Министерството за култура ги објави финалните резултати

12.03.2019 13:10
Министерството за култура ги објави финалните резултати

Министерството за култура на својата интернет страница ги објави финалните резултати од годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес во културата за 2019 година.

Откако Министерството за култура ја ревидираше годишната програма, распредели пари за фестивали и проекти кои претходно не добија ниту денар или добија малку пари за своите активности. По бурните реакции во јавноста Министерството објави нова листа на добитници.

„Со цел во иднина да се избегнат недоразбирањата или недостатоците при јавните конкурси, како и начинот на бодувањето и моделите на финансирање на проектите во културата, културните оператори можат да дадат свој придонес во изготвувањето на нов современ закон за култура со кој овој ресор ќе ги добие сите потребни системски решенија за кои се залага и се во интерес на културната јавност во државата.

До донесување на новиот закон, Министерството за култура со иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ во чиј состав се повеќе невладини здруженија од областа на културата, формираа работна група која ќе работи на измени и дополнувања на актуелниот закон во делот на моделите за финансирање и на критериумите за оценување“, стои во соопштението од Министерство за култура.

Во меѓувреме во Собраните утре ќе започне надзорната расправа на која ќе се проверуваат апликациите кои добиле средства, според ВМРО - ДПМНЕ станува збор за фирми и здруженијата, кои биле формирани неколку денови или месеци пред отворањето на конкурсите. Од опозицијата обвинуваат дека проектите од недвижно културно наследство биле ограничени на 300 илјади денари, наспроти милионските суми за фризерски и други манифестации, а спорна е, велат и компетентноста на членовите на комисиите, кои одлучувале за апликациите.