1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
Климатската конференција во Катовице, Полска, се смета за најзначајна конференција по самитот во 2015 година, кога се склучи Парискиот климатски договор. Поради досега највисокиот јавен интерес за заканата што ја претставуваат климатските промени - поттикнати од еден алармантен неодамнешен извештај на Меѓувладиниот панел на Обединетите нации за климатски промени (IPCC), секако да не ги споменуваме и катастрофалните природни непогоди што се случуваат низ целиот свет, преговарачите се обидуваат да воспостават збирка на правила за исполнување на обврските од Париз. Но, како што често се случува, успехот ќе зависи од финансиите.
Напредните економии во светот презедоа големи финансиски обврски во претходните преговори за климатските прашања. Сепак, воопшто не е сигурно дека тие ќе ги исполнат своите ветувања, почнувајќи со обезбедување на 100 милијарди долари годишно за земјите во развој до 2020 година. Според Рамковната конвенција за климатски промени на Постојаниот комитет за финансии (SCF) на ОН, јавните финансии што развиените земји ги одвоиле за земјите што се во развој и што се наменети за поддршка на ублажувањето и приспособувањето на климатските промени изнесувале 57 милијарди долари во 2016 година. Кога на тоа ќе се додадат и приватните финансии мобилизирани од јавната поддршка, вкупно биле достигнати над 70 милијарди долари во 2016 година.
Сепак, тоа е само мал дел од вкупно 2,4 милијарди долари што светот треба да ги инвестира во чиста енергија секоја година, почнувајќи од сега до 2035 година, за да се одржи глобалните температури за најмногу 1,5 Целзиусов степен повисоки од прединдустриските нивоа, како што е пресметано од страна на IPCC. Дали богатите земји ќе ги почитуваат обврските за финансирање на климатските решенија преземени во претходните преговори, и степенот до кој земјите во развој можат да ја прифатат флексибилноста во мерењето на финансиските текови, ќе биде пресудно за унапредување на климатските разговори во ова критично време. Но, пред сè, климатскиот ризик и цената на долгорочната одржливост ќе треба да бидат вградени во светскиот финансиски систем, почнувајќи од банките, сопствениците на средства и менаџерите до осигурителните компании и пазарите на капитал кои ги олеснуваат трансакциите на финансиските актери.
Добрата вест е дека светот веќе се движи во оваа насока, делумно благодарение на Работната група за финансиски прикажувања поврзани со климатските прашања, формирана во 2015 година од страна на Одборот за финансиска стабилност и Студиската група за одржливи финансии за Г-20. Работната група веќе има направено многу за да ги поттикнат финансиските институции и компаниите да ги разберат и оценат климатските ризици и да презентираат со каков степен на климатски ризици тие се соочуваат.
Овие рамки и алатки добиваат сè поголемо внимание од јавноста и поттикнуваат конкретни мерки. На пример, Работната група на еколошко односно „зелено“ финансирање на Кина и на Обединетото Кралство создаде група британски и кинески финансиски институции кои се пилот извршители на известувањето на Работната група за финансиски прикажувања поврзани со климатските прашања (TCFD). Таа исто така разви пакет на „Начела за зелени инвестиции“ за промовирање на инвестиции со ниско ниво на јаглеродни емисии во регионот кој ја сочинува кинеската иницијатива „Појас и пат“.
Потоа, постои климатската акција 100+, иницијатива предводена од инвеститори која се обидува да ги мотивира компаниите да ги постигнат целите на Парискиот договор преку подобрување на корпоративното управување во врска со климатските промени, намалување на емисиите и зајакнување на финансиските прикажувања поврзани со климата. Досега, 310 инвеститори кои вкупно управуваат со средства од преку 32 билиони долари се вклучиле кон иницијатива.
Додека пазарните иницијативи се важни двигатели на иновации, владите и регулаторите исто така имаат клучна улога во активирањето на зелените финансии и уверување дека климатските ризици точно се мерат и се пријавуваат. Овде се издвојуваат чекорите преземени од страна на Европската Унија и Кина за насочување на финансии кон средства кои поддржуваат ниски емисии на јаглерод.
Акцискиот план на ЕУ за позелена и почиста економија поттикна амбициозна агенда за унапредување на транзицијата кон одржлив финансиски систем. Нацрт регулативите се наменети да ги охрабрат финансиските актери да ги проценат и обелоденат ризиците за одржливост, истовремено придвижувајќи се кон воспоставување на заеднички стандарди за промовирање на финансиските инструменти, како што се зелените обврзници, кои можат да помогнат во директното финансирање на еколошки проекти и компании. Министрите за финансии на земјите од ЕУ, исто така, се согласија да почнат да бараат од банките да ги прикажуваат ризиците за животната средина, социјалните ризици и ризиците за управувањето (ESG) во рок од три години.
Што се однесува до Кина, во 2016 година Државниот совет најави збир на сеопфатни насоки за „зелените“ финансии, а централната банка и некои локални власти воведоа монетарни и фискални стимулации за зелени заеми и обврзници. Покрај тоа, Здружението за управување со средства на Регулаторната комисија за хартии од вредност на Кина неодамна ги објави насоките за еколошки инвестиции за индустријата за управување со средства, повикувајќи аспектите за животната средина, општеството и управувањето (ESG) да бидат интегрирани во донесувањето одлуки на институционалните инвеститори. Кинеската регулаторна комисија за хартии од вредност (CSRC) исто така најави план да бара од сите котирани компании да ги прикажат информациите кои се однесуваат на животната средина до 2020 година.
На меѓународно ниво, постои мрежа на централни банки и надзорни мрежи за позеленување на финансискиот систем. Создадена кон крајот на минатата година, Мрежата за позеленување на финансискиот систем (NGFS) ги спојува финансиските регулатори и централните банки од 21 земја, вклучувајќи ги Франција, Кина и Германија, кои ја препознаваат заканата за финансиската стабилност што ја претставуваат климатските промени и потребата да се процени и да се управува со тој ризик, делумно преку разумна и практична супервизија. Централен елемент на таквото управување со ризици е банките и инвеститорите да ги префрлат своите портфолија од компании и проекти со високи емисии, кон оние со нискојаглеродни средства.
Како што јасно е прикажано во неодамнешниот извештај на IPCC, за да се избегнат најлошите последици од климатските промени ќе биде потребно дејствување со досега невидени размери, кое ќе почне веднаш. Креаторите на политиките во главните градови на државите мора да поведат сметка јавните и приватните финансиски текови да бидат усогласени со агендата за климата, и да се уверат дека се создаваат вистински услови за глобалниот финансиски сектор да стане помагач, наместо да претставува пречка за иднина со ниска емисија на јаглерод.
Ма Џун, претседавач на кинескиот Комитет за еколошко финансирање и ко-претседавач на студиската група за одржливи финансии на Г-20, бил одговорно лице за економски прашања на Народната банка на Кина. Каио Кох-Везер, претседавач на Одборот на Европската климатска фондација, бил потпретседавач на Групацијата „Дојче банк“ и германски заменик-министер за финансии.
Извор:Project Syndicate