Која исхрана е најдобра за здравјето

08.03.2019 03:41
Која исхрана е најдобра за здравјето

Припадници на племето Хадза

Нутриционистите долго полемизираа дали постои оптимален начин на исхрана до кој луѓето би требало да се придрижуваат денес. Едно неодамнешно истражување донесе пресврт покажувајќи дека според својата прилика не постои единствен начин на исхрана кој би бил најдобар за здравјето на човекот.

Во ова истражување се анализирале начините на исхрана, навиките и нивото на физичка активност на стотина модерни групи ловци-собирачи, но и помали групи со специфичен начин на живот кој потсетува на овие древни општества. Кај сите испитаници било откриено одлично метаболичко здравје кога тие се хранат разновидно.

Некои, 80 проценти од калориите внесувале преку јаглехидратите. Други јаделе месо. Меѓутоа, сите имале една заедничка особина: јаделе многу месо, риба и зеленчук, односно консумирале храна која има висока нутритивна вредност.

Генерално, внесувале многу влакна. Поголем дел од јаглехидратите доаѓале од зеленчукот и житариците со низок гликемиски индекс, што значи дека не предизвикуваат ненадеен скок на нивото на шеќер во крвта. За испитуваните групи не е необично ни да консумираат обични шеќери, но главно преку медот.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека не постои еден „вистински“ начин на исхрана за сите луѓе кои дефинитивно можат да бидат здрави иако се хранат на мошне различни начини, вели авторот на истражувањето, д-р Херман Понцер, професор на Универзитетот Дјук во Северна Каролина. „Тоа ни е јасно зашто во испитаните групи кои се здрави пронаоѓаме широк дијапазон начини на исхрана.“

Она што е заедничко за сите групи ловци-собирачи е високото ниво на физичка активност. Многумина од нив дневно можат да пешачат и до 16 километри. Сепак, парадоксално, нивото на енергија која ја трошат на дневно ниво не е значително повисока од нивото на истата енергија кај луѓето што работат во канцеларија. Тоа укажува дека препораката за вежбање би требало да се темели на фактот дека тоа може позитивно да влијае на метаболизмот, наместо да се потенцира како средство за трошење калории и борба против гојазноста, наведуваат авторите на истражувањето.

Кај модерните ловци-собирачи највпечатлив е фактот дека релативно ретко заболуваат од хронични болести, односно кардиоваскуларни проблеми, хипертензија или карцином. Стапката на гојазност е ниска. Кардиореспираторните функции им се добри, дури и во подоцнежниот животен период, а речиси и да нема заболени од дијабетес тип 2 и метаболички дисфункции.

Сепак, животот во заедниците на ловците-собирачи не е лесен. Стапката на смрт на доенчињата е висока заради подложноста на инфекции. Смртните случаи заради несреќи, гастроинтестинални заболувања и акутни инфекции се мошне зачестени. Меѓутоа, оние кои ќе дојдат до зрелото доба вообичаено доживуваат длабока старост и тоа главно без никакви дегенеративни болести кои се правило во индустријализираните општества. Активни се во текот на целиот живот, што укажува дека во нивниот начин на живот постои нешто што им овозможува да стареат здраво.

Можно е од хронични болести да ги штитат генетиката и другите фактори кои не се тесно поврзани со начинот на живот. Меѓутоа, истражувањата покажуваат дека кај луѓето кои се родени во заедниците на ловците-собирачи, а ќе се преселат во градовите и ќе го усвојат западниот начин на живот, постои зголемен ризик од гојазност и метаболички заболувања.

Д-р Мајкл Гурвин, антрополог од Универзитетот во Калифорнија, во Санта Барбара, направил опширно истражување на народот Тсимане кој живее ловечко-собирачки живот во прашумите на Боливија.

„Почнаа да јадат пржено пилешко и да пијат кока-кола. Некои од нив екстремно брзо почувствуваа промени во своето здравје“, вели Гурвин.

Професорот Понцер со своите колеги во истражувањето ги вклучил и собраните податоци за народот Хадза, група луѓе кои живеат и ловат на северот од Танзанија, на истото место каде живееле нивните предци десетици илјади години наназад.

„Тие речиси секој ден јадат мед, малку месо и луковица“, вели д-р Понцер.

Народот Хадза нема претерано разновидна исхрана, но причината заради која припадниците на заедниците не се прејадуваат и не стануваат гојазни можеби е тоа што во нивната исхрана нема многу новитети и разновидност. Истражувањата покажуваат дека колку што е поголем изборот на храна пред нас, толку повеќе време ни треба да се заситиме.

„Затоа кога сте во ресторан секогаш имате место за десерт“, вели д-р Понцер.

Фотографии: Џеф Лич

Извор: The New York Times