Тоа мора да е Рајот

09.03.2019 11:40
Тоа мора да е Рајот

(Извадок од необјавен ракопис)

 

Чести гости кај нив се пријателките на мајка ѝ, Сабина и Божана. Петра ги сака и двете, Сабина трошкичка повеќе зашто таа вози кола. Има жолт спачек, понекогаш ја става Петра в скут и ја пушта да го врти воланот. Трите пријателки обично седат на трпезариската маса, пијат кафе и пушат. Божана ќе донесе игли, волница и конец, па кога не пуши, плете. И овој пат сè изгледа исто. Тука е и Петра. На подот се игра Не лути се, човече.

– Што ти е тебе? – праша Божана.

Мајка ѝ ги поткрена рамениците.

– Мачнина некоја. Немам апетит.

– Да не имаш изедено нешто? – се надоврза Сабина.

Мајка ѝ затресе со главата.

– Ни залче. Лошо ми е откако ги отворив очите.

Од табакерата извади цигара и ја запали.

– Којзнае, можеби е од сонот – рече.

Двете се погледнаа. Мајка ѝ потоа им раскажуваше како се нашла на пат полн жени. Имало многу светлина околу нив. И во нив. Како ламби да им гореле во телата. А во првиот ред стоеле нејзината и мајка ѝ на Божана. Петра ги спушти коцките и престана да се прави дека не прислушкува. Мајка ѝ потоа стана. Ја тргна завесата и го отвори прозорецот. Пладневната светлина се наслика на ѕидовите.

– Мајка ми? – праша збунето Божана.

– Да, мајка ти.

– И што ти рекоа?

– Ништо.

– Па што направија? – Божана беше упорна.

– Стоеја така. Во светлината.

Ветрот ја поткреваше завесата од подот. Трите жени молчеа, секоја загледана во себе. Потоа Божана намота конец на прстот и почна да плете.

– Тоа мора да е Рајот – рече Сабина.

Почна вкрстено испрашување – за природата на таа светлина, за облеката на жените – дали биле само жени, биле ли, и така натаму и така натаму. Мајка ѝ, освен што во неколку наврати повтори дека не се чувствува најдобро, се трудеше да одговори на прашањата. Само што немаше што многу да понуди. Кога ќе се собере сè, рече: светлината беше, па како светлина... мислам дека сите беа жени, ама не сум сигурна... патот беше долг и преполн со тела, на облеката не можам да се сетам... а светлина имаше премногу... цело време им светеше од стомаците.

– И тоа е сè? – настојуваше Божана.

Мајка ѝ малку размисли и додаде:

– Се смееја. Мајка ти и мајка ми. Односно, се смешкаа.

– Како?

Мајка ѝ пак се замисли.

– Малкуцка тажничко. Ко да ме жалат.

Божана и Сабина разменија погледи.

– Ама чекај! А мајка ми? – се сети Сабина.

Мајка ѝ заврте со главата.

– Мајка ти не беше таму. Барем не ја видов.

Божана плетеше сè побрзо. Мајка ѝ ѕирна во шолјичките.

– Да направам уште?

Ги собра валканите садови на послужавникот. Петра се прикраде до масата и од шеќерникот зеде коцка.

– Само една – рече.

Мајка ѝ стави вода во друго ѓезве и го пушти шпоретот. Петра механички ги фрлаше коцките, ги повлекуваше своите и противничките пиони по таблата. Кафето повторно замириса. Додека тураше една по една шолјичка, мајка ѝ конечно праша:

– И, добро, ќе умрам ли сега?

Петра мислеше да земе уште една коцка шеќер, ама тие зборови ја вкопаа в место.

– Ма, јок! Што ти е – подвикнаа пријателките.

Мајка ѝ ја гледаше едната па другата.

– Само немој многу да шеташ деновиве – додаде Сабина.

Мајка ѝ и Божана се насмеаја.

– Смртта демек не влегува по куќи? – не можеше да премолчи Божана.

Се смееја сè погласно.

– Знаете што сакам да кажам. Треба малку да се припази – навредено се правдаше Сабина.

Таа ноќ Петра имаше пролив. Мајка ѝ ѝ забрани да јаде слатко. Ама нешто подлабоко гребеше по нејзините црева. Го чувствуваше стравот на мајка ѝ. Набљудуваше како во следните денови внимателно јаде, оди, дури и погледот ѝ се вкочани од исчекување. Гласот за нејзиниот сон брзо се ширеше. Луѓето ја застануваа на улица, ја потпрашуваа и зборуваа секакви приказни поради кои беше сè понамуртена. Штом ќе ја затвореше влезната врата зад себе, ќе си промрмореше за себе: аман од кретениве. А потоа една капка ја прелеа чашата. Беше тоа шестиот ден од обзнанувањето на сонот. На врата им затропа Жената со бисерни очи*.

 

*Сите ја памтат како старица. За неа се вели дека е стара колку и нивната улица. Ја викаат Жената со бисерни очи, зашто Хајра има катаракта на двете очи. Ама тие белилото не го припишуваат на годините, туку велат дека е тоа знак за лош табиет кај жените. Ја исмеваат за да не мора да ѝ се плашат. Плашат деца со неа. Кога не слушаат, им велат: ќе ве носиме кај Хајра, или ќе ве украде Хајра. Децата тогаш плачат, молат и се согласуваат со сè. Кога ќе ја сретнат на улица некои и вриштат, главно сите се разбегуваат по дворовите. Таков е животот на Хајра, и нејзината судбина.

 

Дека мајка ѝ на Петра е исклучок од таквите луѓе – не е. Затрепери пред тие очи. Ѝ изгледаа како парченца мувла на површината од презрелиот живот.

– Богати, само да те прашам...

– Кажете?

– Сонуваше ли нешто?

– Сонував – неволно одговори мајка ѝ.

– Тогаш би те замолила нешто.

– Добро.

– Ако пак ти дојдат насон, ако видиш некој мој...

 

Мајка ѝ на Петра не можеше да се сети дека некогаш во животот видела некого што има некаква врска со Хајра. Сепак, повтори:

– Добро.

– Само да прашаш, колку уште да чекам.


Кога полуслепата жена отиде, мајка ѝ ниту ја пцуеше ниту ја колнеше. Само легна на каучот и со сета снага заплака. Повеќе не се сомневаше дека смртта ќе дојде. Како и кога не знаеше, ама дека доаѓа, во тоа беше сигурна. Плачеше и плачеше. Петра и татко ѝ седеа на подот до каучот и немо го посматраа нејзиниот очај.

Помина уште некој ден, кога утрината во пет и пол ја разбуди ѕвончето. Татко ѝ отвори, мајка ѝ во пењоар ѕиркаше одзад него. На врата стоеше Божана. Ѕвончето ја разбуди и Петра. Сети дека нешто не чини и се сокри во празниот простор под скалите. Пола час порано мажот на Сабина ѝ се јавил на Божана. Рекол дека вчера не се вратила дома од работа. Викнал милиција. Ја бараат од сношти. Мајка ѝ и Божана седнаа на трпезариската маса. Пушеа без збор, секоја загледана во себе. Татко ѝ се облече и тргна кон куќата на Сабина. Да се најде при рака ако затреба нешто. Петра во шуплината размислуваше. Знаеше дека Сабина не е среќна. Колку пати дошла плачејќи. Им се жалеше на мајка ѝ и на Божана. Кажуваше дека помеѓу неа и мажот ѝ нема веќе ништо. Никаков контакт, па ни интимен. Мајка ѝ ја тешеше со зборовите дека односите се менуваат со годините. Божана во свој стил негодуваше. Ќе ја прегрнеше Сабина и ќе речеше: душо моја, ќе овенеш, и со ебење и без ебење. Петра мислеше дека разбира и дека Сабина сигурно побегнала. Дека сè ѝ допичкило. Мажот, куќата, двете деца. Седнала во својот спачек и си отишла. Некаде. Ја виде зад воланот на некој отворен пат обрабен со грмушести лески. На врвот од секоја грмушка седеше бела утка со очи црвени, како жена однатре во оние денови. Возеше одлучно и брзо, а Петра почувствува љубомора што не ја зела со себе. Заѕвони телефонот...

По дојава на случаен минувач милицијата го нашла спачекот покрај патот. Сабина во последните мигови успеала да сврти и да ја запре колата. Рацете и натаму грчовито го стегале воланот, ама инфарктот бил пресилен. Срцето ѝ се распрснало како ѕвезда. Докторите рекле дека не би имало спас ни ако лежела во болница. Никогаш нема да се разјасни зошто тој ден од работа тргнала во насока спротивна од дома. Ни каде. По погребот на Сабина сè почна да се распаѓа. Ситно но трајно. Петра пребрзо порасна. Божана почна самата себеси да си прави гроб. А мајка ѝ, таа веќе никогаш не го сонуваше Рајот.

Извор: strane.ba

Превод: Ѓ. З.

Фотографии: autoslavia.com

ОкоБоли главаВицФото