Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (28)

09.03.2019 12:13
Роман на годината 2018 - извадоци од пристигнатите романи (28)

Влада Урошевиќ, Маџун (Магор)

Навечер, дедо ми му раскажува на судијата Плетварски: „Јас мислам дека сите нешта настанале со мешања помеѓу разни племиња и народи. Од еден крај на светот се носеле нешта во друг крај, и животни и растенија и украси и скапоцености и што ти сè не, и целиот свет е проткаен со такви, случајни или не, врски, сè е поврзано, веќе не се знае што од каде дошло. На крајот, кога ќе погледнете, далечните нешта и не се толку далечни. Ќе попадне такво нешто, дојдено од којзнае каде, во наша близина, и после – ќе се размножи тука, ќе никне… Ете, јас имам еден пријател, нема да му го спомнам името, а го знаете, сигурен сум. Тој се занимава со поморска шпедиција, се досетувате на кого мислам. Да, да, тој. Ете, да ти отиде тој пред некое време во Африка, прво отпатувал за Италија, па од Италија, преку море, сè надолу, договарал некаков бродски превоз, некаква голема зделка и донел оттаму една црнечка скулптура, сте виделе такви на слика, од оние со црнец, врз црнецот крокодил, врз крокодилот – слон. А врз слонот – едно грне. Дрвото од скулптурата било нагниено, се ронело, течела црвојаднина од него, требало да се спречи понатаму да се расипува и затоа ја однел во музеј, тамошните стручњаци да сторат нешто. Да, да, имаме такви стручњаци, како не, во музејот работат. Мислам конзерватори се викаат, така некако. Додека тие ја разгледувале скулптурата, од тоа грне што стоело врз слонот да ти искокне одеднаш еден голем зелен пајак. Женките на тие пајаци, не знам дали знаете, ги носат јајцата врз грбот. И тоа да ти биде женка, со тие јајца одозгора. Да, ќе ви покажам во една енциклопедија, ги има на слика. Додека тие да се снајдат, тој – всушност таа – скокнала од масата, се стркалала на под, ваму-таму, се пикнала во некој ќош, се скрила зад некакви книги, којзнае каде, главно – ја снемало. Тие пајаци се многу брзи, само везат со нозете, а ќе ги видиш на едно место, а тие се веќе на друго, сигурно знаете. Го барале, сe испретуриле, пајакот исчезнал, како вземи да пропаднал. И оттогаш…“ Јас не успевам да дознам што станало со тие африкански пајаци, дали сега тие шетаат низ нашиот град, дали ќе биде организиран лов на нив и дали можат да се населат и во нашата градина, бидејќи баба ми ме одвлекува в кујна за да ми даде вечера. Јас ставам грст пржени бамји, сè уште жешки, врз парче леб и сакам да се вратам во гостинската соба да ја дослушам приказната, но баба ми ме задржува. „Седи тука, дојади ја вечерата, не е убаво да јадеш во гостинската. Впрочем, не мораш сè да знаеш…“

* * *

„Тој многу гледа книги“, вели дедо ми, како да зборува за некој отсутен, а покажувајќи со извитканиот показалец кон мене. „Можеби не се сите за неговата
возраст“, додава вртејќи загрижено со главата. „Тој чита сè што ќе му падне в рака, ми се чини“, вели најстариот од вујковците, Чедомир. „Тој чита без разбирање“, го
дава својот заклучок дедо ми. Јас се кријам кога читам, а во присуство на возрасните се преправам дека само ги гледам сликите од книгите што ги прелистувам. Возрасните сакаат да ги држат децата во малиот детски свет како некој вид затвореници. Според нив, децата треба да останат во тој тесен и ограничен свет колку што е можно подолго. Возрасните се насилни и јас се обидувам да ги држам понастрана од моите интересирања и веќе освоените знаења. Поради нешто сметам дека е подобро за мене да се преправам дека сум понаивен отколку што сум.

Ивица Челиковиќ, Луѓе без минато (Паблишер)

Најдобро ќе беше, или можеше да биде, иако и во најубавиот занес тоа се чинеше невозможно – нештата едноставно да се заборават, да се потиснат во најтемните катчиња, каде што не се случува никакво движење, никакво пропаѓање и изнурнување, никакво отворање кон надворешниот свет, кон светлината. Силното удирање на црковни ѕвона се злокобна најава, или предупредување за оние што се подготвени и што сакаат да го слушнат тоа, и да го толкуваат на таков начин. Нема кој да им простува на мрачните души, кои никогаш не ги загрижува тоа што не можат да го препознаат ни почетокот ни крајот, особено кога времето тече брзо, неочекувано побрзо од она што се смета за вообичаено.

Неколку дена пред православниот Божик 1995 година Вера за последен пат се обиде да го напушти Сараево. Веќе и не веруваше дека е можно да се направи тоа, но човекот што им вети дека ќе им обезбеди две места, за неа и за мајка ѝ, во комбе што требаше да тргне откај основното училиште во Ченгиќ Вила и да биде пропуштено кон Илиџа, звучеше мошне уверливо и зборуваше сигурно објаснувајќи ги нештата детално, како стотина пати претходно да го направил истото. Случајно стапија во контакт со него, преку таткото на Даница, таа мила девојка, Дана, што секогаш се движеше грациозно со своите високи штикли. Вера пред војната ја среќаваше на предавањата на факултетот.

Немаа пари, но се договорија да платат со златниот накит што мајка ѝ на Вера успеала да го сочува во тие страшни години на ужас и гранатирања, но и на рамнодушност кон таквите предмети, кога животот исчезнуваше пред нивните очи, притиснат меѓу урнатините и немоќта да се запре безумното убивање и разурнување. Од сјајот на олимписките денови, отвореноста и меѓукултурната толеранција, новите урбани и музички трендови, градот за кратко време потона како темна дамка и едно од најмрачните места на светската карта. Немаше повеќе место ни за насмевки, ни за солзи, во тие денови што грозно личеа еден на друг, и се тегнеа долго и бескрајно, како неподнослив кошмар што постојано се обновуваше. Или како привид што не исчезнуваше за сите оние мирни и добри души, широки срца, што ни најмалку не беа виновни за нешто. Беше ли човек роден да биде отфрлен и напуштен, длабоко вкоренет во сопствената немоќ, во болки што се трошеа и дробеа заедно со земјата под нозете, на рабовите на амбисот што трошка по трошка се доближуваше и го голташе просторот приближувајќи се сè повеќе и повеќе.

Пензионираниот потполковник Милован, грубо откорнат од реалноста со сопствените тврди негирања и длабоки сомнежи, со големо неверување го доживеа почетокот на војната. Иако ни за миг не можеше да го помисли тоа, а камоли да го изусти и признае, беше вомјазен од сознанието дека неговата воспевана ЈНА, неговата сигурност и верба, најсветлиот урнек за сила, храброст и смелост, почна да се распаѓа. Почна да пука по сите рабови, по сите линии, по сите хоризонтали и вертикали, нешто што никогаш не го ни помислил, ниту во најскриените катчиња на неконтролираните лоши претчувства.

 

Извадоците ги објавуваме онака како што се објавени во книгите, без никакви јазични интервенции.