Не е формиран институт за развој на образованието

08.03.2019 03:36
Не е формиран институт за развој на образованието

ВЕТУВАЊЕ: Ќе го формираме Институтот за развој на образованието кој ќе биде главниот стожер на целата образовна дејност во основното и во средното образование. Тој ќе ги предлага идните промени во моделот на образование и наставните планови и програми. Тимовите кои тоа ќе го прават ќе вклучуваат луѓе од науката и од практиката.

[Извор: Изборна програма на СДСМ: „План за живот во Македонија“, стр.225, декемви 2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

СДСМ во својата Програма за парламентарните избори во 2016 година, „План за живот во Македонија“ вети дека во период од шест месеци од изборот на Владата ќе биде формиран Институтот за развој на образованието. Овој Институт, како што стои во Програмата треба да биде стожер на целата образовна дејност во основното и во средното образование. Но, речиси и по две години од изборот на Владата ова ветување не е остварено.

Споменатото ветување го презеде и Владата во својата Програма за работа за периодот од 2017 до 2020 година . Таму е прецизирано што всушност ќе значи формирањето на Институтот за развој на образованието. На стр. 29 од Програмата на Владата пишува:

Бирото за развој на образованието ќе се преструктуира и ќе прерасне во Институт за развој на образованието. Ова ќе биде државен образовен „тинк-тенк“ во чии рамки ќе работат повеќе сектори кои постојано ќе дизајнираат истражувања во сферата на образованието, со цел подобрување на квалитетот на образовниот процес.

Меѓутоа, Министерството за образование во периодот од изборот на Владата досега сѐ уште не предложило измени на Законот за биро за развој на образованието, ниту пак, го промени името на оваа институција.

До денеска (06.03.2019) и Владата нема донесено одлука за измена на Законот.

На страната на Собранието може да се најде документ со кој се вршат измени на Законот за Бирото за развој на образованието за кои расправала собраниската Комисија за образование наука и спорт. Но, овие измени се предложени од група пратеници и се однесуваат на промени на членови во кои се утврдуваат критериумите за избор на директор и заменик директор.

На интернет-страницата на Бирото за развој на образованието, во секцијата „дејност“ е дефинирано што всушност претставува Бирото:

Бирото за развој на образованието е орган на управа во состав на Министерството за образование и наука со својство на правно лице и врши стручни работи од значење за развојот и унапредувањето на воспитанието и образованието во Република Македонија.

Дополнително се појаснува и која е неговата дејност:

Дејноста на Бирото за развој на образованието опфаќа компоненти со кои се одредуваат целта и содржината на воспитно-образовната работа во областа на предучилишното, основното, гимназиското, средното стручно и постсредното образование, образованието на децата со посебни образовни потреби, образованието на возрасните, ученичките домови, како и за образованието на децата и граѓаните на Република Македонија во странство за учење на мајчиниот јазик и култура.

И во делот на прописите кои ја регулираат неговата работа нема нови измени на Законот кои укажуваат на тоа дека се планира промена на името и дејноста.

Според ова, може да се заклучи дека досега не е исполнето ветувањето на СДСМ дадено пред парламентарните избори во 2016 година, дека за шест месеци од изборот на Владата ќе формира институтот за развој на образованието, односно ќе го преименува Бирото за развој на образование во институт.

ИЗВОРИ:

• СДСМ Програма за парламентарни избори во 2016 година „План за живот во Македонија“, страна 249 [Пристапено 06.03 2019]
• Влада РМ : Програма за работа на владата 2017-2020 ( стр. 44) [Пристапено 06.03.2019]
• Веб-страница на Биро за развој на образование [Пристапено 06.03 2019]
• Собрание – материјали од дневен ред на седница на Комисија за образование,наука и спорт од 28.02.2018 [Пристапено 06.03 2019]

_________________________________________

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Извор: http://vistinomer.mk/