За лисиците и кокошарникот

11.03.2019 15:00
За лисиците и кокошарникот

Како што можеше да се претпостави, сега лисиците сакаат да решаваат за видот на оградата со кој ќе се оградува кокошарникот. И за тоа каква врата ќе има на оградата. И колку и кај кого ќе бидат распоредени клучевите од таа врата. А и за тоа која лисица во кој дел од денот (и ноќта) ќе го чува кокошарникот.

Предводникот на лисиците вчера доцна вечерта изјави дека е доведен во прашање „комплетниот имиџ и професионалниот кредибилитет“ на СЈО и, посебно, на неговата шефица. Тие ги изневериле очекувањата на граѓаните, не ја испорачале толку посакуваната правда.

И тоа навистина е така. Самото понатамошно опстојување на криминалната организација која сега се нуди на ниво на „работни групи“ да го чешла новиот закон за СЈО е крунскиот доказ за изневерените очекувања во јавноста.

За сосема да се замати водата, сега има и нов предлог на маса: да се укине ова СЈО и да се направи ново, коешто ќе ги истражува сите криминали во државата од нејзиното основање до денес! Следната фаза е да се побара истрага и за пропаднатото востание во 1903. Може да се сослушаат и наследниците на султанот Мурат IV, синот на Ахмед I и Кесем, освојувачот на Багдад во 17 век. Јас обвинителски би го истражил и владеењето на брат му Осман II, за сосема да се расчисти кој е виновен за тоа што во денешнава македонска држава лисиците треба да решаваат за видот на оградата на кокошарникот.

Станува сè појасно дека, во обидот за комплетна криминална реставрација, сегашната македонска опозиција, откако не ѝ успеа обидот за блокирање на пристапот во НАТО, сега е сконцентрирана врз целта да се упропастат нашите европски интеграции. Тоа е легитимна опозициска стратегија, со оглед на фактот што патот кон Европа поминува низ процесот на засилување на правната држава, а така се погоди што целата таа вежба ќе се изведува „врз грбот“ на бројните криминали од претходната власт. Тој огромен кривично-правен корпус самите го обезбедија со несмасното следење на сите комуникации на, меѓу илјадниците други, своите функционери, во сопствената власт. Шефот на целата операција пребега, а менаџерот, моментно, е во Шутка.

Но, бидејќи европските интеграции се временски чувствителни – треба во краток рок да се испорачаат законски околности за продолжување на прогонот на сторените криминали – опозицијата има добар маневарски простор за „кокошарски“ уцени. Оваа стратегија ќе им успее. Патем, на крилјата на тој успех, се надеваат и на избор на нивната кандидатка за претседател на Република Северна Македонија.

Целата ситуација можеше да се разреши со вонредни парламентарни избори. Токму поради тие чувствителни евро-интегративни тајминзи, таа опција власта не ја проигра.

Меѓутоа, можеби има простор двете опции во Македонија – про и контра правната држава – да се сретнат на „пол пат“… Не е ли време да се размисли за нов референдум со едноставно прашање: Дали ја поддржувате неограничената работа на СЈО, без рокови за поднесување нови обвиненија и со користење на прислушуваните разговори како доказ во постапките? Да или не?

Референдумското гласање може да се изведе на денот на претседателските избори, а овој пристап ќе ни заштеди време и нерви што ќе ни ги потрошат меѓупартиските „работни групи“ што ќе треба да решаваат која лисица во кој дел од ноќта ќе ги чува јајцата во кокошарникот. И тоа баш пред Велигден!

Слики: Свирачиња

Извор: Цивилмедиа

 

ОкоБоли главаВицФото