Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (27)

08.03.2019 13:19
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (27)

Добре Тодоровски, До дваесеттата (Матица македонска)


Како што одминуваше времето така денот почна да се наголемува, а снегот да се намалува. Тогаш и патеките се проширија. Повеќе народ се насобра во центарот на селото, за да ги испратат младите луѓе, Алберт и Абдула, на отслужување на воениот рок во тогашната армија. Во средината се наоѓаа оние кои требаше да заминат, а околу нив пееја, пиеја и развикуваа. Овде, секое заминување си имаше посебно значење. Секогаш најпрво се поздравуваа и збогуваа постарите луѓе.

– Не можа да дојда до анчено, заш не зном каку ќа са врата, – му се жалеше еден постар човек на Алберт и му туткаше во раката книжни пари.

– Не давај ми...

– Аку, аку, ќа ти се нает. На војник паре никога' не му се доста, – велеше постариот човек и ги забришуваше очите.

– Сполајти! – рече Алберт и го гушна старецот.

Една ситна старичка се обидуваше да се испика низ луѓето за да се доближи до оние кои заминуваа. Кога веќе дојде до Алберт, се поткрена на прсти и со двете раце му ја позеде главата. Тој се навали, а таа го бакна в чело.

– Со здравје да ми одиш, о чедо, – му рече, со многу чуден поглед во очите. Рацете ѝ затреперија, го гушна уште еднаш и ја истуркаа настрана.

Малку погоре, во тесната уличка меѓу две високи куќи, во купче се собрале повеќе девојки, а меѓу нив и оние кои им беа прва љубов на обајцата. Ѕиркаа, тегнејќи ги вратовите. Некои од нив беа видно со насолзени очи. Се чу песна: „Пукна пушка, мајчице мила, горе во планина...“. Некој посилно викна и поголема група млади луѓе се одделија и заминаа по патот надолу кон автобуската постојка. Младите луѓе прегрнати, фатени рамо за рамо, одеа небаре пречекуваат нешто и развикуваа. Во еден момент се разделија за да ја одминат групата постари луѓе кои пак тргнале порано за да го испратат Нафија, на аџилак во Мека, една далечна и многу топла земја некаде во Африка. Меѓу нив одеше оџата, кој со некои извежбани движења со рацете постојано пееше дова, молитва, повремено повишувајќи го гласот: „Бисмиллахир, рахманир рахимкул хаваллаху ехад. Аллахус, леи јелид, ве лем јулед, ве лем јекун куфувен ехат..,“ 2. (Во името на Алах, општиот добротвор, Милостив. Алах е еден, неограничен господар, само нему треба да му се обраќаме. Никого не родил, нити е роден. Нему никој не му е еднаков...) Пееше оџата, често милувајќи се по лицето, а истото го правеа и другите околу него.

– Шо песни пејат младиве, мајката! Ал војска одет, ал на гурбет!? – рече еден постар човек, одмавнувајќи со раката. Оџата го погледна попреку, а тој брго-брго ги стави рацете кај лицето и направи гримаса во знак на извинување, за потоа да ја наведне главата, како да се моли и продолжи со молитвата.


Божана Тренческа, Бојана на Тодор (Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“)


Отежнати од калта опинчињата ѝ излегуваа од нозете. Со мали чекори одеше зад татка си потскокнувајќи на секое вирче. Дождот што паѓаше претходниот ден ги наполни доловите, ги раскали патиштата и затоа требаше да пазат каде ќе стапнат.

– Ајде, синко, побрзај! Им се јади на твоите мали другарчиња, јагненцата! – ѝ рече Тодор на својата Бојана.

Бојана побрза и го фати за рака татко си.

– Брзам, брзам... Белка многу ме чекаше! Многу е гладна!
И така, фатени за рака еден до друг, побрзаа низ калта за да го уловат изгрејсонцето кое срамежливо ѕиркаше од зад ридот. Дрвјата околу нив светкаа измиени од дождот и осветлени од пролетното сонце, чиниш бисер се изгубил врз гранките, и ене го, виси крај патот. Бојана беше радосна што татко ѝ ја зеде со него.

– Сега ќе можам цел ден да си играм со јагненцата! – си шепотеше таа, радосно потскокнувајќи. – И да ја барам среќната детелинка! Да, ќе барам детелинката со четири листенца, каква што најде дада, и ќе бидам многу среќна! – викаше, трчајќи до трлото.

Бојана имаше слушнато за некаква детелина со четири лисја и затоа во секој миг се трудеше да ја пронајде, иако неможеше ниту да ја препознае. За неа сè беше детелина, среќа наоѓање. И камче да најдеше се радуваше што има нешто во раката, нешто за кое мислеше дека многу вреди. Тоа чувство го има само кај најмалите, најчистите души, душите кои незнаат за завист и злоба.

– Го најдов, го најдов најубавото нешто! – врескаше Бојана држејќи нешто во рачињата, за неа многу важно.

Често се сопнуваше кога вака радосно трчаше! Паѓаше на земја, но секогаш продолжуваше да трча. Иако слаба, во неа се криеше многу сила и енергија. Кога сама си играше, односно немаше никој до неа, и кога ќе паднеше никогаш не плачеше. На кого ќе му каже дека паднала? Таа брзо стануваше тресејќи си ги алиштата и продолжуваше да игра. Иако мала знаеше дека без публика, без други две или четири очи вперени во неа, не вреди да плаче, бидејќи нема кој да ја теши.

– Ако, ако! Па јас не се удрив за да плачам, јас сум голема! Да, голема сум, така мама вчера рече а и на тато јас му ја донесов тешката стомна да се напие вода. Тешка е, а јас сама ја кренав. Да, голема сум и умна! – заврши таа фалејќи се.

За многу работи Бојана имаше слушнато од поголемите сестри и затоа се трудеше во сè да ги следи. Бојана имаше шест години, руса коса и слабо, издолжено лице. Таа, иако беше гледана со многу љубов и внимание, остана многу слаба за нејзината возраст, мислиш дете – кожа и коски, дете ненахрането. Ама ете, таква беше нашата Бојана. Дете на кое му е потребно многу љубов и внимание, следење на секој чекор.


Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.