Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (26)

07.03.2019 16:48
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (26)

Билјана Tинтоска, Овде или во вечноста?(Матица македонска) 

„Голема е разликата меѓу фактот: дали човекот е во
пустина или пустината е во човекот“.

Излезе од пасошката контрола со оваа мисла што го оптоваруваше за време на целото патување. Со неа го прими багажот, својот единствен и не многу голем куфер. Го зеде куферот и излезе од вратата на аеродромската хала. Застана... да се одмори и да вдиши малку воздух. Одамна не го беше почувствувал неговиот вкус. Не паметеше од кога. Познатиот и драг вкус му ги рашири ноздрите и како да му даде сила. Како крвта побргу да му протече по вените.

Некаква слатка топлина го обзеде... пријатна, позната, одамна непочувствувана. Тоа го натера брзо да размислува. Со што ќе оди кон градот? Не му се јави на татка си... Татко? Се сепна на помислата на овој збор и тоа како да го отрезни од опиеноста од пријатниот топол здив на родниот град. Реши да побрза, да не губи време, оти секој миг беше драгоцен. Требаше да го пронајде татка си и да го подготви за неочекуваната средба.

Забележа такси, мавна со раката, а возачот го доведе црвениот автомобил пред неговиот куфер. Таксистот излезе од автомобилот и го отвори багажникот. Го зеде куферот и го стави внатре. Потоа сакаше да му ја отвори предната
врата, но тој со брзи и елегантни движења, типични за млад човек, брзо седна на задното седиште. Имаше навика никогаш да не седнува напред во такси. И самиот не знаеше од каде му е таа навика. Нина постојано се шегуваше со него за ова, но тој секогаш го правеше истото. Возачот го зазеде своето место, се врза со коланот, се сврти, му се насмевна и му се обрати:

– Повелете! Каде ќе одиме?

– Карпош II, кај „Симпо“ – гласеше одговорот.

Возачот тргна и се обиде да започне разговор со него. Но, залудни беа неговите напори. Тој одговараше културно, ама кусо, речиси одвај. Како да не сакаше со никого да го дели својот поглед надвор, накај градот. Одвреме-навреме, со шамивче го бришеше испотеното чело, иако не беше толку топло. Го соблече елегантното сино сако и ги свитка ракавите од кошулата. Возачот во ретровизорот ги гледаше неговите долги, елегантни, некако господски прсти, како на пијанист, како ги свиткуваат ракавите на темносината кошула. Го пушти клима-уредот. Тој го забележа тоа и му се насмевна на возачот. На образите му се обликуваа дупчиња. Потоа му се заблагодари. Така потече и нивниот разговор. Тој го праша возачот колку чини патот до кажаната дестинација, не за друго, туку некако да го започне разговорот и да го поправи своето молчење. Инаку, по природа воопшто не беше молчелив. Беше многу комуникативен и разговорлив, и со млади и со стари. А сега и самиот не знаеше што му е. Се чувствуваше некако чудно, не можеше и самиот да си објасни. Сега и возачот се охрабри. И тој не сакаше да биде наметлив. Ама нешто го влечеше кон ова момче на речиси негова возраст. Како да имаше чувство дека ќе се спријателат. Не му кажа за цената. Го праша од каде доаѓа.

– Од Германија – но веднаш потоа додаде: – Од Минхен.

Весна Здравковска-Трајковска, Души близнаци 11:11 (самостојно издание)

Судбината затропа на вратата на Лијана. Еден темен и студен октомвриски ден на нивната врата затропа странец. Есенските лисја се ронеа од дрвјата, а природата се подготвуваше за мирен и тивок зимски сон. Тој ден како да го отсликуваше кобно претчувство што се јави во душата на Лијана и со кое што се пробуди тоа утро. Телото и срцето и беа студени, а во душата нешто ѝ се ронеше, исто како што се ронеа есенските лисја под студеното време. Целиот ден ништо не можеше да ја стопли, а таа се влечкаше низ куќата како да носи цела планина на рамената.

Беше доцна попладне кога дојде непознатиот човек и ги побара нејзините родители. Како и обично татко и не беше дома. Нејзината мајка топло го прими странецот како што доликува на жена домаќинка и му кажа дека сопругот можеби ќе дојде дури пред спиење. Странецот љубезно се извини и ѝ рече дека ќе зборува со газдата на куќата и дека за таква суштинска тема што се однесува на нејзината ќерка Лијана, не може да зборува со жени! Замина, со најава дека ќе дојде другиот ден во седумнаесет часот и дека очекува нејзиниот сопруг тогаш да биде дома, зошто како што рече, ваква понуда не смее да се пропушти. Кога го чу тоа на Лијана срцето и се сви во клопче. Страшните претчувства почнаа уште повеќе да ја измачуваат:„Кој е овој странец? Што сака од нас? Од мене? Што ќе разговара со татко ми во врска со мене? Зар е можно да го пратил некој маж, да ме бара за жена?“

Рој мисли и мрачни претчувства, дробеа во невината женска душа.

– Можно е – размислуваше.

На нејзините години многу нејзини другарки веќе беа мажени токму на тој начин, со помош на стројници. Тоа беше време кога на бракот се гледаше како на добра трговска зделка, така што женските деца буквално беа продавани! Ни една од нив не смееше да ја одбие волјата на таткото. Тоа беше невиден срам. Никогаш, скоро ниедна девојка не собра сили да се спротистави на наредбите на татко ѝ или брат ѝ, а мајките секогаш беа немоќни да помогнат и секогаш тивко страдаа над судбините на нивните ќерки.

– Зарем е можно и мене тоа да ми се случи? – веќе панично почна да размислува Лијана. Ноќта ја помина во кошмар, но сепак се надеваше дека наредниот ден тоа нема да се случи. Но, нејзините сомнежи се обвистинија.

Точно во седумнаесет часот на нивната врата тропна непознатиот странец. Овој пат татко ѝ беше дома и го пречека гостинот со широка насмевка. Веројатно нешто потслушнал. Го угостија и почнаа со разговор. Лилјана не смееше да присуствува во просторијата, а камо ли да го слуша разговорот. Сепак таа наслушнуваше зад вратата од другата соба.

Стројникот понуди франци за да ја „купи“ неговата ќерка, за еден богат господин и таа да стане негова жена. Странецот ја видел кога чистела во неговата куќа со мајка ѝ „фрлил око“.


Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.