Менструацијата секогаш е политичко прашање

07.03.2019 02:27
Менструацијата секогаш е политичко прашање

Просечна жена во текот на животот има менструација 2535 денови. Тоа се речиси седум години, време во кое мора да си обезбеди влошки или тампони, да најде заменско решение ако ги нема и да ја менаџира болката и непријатноста.

И во последно време, жените - и трансродовите и небинарните луѓе кои имаат менструација - зборуваат за тоа во јавноста повеќе од кога било досега. Постојат нови производи и услуги на пазарот, од менструални чаши до специјална долна облека, медицински канабис и „тренери за месечен циклус". На глобално ниво, застапниците се залагаат за признавање на правото на жената достоинствено да управува со својот месечен циклус. И во Соединетите американски држави, активистите во јавната дебата го воведуваат концептот на „менструална еднаквост".

Терминот „менструална еднаквост“ реферира на еднаков пристап до хигиенски производи, но и образование за репродуктивното здравје.

Застапниците исто така ги повикуваат државите да ги ослободат менструалните хигиенски производи од данок, тврдејќи дека тие се неопходност. И тоа е во фокусот на различни нови закони и политики за да се обезбедат менструални производи во затворите, засолништата, училиштата, па дури и на Капитол Хил.

Чест рефрен: Зошто тампоните се оданочуваат, а виаграта не?

Зголемената медиумска покриеност и неколку настани што беа во фокусот на јавноста - како крварењето на Киран Ганди кога трчаше на чело на Лондонскиот маратон во 2015 година и реакцијата на социјалната мрежа Инстаграм со бришењето на фотографијата со дамката крв - ја забрзаа промената.

Во јуни, 2018 година, британската парламентарка во Долниот дом објави дека има менструација, за да укаже на „менструалната сиромаштија".

Конгресмен од Њујорк неодамна влезе во расправија со администрацијата околу тоа дали може да потроши 37,16 долари за тампони за неговите вработени и посетителки.

И Индија го елиминираше контроверзниот данок од 12 отсто на хигиенските влошки по кампањата во која учествуваа познати личности. Канада, исто така, го укина данокот за продажба на таквите производи во 2015 година.

За што се застапуваат кампањите за женско здравје?

Борба за еднаков пристап до производи за месечен циклус

Законите во неколку држави сега овозможуваат пристап до менструални производи во воспитно-поправните установи, засолништата и училиштата. Двата закони за реформа во затворите, кои се поддржани и од Белата куќа, вклучуваат одредби за пристап до менструални хигиенски производи. Ова се случува по жалбите дека затворите не ги обезбедуваат овие производи, Министерството за правда им нареди на федералните затвори да им обезбеди на затворениците бесплатни менструални производи.

Демократката Греј Менг од Њујорк, членка на Претставничкиот дом поднесе два поврзани предлог закони. Едниот има цел хигиенските производи да ги направи подостапни, делумно овозможувајќи им на вработените да користат флексибилни сметки за оваа намена, компаниите со повеќе од 100 вработени, на своите вработени да им ги овозможат бесплатно. А според вториот предлог закон, производителите ќе бидат должни да ги откријат состојките во овие производи.

Интересот за оваа тема секојдневно се зголемува. Во суштина се работи за достапност и еднаквост“, вели Менг.

Истиот аргумент го изнесе конгресменот Шон Патрик Малони, демократ од Њујорк, кога администрацијата на Конгресот му нареди да ги врати парите со кои биле купени тампони за вработените во неговиот кабинет.

Парите биле одземени од сметката на Малони, но тоа не го спречи него и Менг да напишат писмо до спикерот на Конгресот, Пол Рајан.

„Ви аплаудираме што ни овозможивте бесплатна тоалетна хартија и ве охрабруваме да отидете еден чекор понатаму и да овозможите достапност до женските хигиенски производи“, пишуваат тие.

Притисок за се стави крај на данокот за тампони

Во изминатите две години, државите Њујорк, Флорида и Конектикат ги укинаа даноците на промет за хигиенските производи за месечен циклус. Со тоа бројот на државите кои го задржале овој данок се намали на 36, но закнодавците во 24 од овие држави веќе имаат поднесено предлог закони за укинување на овој данок.

„Со ова менструалната еднаквост и здравје ќе бидат истакнати од двете партии и ќе станат јавни. Според мене тоа е навистина охрабрувачки и значајно, рече Џенифер Вајс-Волф, авторка на книгата „ Periods Gone Public“ од 2017 година.

Силни движења ширум светот

Слични напори се прават и во светот. Во Британија, каде што кампањата за укинување на данокот беше делумно преклопена од дебатата за Брегзит, Лаура Корјтон, млада британска активистка, ја започна петицијата наречена „Стоп за оданочувањето" во 2014 година и собра повеќе од 300.000 потписи.

Но, законодавците не можеа да го укинат данокот поради правилата на Европската унија, и оваа кампања стана место за собирање поени на кампот кој беше за Брегзит. Пратениците ветија дека ќе го укинат данокот откако ќе заврши Брегзит. Дотогаш, даноците за менструалните производи се дел од посебен фонд за здравјето на жените.

Канада, исто така, го укина данокот за продажба на овие производи во 2015 година, а во Австралија сè уште трае битката за укинувањето на данокот.

Хулита Онабанџо, регионален директор на Фондот за население на Обединетите нации во источна и јужна Африка, вели дека постои заложба за застапување околу менструалниот здравствен менаџмент.

Во мај, минатата година организацијата беше домаќин на првиот регионален симпозиум за ова прашање, со лидери од локалните власти и претставници на невладиниот сектор.

Некои земји во регионот направија смели потези: Кенија и Уганда го укинаа данокот за продажба на производи за менструална хигиена, додека Зимбабве ги субвенционира локалните производители. Кениската влада, исто така, обезбедува финансирање за влошки во училиштата.

Но, д-р Онабанџо предупреди дека пристапот до производи е само еден од факторите за подобрување на состојбата. Исто толку важни се и чистата вода и санитарните услови, информациите и медицинскиот третман. Сиромаштијата, се разбира, во голема мера ги отежнува напорите за менаџирање со месечниот циклус со дискреција и достоинство. А некои симптоми, како што се тешки крварења или големи болки за време на менструацијата, може да укажуваат на посериозна состојба која бара лекарска помош.

Девојките и жените ширум светот, исто така, се соочуваат и со културна стигма, срам и социјална изолација. Во неодамнешниот извештај објавен од агенцијата на д-р Онабанџо се нотира дека девојчињата во некои земји се откажуваат од одење во училиште затоа што не можат да управуваат со нивниот циклус, понекогаш и само поради реакциите од нивните врсници.

Уште повознемирувачки се извештаите од Кенија, според кои посиромашните девојки тргуваат со секс за да си дозволат влошки, што ги прави ранливи и поизложени на сексуално преносливи болести.

„Навистина сакаме да обезбедиме напредок, бидејќи ова е прашање е од областа на сексуалното и репродуктивно здравје и права", вели д-р Онабаџо.

Можат ли технолошките иновации да го решат проблемот?

Нови производи и услуги ветуваат дека месечните циклуси ќе бидат помалку напорни, од апликациите за следење на циклусот и обука за исхрана и самопомош, до предмети како што се еколошките влошки, апсорбирачка долна облека и менструалните чаши.

Креаторите на популарната апликација „Clue“ велат дека имаат 2,5 милиони корисници во 180 земји и споделуваат анонимизирани податоци со истражувачите на здравјето на жените од врвни универзитети.

Производителите работат на следната генерација на помагала. Креаторите на „Ливија“, електричен стимулациски уред, кој се рекламира како „исклучувач за менструална болка", собраа нарачки во вредност од 1,7 милиони долари  на една интернет страница. Други, пак, препорачуваат акупунктура, лековити растенија, медитација и масажа.

Чиди Коен, основач на LOOM, центар за репродуктивно здрaвје во Лос Анџелес, смета дека дебатата околу ова прашање е позитивна, бидејќи, како што вели: „сите ќе научиме повеќе за женското здравје“.

Слики: Franziska Barczyk

Извор: The New York Times

 

ОкоБоли главаВицФото