Наследството на маестралниот фотограф

09.03.19 03:14

Војна, глад и граѓанска храброст. Тоа се неговите теми. Во 58. година од животот почина познатиот грчки фоторепортер Јанис Беракис, добитник на Пулицеровата награда и на World Press Photo во 2000 година.

Поглед низ срчи

Животот на луѓето во воените региони беше тема на која Јанис Беракис секогаш се навраќаше. Овој Албанец го фотографираше во 1998 година во селото Лапушник, на 20 километри од Приштина. Погледот низ дупката од куршум на прозорецот од автобусот освои многу награди.

Очај

Грчкиот фоторепортер Јанис Беракис често сведочеше за случувања на првата линија на фронтот. Војни, политички кризи, глад и хуманитарни катастрофи - тоа беа теми на неговите автентични фотографии. На оваа фотографија Јанис ја овековечи болката на таткото бегалец од Сирија, кој во прегратки ја носи својата ќерка кон грчката граница со Македонија. Идомени, 10 септември 2015 година.

Борба за преживување

Секојдневие на животот на границата помеѓу Турција и Ирак. Година - 1991. Овој камп во тоа време беше преполн, а храна и вода речиси и да немаше. Курдските бегалци се бореа за секоја трошка леб.

Граѓански протест

Оваа млада Авганистанка ја искажа својата граѓанска храброст со тоа што во јавноста се појави без бурка. Овде таа стои во ред за храна во центарот на Кабул. Тоа не му остана незабележано на Јанис Беракис, кој ја сликаше во 2001 година, кога опозицијата го победи радикалниот талибански режим, во текот на кој владееја строги шеријатски закони.

Воено секојдневие

Силните контрасти беа главна карактеристика на работата на Јанис Беракис. Овде во 2001 година го документира секојдневното присуство на воените трупи во Авганистан, што оваа покриена жена речиси и не го забележува. Јанис Беракис е наградуван за вакви фотографии. Во 2016 година, заедно со својот тим од Ројтерс, ја освои Пулицеровата награда.

Крај на војната во Кабул

Кога на 13 ноември 2001 година антиталибанскиот сојуз влезе во авганистанската престолнина, Јанис Беракис беше на лице место, зад фотоапаратот и ги забележа насмеаните лица и среќата на жителите на овој град.

На планина со остатоците од животот

Овде е овековечено страдањето на преживеаните по тешкиот земјотрес во кашмирскиот регион на Пакистан, во јануари 2016 година. Оваа жена, со остатоците од својот спасен имот, нашла прибежиште на врвот на планината. На фотографијата шие облека за претстојната зима.

Сите лица на војната

На прв поглед се чини како оваа фотографија да е направена во војна. Но, тоа се „само“ насилни протести во Атина, во јуни 2011 година.

Страста на фотографот

Јанис Беракис почина на 2 март 2019 година, во 58. година од животот, по долга борба со ракот. Повеќе од 30 години работеше како ангажиран фотограф и воен репортер за новинската агенција Ројтерс. „Беше еден од најдобрите фотографи во својата генерација“, порачаа од агенцијата.

Извор: DW

Слични содржини

Фотографија / Психологија / Око
Јавни простори / Фотографија / Уметност / Око
Фотографија / Уметност / Око
Фотографија / Наука / Око
Фотографија / Екологија / Уметност / Око

ОкоБоли главаВицФото