Протест за итно усвојување на Законот за недискриминација

11.03.2019 02:05
Протест за итно усвојување на Законот за недискриминација

Од Национална мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата за денеска (11 март), во 10 часот најавија протест пред Собранието на кој ќе побараат итно усвојување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој повеќе од 8 месеци е заглавен во законодавниот дом.

Организаторите се револтирани што и покрај јавното ветување на пратениците од СДСМ, дека Законот ќе се усвои во најкус можен рок, на пленарната седница во четвртокот (7 март), без никаква оправданост и образложение, претседателот на Собранието ја прескокна точката за гласање на овој закон од дневниот ред.

„Со ова, Собранието уште еднаш потврди дека потребите на граѓаните не му се приоритет на сегашното парламентарно мнозинство. Пратениците без проблем изнајдоа политички консензус за бројни закони со кои си самододелија уште повеќе привилегии, со кои се воведуваат нови работни позиции за вдомување на партиски кадри и се амнестираат лица за кои се покренати судски постапки. За волја на вистината, донесоа и низа закони со кои се попречува правдата, се разбира, на штета на граѓаните. Со неусвојувањето на овој Закон, пратениците и натаму покажуваат дека не им пречи што граѓаните се дискриминирани и лишени од механизми за заштита од дискриминација, особено оние кои се дел од ранливите групи и малцинства во државата. Силно ја осудуваме реториката која ја користат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на парламенатарната говорница, со која не само што ги етикетираат маргинализираните заедници, туку и отворено поттикнуваат дискриминација и насилство кон нив“, велат од Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата.

„Затоа, ги повикуваме пратениците од најголемите политички партии од мнозинството, СДСМ и ДУИ, ИТНО ДА ГО УСВОЈАТ ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА на собраниската седница во понеделник и конечно да се одважат и да застанат на страната на граѓаните! Ги повикуваме сите граѓани кои имаат 0 толеранција за дискриминиацијата да ни се придружат за да заедно ги потсетиме народните избраници дека правата на граѓаните не смеат да бидат условени од личните ставови и партиските игри“, додаваат организаторите.

Повеќе од 100 граѓански организации, сојузи и фондации и мрежи на граѓански организации го поддржаа овој закон и побараа негово итно донесување.