Сè што не сте знаеле за неолиберализмот

11.03.2019 01:49
Сè што не сте знаеле за неолиберализмот

Да се помириме со судбината: во денешната мошне сложена и поврзана меѓународна економија, националниот суверенитет е неважен. Продлабочувањето на економската глобализација ги прави државите немоќни пред дејствувањето на пазарните сили. Интернационализацијата на финансиите и сè поголемото влијание на мултинационалните корпорации ја ограничуваат моќта на државите да водат автономни социјални и економски политики и да обезбедуваат просперитет за своето население. Нашата единствена шанса нешто да промениме е „здружување“ на суверенитетите и нивно пренесување на наднационалните институции (како што е Европската унија) кои се доволно големи и моќни да се изборат за своите ставови и така на наднационално ниво да вратиме дел од суверенитетот кој е изгубен на ниво на држава. Со други зборови, за да го зачуваат „реалниот“ суверенитет, државите мораат да се откажат од својот формален суверенитет.

Ако овие аргументи ви звучат познато (и уверливо), тоа е затоа што ги слушаме веќе со децении. Претставниците на прогресивните сили често истакнуваат дека неолиберализмот спровел (и спроведува) „потиснување“, „намалување“ или „гаснење“ на државата, што придонесува за прифаќање на идејата дека државата денес е „победена“ од пазарните сили. Тоа е разбирливо, ако се има предвид дека политичката и економската филозофија на Маргарет Тачер и Роналд Реган инсистираше на ограничување на државното мешање во слободното функционирање на пазарот и претприемништвото. Сето тоа е сумирано во познатата изјава на Реган: „Државата не може да ги реши нашите проблеми, зашто самата таа е проблем“.

Но тоа не е она што навистина се случува последниве децении. Само површен преглед на трошоците на државната управа во земјите од ОЕЦД, на пример, покажува дека „големината“ на државата, изразена како процент од БДП, впрочем била во пораст (единствен исклучок е Европа после 2008 година). Дури и наводно неолибералните влади – оние кои ги водеа Маргарет Тачер и Роналд Реган – не ги намалија јавните трошоци и бележеа релативно високи дефицити. Како што забележуваат Мигел Сентено и Џозеф Коен, „расположливите податоци покажуваат дека промените во водењето на државните политики и макро економијата во ерата на неолиберализмот се покомплицирани отколку што вообичаено се претпоставува“. Пред сè, податоците покажуваат дека во главните капиталистички земји не дошло до изумирање на државата. Напротив, се случило токму спротивното. Иако, како што идеологијата произлегува од желбата за намалување на овластувањата на државата, неолиберализмот како политичко-економска реалност создава уште помоќен, поинтервенционистички, сеприсутен – дури и авторитативен државен апарат.

Процесот на неолиберализација подразбира далекусежни и долгорочни државни интервенции вклучувајќи: либерализација на пазарите на стока и капитал; приватизација на ресурсите и јавните услуги; дерегулација на работењето, а особено на финансиските пазари; намалување на работничките права (пред сè, правата на колективно преговарање за условите за работа) и потиснување на работничкиот активизам; намалување на данокот на имот и капиталот на сметка на средната и работничката класа; гаснење на социјалните програми и така натаму. Такви политики систематски се спроведуваат насекаде на запад (и им се наметнуваат на земјите во развој) со челична одлучност, со поддршка од клучните меѓународни институции и политички партии.

Во таа смисла, неолибералната идеологија, барем под нејзината официјална маска на анти-државни политики, пред сè треба да се толкува како поволно оправдување за спроведување на еден суштински политички и државен проект кој има за цел „командните врвови“ на економските политики да се „предадат во рацете на интересите на капиталот, пред сè финансискиот“, како што забележува Стивен Гил. Денес капиталот не зависи помалку од услугите на државата отколку во ерата на владеењето на „кејнзијанизмот“ – зашто државата е тука за да ја контролира работничката класа, да ги покрива загубите на големите компании кои би банкротирале без таа помош и им обезбедува пристап до странските пазари итн.

Во месеците и годините после финансискиот крах од 2007-2009 година, зависноста на капиталот и капитализмот од државата, која никогаш не ни престанувала, стана болно очигледна кога владите во Европа, САД и остатокот од светот им пружија помош на финансиските институции, која се мери во трилиони евра и долари. Во Европа после избивањето на „кризата на еврото“ во 2010 година настапи координиран општ напад на повоениот европски социјален и економски модел, за европските општества и економии да се реструктуираат и реорганизираат во склад со начелата кои повеќе им одговараат на потребите на капиталот. Сепак, (невтемелената) идеја дека неолиберализмот значи потиснување на државата и натаму е широко прифатена кај левицата. За тоа придонесува и идејата дека државата истовремено ја губи моќта заради дејствувањето на силите на глобализацијата. Се прифаќа ставот дека глобализацијата и интернационализацијата на финансиите ја прекинаа епохата на националните држави и ја укинаа можноста за спроведување политики кои отстапуваат од диктатот на глобалниот капитал.

Дали реалноста навистина го поддржува тврдењето дека ерата на националниот суверенитет е завршена? Тврдењата дека актуелната фаза на капитализмот го оневозможува опстанокот на националната држава често се потпира на познатата трилема на харвардскиот економист Дани Родрик. Пред десетина години Родрик ја претстави политичката „теорема за неможноста“, која вели дека „демократијата, националниот суверенитет и глобалната економска интеграција се заемно нескладни: можеме да комбинираме два елементи, но никогаш не можеме да ги добиеме сите три“: едноставно кажано, бидејќи националните држави наметнуваат трансакциски трошоци, ако сакаме вистински меѓународна економска интеграција, мора да бидеме подготвени да се откажеме од националниот суверенитет (преку креирање систем на регионален/глобален федерализам, за на тој начин подрачјето на демократските политики да се совпадне со подрачјето на глобалните пазари).

Со текот на годините, силите од целиот политички спектар вешто ја користеа трилемата на Родрик неолибералните политики – кои подразбираат стеснување на доменот на партиципативната демократија и националниот суверенитет – да ги претстават како „неизбежна цена која ја плаќаме за глобализацијата“. Дури и претставниците од левицата кои тврдат дека му се спротивставуваат на неолиберализмот често се повикуваат на теоремата на Родрик за да го оправдаат ставот дека е „готово“ со националната држава. Но, Родрик не сакал да го каже тоа. Спротивно од широко прифатеното мислење, тој смета дека актуелната меѓународна економска интеграција сè уште е далеку од „вистинска“ интеграција и останува „крајно ограничена“.

Дури и во наводно глобализираниот свет, и покрај процветот на глобалните компании и ланците за снабдување, и натаму постои голема несигурност во поглед на стапката на размена; и натаму постојат јазични и културни разлики кои оневозможуваат целосен ангажман на ресурсите надвор од националните граници, како што покажува фактот дека напредните индустриски земји и натаму му даваат предност на „домашниот терен“; и натаму постои висока корелација помеѓу националните стапки на инвестиции и стапките за штедење; и натаму постојат големи ограничувања на слободното движење на работната сила; а протокот на капиталот помеѓу богатите и сиромашните земји е далеку под она што го предвидува теоретскиот модел. Истото важи и денес (деценија после објавувањето на статијата на Родрик). Оттука неговата трилема има смисла од теоретски аспект, но не влијае многу на реалноста, освен како самоисполнувачко пророштво или политичка манипулативна алатка.

На уште поширок план, како што објаснуваме во нашата книга „Враќање на државата: Прогресивна визија на суверенитетот во пост-неолибералниот свет“, глобализацијата, дури и во својот неолиберален облик, не е производ на иманентната капиталистичка или технолошка динамика која нужно води кон ограничување на моќта на државата, како што често се тврди. Напротив, глобализацијата беше и е процес кој државите активно го промовираат. Сите елементи кои ги поврзуваме со неолибералната глобализација – делокализацијата, деиндустријализацијата, слободното движење на стоката и капиталот итн – беа и се, во повеќето случаи, резултат на избор на самите држави. Државите и натаму имаат круцијална улога во промовирањето, изведувањето и одржувањето на структурата на неолибералната меѓународна рамка (иако, како и тоа постепено да се менува), како и во воспоставувањето соодветни услови на локално ниво кои ќе овозможат да продолжи процветот на глобалната акумулација. Во исто време, не може да се негира дека нејзините капацитети во поглед на економскиот суверенитет, вклучувајќи ги дури и развиените капиталистички економии, навистина се повеќе ограничени отколку што тоа било случај во минатото – на пример, во поглед на можностите за промовирање на локалните во однос на странските индустрии, регулирањето на фискалниот дефицит, управувањето со количината пари, пропишувањето даноци и давачки, регулација на увозот и извозот на стока и капитал итн.

Но, тоа во голема мера е резултат на пресметано и свесно ограничување на државниот суверенитет од страна на националните елити преку процесот познат како деполитизација. Различните политики кои државите ги применуваат на запад за да го реализираат тоа вклучуваат:

(1) намалување на овластувањата на парламентите во однос на извшрната власт и намалување на репрезентативноста на парламентите (на пример, преку поместување од пропорционален кон мнозински систем);

(2) давање формална независност на централните банки во однос на државата;

(3) усвојување „целна инфлација“ – пристап кој ја поставува ниската инфлација како примарна цел на монетарната политика, со вклучување на сите други цели, на пример, полна вработеност – како главен пристап во креирањето политики на централните банки;

(4) усвојување политики кои се темелат на однапред дефинирани правила и параметри – за јавната потрошувачка, долгот како удел во БДП, конкуренцијата итн – со што се ограничува она што би можеле да го преземат политичарите во име на своите гласачи;

(5) потчинување на јавната потрошувачка на трезорска контрола;

(6) повторно воведување на системот за фиксни курсови, како што е еврото, со што се ограничува можноста владите да управуваат со економската политика;

(7) ограничување на капацитетот на владите да усвојуваат прописи кои им служат на јавните интереси преку таканаречените ИСДС механизми (решавање спорови помеѓу инвеститори и држави), кои денес се вклучени во повеќето билатерални инвестициски договори (ги има над 4 000) и регионални трговски договори (како што се ФТАА и ТПП); и, што е можеби најважно,

(8) пренесување на овластувањата на државите на наднационалните институции и над-државната бирократија каква што е ЕУ.

Јасно е зашто владите доброволно се согласуваат самите „да си ги врзат рацете“. Како што покажува примерот на Европа, воведувањето самонаметнати „надворешни ограничувања“ на локалните политичари им овозможува да ја контролираат политичката цена на неолибералната транзиција – која, секако, вклучува и мошне непопуларни политики – префрлајќи ја целата вина на институционализираните правила или меѓународните институции кои се претставуваат како новото, сурово лице на реалноста на глобализацијата. Така се штитат и макроекономските политики од можни напади и оспорувања. Војната против суверенитетот во основа е војна против демократијата. Тој процес во најекстремен облик се јавува во Европа, каде со Мастрихтскиот договор (1992) неолиберализмот беше вграден во самото ткиво на Европската унија, со што практично се укинати „кејнзијанските“ политики кои доминираа претходните децении.

Ако се имаат предвид војната која неолиберализмот му ја објави на суверенитетот и погубните ефекти од деполитизацијата, не изненадува тоа што „суверенитетот станува главна рамка на современата политика“, констатира Паоло Гербаудо. Исто така, сосема е природно што револтот против неолиберализмот пред сè добива облик на барање за спроведување реполитизација на процесот на донесување одлуки на државно ниво – односно, бара да се овозможи повисок степен на демократска контрола над политиката (а особено над деструктивните глобални текови кои ги иницираше неолиберализмот), која во отсуство на делотворни наднационални механизми на застапување може да се спроведува исклучиво на национално ниво. Очигледно е дека ЕУ не е исклучок од тоа: впрочем, многумина (сосема оправдано) ја гледаат Унијата како отелотворување на технократско владеење и отуѓување на елитите од масите, како што покажуваат резултатите од британскиот референдум и ширењето на евроскептицизмот.

Во таа смисла, како што тврдиме во нашата книга, левичарите не би требало да го доживуваат брегзитот – и пошироката актуелна криза во ЕУ и монетарната унија – како причина за зајакнување, туку како единствена можност да се прифати (повторно) една прогресивна, еманципаторска визија на националниот суверенитет, да се отфрлат неолибералните калапи кои ги наметнува ЕУ и вистински да оствари социјалдемократска платформа (која останува недостижна во рамки на ЕУ, а да не ги споменуваме ограничувањата во еврозоната). Но, за да го направат тоа, треба да сфатат дека суверената држава не е сосема беспомошна и дека сè уште поседува ресурси кои се потребни за демократска контрола на националните економии и финансиите – дека борбата за национален суверенитет, во крајна инстанца, е борба за демократија. Тоа не мора да ја загрози европската соработка. Напротив, ако им дозволиме на владите максимално да ја зголемат благосостојбата на своите граѓани, тоа ќе овозможи изградба на темели за обнова на европскиот проект заснован на мултилатерална соработка на суверените држави.

Вилијам Мичел и Томас Фази се автори на книгата „Враќање на државата: Прогресивна визија за суверенитетот во пост-неолиберален свет“, чиј издавач е The University of Chicago Press Books.

Илустрации: Banksy Street Art

Извор: https://www.socialeurope.eu

ОкоБоли главаВицФото