоциите болка и тага од губитокот на милото. Сценариото, инаку работено според истоимениот расказ на Димитар Солев, е прекодирање на книжевниот наратив во нов медиум – анимирани подвижни слики, при што се среќаваат нови елементи: играта на сенката на синчето и трансформацијата на човекот во дрво.
Болката и тагата пуштаат ластари, копаат и риат. Од садницата, уште непосадена, се извиваат ластари и лисја. На тагата како контрапункт ù одговара разиграноста на детето (елан-виталот) во сеќавањето на неговите блиски. Како негова сенка. Колку повеќе тагата се развива, станува општо манифестирана емоција – култура на тагување, што се потенцира со музиката на контрабасот и фонот на тажачката. Душевната состојба на протагонистите гради тријаголник (или круг) низ градација на чувството: од тага во длабока болка кон разрешување – во тишина и смирување.

Тоа најекспресивно се изразува со орнаменталните вегетативни мотиви во цртежот – импулсот на раст и буење во растителниот свет и постојаното кружно обновување на животот. Како да се сака да се каже дека само тишината на растенијата – дрвјата и нивното тивко растење, надолу со корењата (во почвата на националната култура), и нагоре, со гранките извишувајќи се во небото (на духот), можат да ја стивнат вечната болка на човекот. Виталот така доживеан носи духовна сатисфакција, се достигнуваат нивоа кои човекот го ослободуваат од тагата, го смируваат. Затоа тагувањето, како обичај после смртта на некој близок, е процес со кој од физичко постоење се преминува во сеќавање, низ ревитализирање на духовното.

Кулминација на емоцијата, воедно, разрешувањето на болката и тагата, се случува кога посаденото дрво ќе пушти длабоки корења и ќе срасне со човекот. Кога човекот ќе се слее со срцевината на дрвото што од дамнина „расте на сува рида во вишината“ (Ацо Шопов, Дрво на ридот). Оти, „од дамни дамнини расте ова дрво на сува рида без вода/ со гранки раскрилени ко птица далдисана во летот./ Високото сонце го заслепува од својот усвитен светлосен одар,/ но во него шуркаат сите живи сокови на светот.“

И, не е ли злодело кога тоа повеќегодишно дрво, кое одамна тука било пред нас, и кое со себе ги носи сеќавањата за изминатите времиња, ќе го исечеме без трунка чувство? Како што по ред до корен ги сечеа дрвјата во Скопје изминатите години? На нивно место се садеа млади садници – свесно или несвесно како да сакаа да го означат почетокот на „новата историја на Македонија“. Да, безмилосно се сечеше, се бришеа сеќавањата за едно време. Сосекување на стеблото, да не може да пушти млади фиданки. Напоредно со тоа сосекување, и како симболички и како фактички чин, се изведуваше урбанистички геноцид на градот Скопје. Затоа Скопје уште долго време ќе биде многу тажен град. Виталот пак му е оштетен. Земјотресот беше природна катастрофа со која некако се помиривме, но со човечката катрастрофа не можеме да се помириме.

IV.2. Во Битола – радост (Кружно движење на Марето)

Во вториот филм од трилогијата, Кружно движење на Маре, превладува друго расположение. Нема траума како во првиот филм, туку мирна селска идила која се слева
со градот Битола. Врската меѓу селото и градот не е прекината, традицијата е сочувана и едното се храни со другото.

Селото е блиску до градот, па може дури и пешки да се стигни во него (или со велосипед!) – фантастично прелевање низ близината. Маре се шета низ градот, по улиците на чаршијата, ужива и подзастанува чудејќи се на откритијата на модерното време. Нешто интересно се случува во фотографското студио! – љубопитно ѕирка низ излогот. Маре момиче убаво за прв пат влегува во киното. (Секој пат врвиш крај мене/ Маре момиче убаво./Со скромно црно фустанче,/Со бело цветје на гради./И секош ко да поминиш/Со смејејне ми се опулвиш./ Маре мор, лично, убаво,/Очите твој се жив пламен./Очите твој се жив пламен,/Опулот твој је жив огон...(Радослав К. Петковски, Маре, момиче убаво)) Таа е воодушевена, маѓепсана од подвижните слики на филмот.

Во средбата на старото – традицијата и современото, руралното и урбаното, низ ликот на Маре, кругот се затвора во сцената со бабичката која преде волна која девојката ќе си ја препознае (сцена од филм на браќата Манаки ). Инаку, во филмот мајсторски се интегрирани оригинални снимки – фрагменти од документарни филмови на браќата Манаки од Битола, првите кинематографи на Балканот. Лицето на девојката ќе го озари радост и светлина, со што дејствието достигнува кулминација кога ќе си ги препознае своите мили кравички на екранот!? Ќе им довикне „ојс“ , за момент заборавајќи дека е во киносалата, а не на нејзината ливада... Тријаголникот на душевната состојба на Маре го градат рутинската секојдневна работа на село преку искусеното чудо во киното, кое ќе ја воведе во светлината на уметноста на подвижните слики.

Многу фини споеви и прелевања на природата и градот, испреплетување на традицијата и новото време! Токму тоа што е потребно за стилизација на одредени традиционални форми во освежување на културата (на пример, стилизација во дизајнот, со извлекување на карактеристични мотиви од фолклорот, растителни или геометриски). Мирисот на камилицата и на стотици други ливадски цвеќиња се присутни низ ликот на младата селанка. И без боја во цртежот, обоеното чувство суптилно трепери.
Филмот треба да нè потсети дека токму обратното се случува(ше) во Македонија: селата се напуштени, во чаршиите згаснуваат занаетите, со што во неповрат се губат традиционалните елементи, екстрактите, амбиентот и особеностите кои ја правата една култура автентична, интересна, жива. И дека крајно време е да се обнови таа врска низ еден нов современ пристап.

IV.3.Крај Охридското езеро – тишина, смирена радост и блаженство (Монахот)

Третиот анимиран филм од трилогијата Кружно движење – Монахот, го открива третиот елемент неопходен да се оформи кругот на хармонијата. Третиот елемент е трансценденција во смирена радост и блаженство. Потребна е осама за да се стиши големата бучава од секојдневниот живот, да се вложи соодветен напор и низ контемплација и молитва да се досегне внатрешната тишина.

Сино езеро, мала црквичка во карпата, тишина во шумот на брановите и трските, природна убавина на органското во фузија со апстрактната убавина втисната во вечните карпи на црквичката е возвишениот амбиент за да медитира монахот и да ги вдахне екстрактите на битието на земјата, духот и виталот на една култура низ чинот на сликање икона. Но, и покрај сè, нешто недостасува! Весла монахот по езерото на својата меланхолија, но не може да „довесла отаде“. Како да му недостасува инспирација.

Преминот од реалистичка приказна во бајка за езерките е во функција на поврзување со природниот изблик на женската енергија неопходен за инспирација. Езерските самовили во паганската традиција се симбол на женскиот принцип што се бунтува против патријархалните стереотипи.

И во овој анимиран филм душевната состојба на протагонистот – монахот гради тријаголник (или круг) низ градација на чувството: 1. меланхолија 2. вдахновение 3. блаженство. Повторно го имаме бројот три во реализацијата – три девојки – самовили: првата самовила се преобразува во птица и одлетува во високи висини, втората во риба – се нурнува во езерските длабоки длабочини, третата – во мајка леунка, топлина и милосливост. Еротското се сублимира во духовна возбуда.* Тоа е третиот принцип – ананда, блаженство (delight, bliss) од трипартитната структура на „таквоста“ на стварноста – Сат–чит–ананда.

Така монахот спознава која е клучната икона за неговата црква: „Ти немај зазор од мојве очи/ кога те следат со тажна верност,/ тие се скромни зографи само/ тие се мајстори кротки од Гари / во чудно дело внесени сосем:/ тие ти коваат позлатен опков/ околу твојата светла лика“ (Блаже Конески, Икона).

Клучната икона е Божествената Мајка. Божественоста мајка како симбол на самата креација е поле на милост, сочувство, љубов, грижа. Води кон интуитивно спознание, кон надумот и духовната полнота. Мајка, надум, интуиција го означуваат истото во разни аспекти на она на што му го дадовме името идеал. Круна на духовниот пат е спознавање на врвниот аспект на божественоста – безусловната љубов на мајката.

Подвижните слики во филмовите вибрираат, треперат, пулсираат и тоа е постигнато со една посебна техника во анамирањето. И покрај тоа што се создадени во црно-бела техника, бојата на чувството провејува. Може да се каже дека токму нејзиното неприсуство уште повеќе ја потенцира широката палета на обоени емоци. Продуховениот витал и без боја е силно изразен и затоа треба да им се честита на авторите кои идеите ги реализираа солидно и покрај опасноста од монотонија. Со Монахот целото дело (трилогијата) созрева во чисто блаженство (симболизирано со златната боја која единствено тогаш се појавува, како аура на иконата на крајот од филмот), изблик на радост која не е само опозиција на тагата, туку е славење на животот и триумф над смртта.

Заклучни согледби

Една национална култура не може да опстои ако нема виталност која се обновува во склад со духот на новото време. Уметничкото дело се создава како автентичен изблик на чувството, на префинетиот сензибилитет на уметникот. Токму такви уметници ѝ се потребни на оваа земја ако сакаме да ја сочуваме културата. Националната култура треба да ги препознае, да ги поддржува и да ги помага овие уметници.

Нити духот нити виталноста ниту ткивото што се ткае со двата конца – клободан, со двете игли сребрени (радоста и болката), можат да се имитираат или да се креираат по нарачка. Уметноста и културата не може да се нарачуваат по нечиј вкус, а кичот да се прогласува дури и за национално културно наследство. За жал, во Македонија токму тоа се случи и ќе биде потребно да се вложи огромен напор за да се неутрализираат последиците од таквите дела, секако, ако сакаме да опстоиме како автентична култура, а не како имитатори и/или спроведувачи на налудничави идеи на некои политичари. Направена е огромна штета, а претстои уште поголема работа за да го спасиме чувството за малите нешта, кое беше смачкано од мегаломанските „проекти“, гротескни во својот анахронизам и апсурдност.

Трилогијата анимирани филмови Кружно движење, носи елементи од зечетоците на нашата граѓанска култура (првото кино на браќата Манаки, еклектичките архитектонски градби во Битола, модата од тоа време), но и дава фини прелевања на урбаната и руралната средина (селото и градот Битола) и човекот, природата и традицијата (во Скопје симболот со сраснување на човекот и дрвото) и сакралните места вгнездени во најубавите катчиња крај езерото (црквичката во карпите на Охридското Езеро со монахот; елементите земја, вода, оган, воздух, етар и вистина и светлина и монахот), превреднување

на женскиот принцип за надминување на патријархатот (Маре момиче, трите самовили – езерки, леунка, Божествена Мајка). Насушна е потребата за ревитализирање на духовните и граѓанските вредности во нашата заедница, преиспитани и стилизирани според современите потреби. Македонија има одлични уметници со сенс за битните (мали) нешта кои ја прават културата. Тој факт како вистинско освежување го покажува и докажува трилогијата анимирани филмови Кружно движење.

Сепак, не е доволно една земја да има само добри уметници, туку непходен е и културен амбиент кој ќе биде стимулативен и инспиративен за нивната работа. Тој амбиент како да се гради сега, низ многу мака и преку едно ново будење.

Будењето значи да се верува во својата визија и духовна сила, да се верува во сопствените чувства, во љубовта. Суштински момент во будењето на човекот е кога ќе согледа дека во неговата перцепција на светот постои дефект што е резултат на строго дуалистичкиот образец (и патријархален) според кој бил воспитуван. И затоа тоа будење не секогаш е пријатно. Но, дуалистичкиот стил на живеење не е суштината на нашата духовна традиција. Ако успееме да го победиме дуалистичкиот светоглед во корист на три е прв голем успех. Втор голем успех на патот на нашата слобода и вистинско будење е низ возобновување на изворната духовност да се надмине заблудата околу моќта на лажните авторитети во корист на моќ на психички–духовното битие, моќ која тивко ги придвижува нештата одвнатре! Тоа, според мене, е моќна на малите нешта, не на грандиозните.

Во споменатите компаративни примери на духовни традиции: кај Ведантата со концептот Сат–чит–ананда, во естетиката на зен-будизмот, во христијанската изворна духовност, се проткајува златна духовна нитка. Златната духовна нитка нè држи во средината, во баланс, каде што и покрај тоа што болката и радоста лесно преминуваат едното во другото, се избегнати драстични крајности, со тешки конфликти, исклучувања и ломови. Радоста и тагата понекогаш преминуваат во три – духовно блаженство.

Златната духовна нитка во ткивото е симбол на живеење живот со полни гради и холистички, симбол е на креативниот принцип кој исполнува со топлина, радост и сигурност. Концептот безброј во едно е став на соработка, сочувство, емпатија и љубов, а не на агресивност, алчност, посесивност, значи, не е израз на биполарен концепт во кој јас (его) сум наспроти остатокот од светот кон кој постојано имам некаков калкулантски однос – како повеќе да се зграби, како повеќе да се има добивка без да се води сметка за другите. И, националната култура е вистинска култура кога го храни тој вредносен систем (безброј во едно) и кога е израз на душата која ја реализирала холистичо-пантеистичката филозофија и древна мудрост.

Колку е поширока хоризонталата во концептот безброј во едно и без екстремни антагонистички крајности и ломови, толку е поголема вертикалата на остварени духовни (универзални) вредности. Се разбира, и дуалитетите што постојат служат како силни акценти и стимули – заради законот на контрапунктот, и, како такви се добри, доколку не ја кинат златната нитка...

Авторка на двете хаику - максима песни е Драгана Евтимова, цртежите (освен од анимираните филмови) се на Татјана Миљовска.
Текстот е објавен во списанието за компаративна книжевност и културолошко истражување „Контекст“ бр. 17/2018.

*Клободан – срмен ширит што служи за украсување на народна носија. Срма– сребрен конец кој се употребува во кујунџинството и за везење. (Дигитален речник на македонскиот јазика)
**Во таа смисла може да се пренесе искуството со макробиотиката каде што сите продукти кои се екстремно јин и јанг значи влегуваат во категоријата на стимуланси. Тие се на крајот на табелата на продукти лево и десно и се причината за дисхармонија и болест. Според оваа наука продуктите што се во средината на скалата хармонично дејствуваат кога се консумираат.
*Ведантини се приврзаници на Ведантата, односно Упанишадите – филозофскиот дел од древните Веди.
**Целокупната состојба во која се наоѓа светот, вклучително сите конфликти по било кој основ, се резултат на нерамнотежа, дисхармонија.
* Секако, доколку се случи просветлување, а со тоа и созревање на личноста, значи, надминување на едиповиот комплекс.

Анимирани филмови:

1. Кружно движење на сенката. FlipBook Productions, 2013. Режисер: Жарко Иванов; сценарио: Александар Прокопиев; главен аниматор: Александар Зафировски; аниматори: Крсте Господиновски, Илија Прокопиев; музика: Оливер Јосифовски/ вокал: Вера Милошевска.

2. Кружно движење на Марето. FlipBook Productions, 2015. Режисер: Жарко Иванов; сценарио: Ж.Иванов & А.Прокопиев; директор на анимацијата: Крсте Господиновски; аниматор: Александар Зафировски; музика: Оливер Јосифовски (пијано: Васил Хаџиманов & Димитар Бодуров, бас: Оливер Јосифовски, вокал: Вера Милошевска). < https://vimeo.com/145802382 пасворд: maryroundtrip >

3. Монахот. FlipBook Productions, 2018. Режисер: Жарко Иванов; сценарио: Ж. Иванов & А. Прокопиев; директор на анимацијата: Крсте Господиновски; главни аниматори: К. Господиновски, Викторија Динева, Гоце Господиновски; музика: Оливер Јосифовски, Љубојна; дополнителни вокали: Анета Русовска, Анета Аневска.

Литература:

Sri Aurobindo. The Life Divine, Pondicherry: Sri Aurobindo Ashram Press, 2005.
Бисеро моме, Бисеро, (Македонска љубовна лирика, книга II; избор – Илија Велев), Скопје: Култура, 1990.
Евтимова, Драгана. Пеперутка (избор на www.okno.mk ). 23.04.2010. < http://okno.mk/node/5335 > ; Секоја боја има своја душа во природата (избор на Татјана Миљовска). 04,02,2014.
< http://okno.mk/node/35252 >
Конески, Блаже. Волкот на љубовта (Македонска љубовна лирика, книга IV ), Скопје: Култура, 1990.
Љубовна народна поезија, (Македонска љубовна лирика, книга I ; избор – Душко Наневски), Скопје: Култура, 1990.
Миљовска, Татјана. „Зен – универзална естетика“. 12.11.2014. 6 страни. Објави: www.okno.mk
< http://okno.mk/node/42225 >
Günter Nitschke. Japanese gardens ( Right Angle and Natural Form), TASCHEN, 2007.
Шопов, Ацо. Поезија (приредила и предговор Катица Ќулавкова), Скопје: Македонска книга, 1993.


ОкоБоли главаВицФото