Подигањето споменик (2)

14.10.2010 10:05
Крушево пред 1903 година

Модуларно минато

Куполата била замислена како круна на меморијалниот комплекс, до која посетителите би стигнале откако ќе поминеле низ две други компоненти. Првата од нив била наречена „прва платформа“ и претставува голем асфалтен простор широк приближно 110 метри (Слика 12). Од овој простор, кој може да послужи како паркинг или место за културни приредби, едно искривено патче води во правец на куполата, оддалечена приближно 180 метри. На двете страни од влезната патека има скулптури наречени Скршени пранги, кои што ги претставуваат првите чекори на македонскиот народ кон слободата. Патеката покрива приближно 80 метри пред да се стигне до вториот поголем дел од комплексот, криптата, каде што влијанието на космополитските уметници паднало речиси на нула. На прв поглед и таа се базира на апстракција. Едноставна по форма, таа сочинува тркалезен простор од приближно 10 метри во пречник потонат во земјата. Нејзините ѕидови се издигнуваат во височина од 180 см на влезот од првата платформа на споменикот до 3 метри на излезот кон куполата. Ѕидовите се споени со издадени цилиндри на кои има име, а на некои и датум (Слика 13).

Вагнер-Пацифици и Шварц тврдат дека Споменикот на виетнамските ветерани во Вашингтон претставува инверзија на карактеристиките на потрадиционалните воени споменици (Wagner-Pacifici and Schwartz 1991:394-400). Некои од разликите што тие ги прават се, исто така, видливи и во крушевската крипта. Таа е свртена „удолу“ наместо „угоре“, потоната е во земја; на прв поглед се чини како збир на имиња, без централен фигуративен симбол; визуелно е невпечатлива и нема остри контрасти на бои или сенки; повеќе го разводнува отколку што го фокусира вниманието на гледачот. Како и кај Виетнамскиот споменик, човек мора да влезе во еден „свет простор“ во самиот споменик за да може да го набљудува.

Иако изградена во исто време кога и големата централна купола на комплексот, криптата го нема истиот непосреден визуелен ефект. Ниту, пак, дозволува да биде извлечена од целината како што го дозволува тоа куполата, да биде прикажана на телевизиските снимки или на банкнотите како самостоен симбол на Македонија или на Крушево во Македонија. Во материјалите за оригиналниот проект криптата е опишана како „место за медитација“. Нејзините димензии се, во секој случај, почовечки од оние на куполата; во неа можат одеднаш да влезат најмногу двесте луѓе. Она што е, и што отсекогаш било најзначајно е тоа што е таа експлицитно поврзана со минатото. Проектирана е со цел да ја опфати борбата на македонскиот народ за слобода, па од таа причина гробницата не е изградена како објект, туку како лекција по историја. И како што прилега, таа историска лекција е изготвена и спроведена од професионалните македонски историчари од Институтот за национална историја во Скопје. Имињата во криптата треба да ја претставуваат единствената, вистинската историја на обединетата борба. Архивата на Грабул открива расправии и во врска со тоа, кои го покажуваат постоењето противставени визии за македонскиот пат кон националност.


Криптата содржи педесет и осум имиња, напишани на македонска кирилица. Тие се појавуваат на тркалезни метални плочи кои ги покриваат бетонските цилиндри што излегуваат од ѕидовите. На секој од двата закривени странични ѕида има по дваесет и девет имиња; еден ред од петнаесет на приближно метар и половина над земјата и втор, понизок ред од четиринаесет, секое поставено меѓу две имиња од горниот ред, но половина метар поблиску до земјата. Тие се грубо наредени по хронолошки редослед, од најстарото до најновото, почнувајќи од крајната десна страна штом се влезе од насока на градот, па кружно по целата површина сè до крајната лева страна. Редоследот е горе-долу-горе, и сè така.

Имињата, според редоследот по кој се појавуваат, се дадени еден ред подолу во латинична транскрипција. Бројките се дадени заради полесно означување на имињата во оваа анализа; нив ги нема во криптата (види Табела 2).

Карактерот на оваа листа јасно ја разликува криптата од Споменикот на виетнамските ветерани. Споменикот на Маја Лин личи на црна таблица на која имињата се изгравирани приближно според хронолошкиот редослед на нивната смрт. На тој начин, имињата сочинуваат популација обединета според смртта во текот на војната која, како што стои на ѕидот, не правела никакви разлики. Споменикот е инклузивен; единствениот решавачки фактор за тоа дали некое име треба да биде внесено е дали носителот е умрен. Тој се потпира на традицијата на селските споменици или почесни листи во јавните училишта во Англија, во кои се наведуваат поранешните членови на заедницата што загинале во војните.

Криптата на споменикот „Илинден“, проектирана и изградена многу години пред Виетнамскиот споменик, дава листа на имиња составена на многу различен начин. Едни покрај други се наведени поединци, места, организации, дури и наслов на една книга. Иако е составена во времето на социјализмот и наменета да ја прослави борбата на целиот народ, листата е ексклузивна: појавувањето во неа претставува чест. Тука се појавуваат само водачите од историските хроники, чии активности биле на овој или оној начин „значајни“ во создавањето и во борбите на македонскиот народ за слобода. Нивните имиња не се распоредени според датумот на раѓање или умирање, туку според датумот на нивниот најголем придонес за каузата, покрај организациите и местата во кои овие придонеси биле направени. На тој начин, историјата се сфаќа како res gestae, нудејќи хронологија на значајните дела. Поединците се таму не затоа што загинале за каузата, туку поради она што го постигнале додека биле живи.

Првата верзија на историјата

Листата на имињата во криптата очигледно претставува избор од целиот домен на оспоруваната предјугословенска историја на Македонија. Иако денес изгледа дефинитивна, таа е резултат на еден долг и спорен процес на одлучување. Меѓу документите сочувани во архивата на Грабул постои и прелиминарна листа на субјекти подобни за вклучување во неа, доставена од некој комитет на Институтот за национална историја, како и опис на нивните приоритети при давањето препораки. Во комитетот биле и двајца историчари од средната генерација, чија специјалност бил раниот дваесетти век, Манол Пандевски и Крсте Битоски. Нивната првична верзија претставува малку поинаков пристап кон македонската историја. Таа содржела шеесет имиња на поединци, настани и организации, но само дваесет и едно од нив се појавиле меѓу педесет и осумте во криптата. Разликите помеѓу оваа прва листа и крајната верзија осветлуваат дел од тензиите присутни во проектот за создавање авторитативен ракопис за националното минато.

Додека дефинитивната листа започнува со личност од деветнаесеттиот век, првата листа одела многу поназад во минатото. Историчарите најпрвин предложиле првото име да биде Климент Охридски, а по него да следува Цар Самуил. Климент бил светец заштитник на словенските православни цркви, активен во деветтиот век; Цар Самуил бил крал во десеттиот век, а Охрид бил една од неговите престолнини. Следно на оваа прелиминарна листа било Карпошовото востание од 1689 година, а по него следувале браќата Миладиновци, Димитар и Константин, кои живееле и пишувале во Струга, близу Охрид, во средината на деветнаесеттиот век. Сите овие личности и настани, несомнено истакнати во историјата на Балканот, се исклучени од дефинитивната верзија.







Табела 2

Имињата во криптата на Илиденскиот споменик

Левата страна
 
(30) Ордан Пиперката
(31) Арсени Јовков
 
 
(32) Локвата и Вињари1903
(33) Гемиџиите 1903
 
(34) Смилевски конгрес 1903
(35) Илинден 1903
(36) Крушевската Република 1903
(37) Дину Вангел
 
(38) Klisura 1903
(39) Слива  1903
 
 
(40) Смилево 1903
(41) Кабруница 1903
 
(42) Мечкин Камен 1903
(43) Невеска 1903
 
(44) Арменско 1903
(45) Рашанец 1903
 
(46) Чаништа 1903
(47) За македонцките работи
 
(48) Војдан Чернодрински
(49) Никола Киров - Мајски
 
(50) Рилски Конгрес 1905
(51) Таската Серски
 
(52) Апостол Петков
(53) Димитар Влахов
 
(54) Кашина 1905
(55) Ножот 1907
 
(56) НФП 1908-1910
(57) Димитрија Чуповски
(58) МНЛД-Петровград
       1904-1917
 
 
 

По евоцирањето на далечното минато, на првата листа понатаму биле вклучени поединци и настани од главниот период на револуционерното движење во доцниот деветнаесетти и раниот дваесетти век. Поголемиот дел од нив се нашле на дефинитивната листа, иако имало некои измени во личностите, за што ќе стане збор подолу. Нив ги надминувале по број имињата на поединци, организации и настани од времето по Првата светска војна, период од кој се вклучени триесет и две меѓу вкупно шеесетте имиња. По спомнувањето на првите комунистички организации во Југославија, најголемиот број имиња биле од периодот на партизанската борба 1941-1945 година и по неа. Меѓу нив биле поетот Кочо Рацин, кој починал во 1941 година, и битката на Сремскиот фронт во 1945 година, каде неколку илјади македонски војници загинале во Србија борејќи се да ја истераат германската армија од југословенска почва, долго време откако силите на Оската веќе се беа повлекле од целата територија на Македонија. Биле вклучени политички организации со своите датуми, како АСНОМ 1944, како и културни достигнувања, меѓу кои Универзитетот „Кирил и Методиј“, основан во 1946 г. Вклучени биле и институции и настани од Грчката граѓанска војна, со што се нагласила нејзината македонска димензија, меѓу нив НОФ 1948 (воена организација) и битката на Вичо 1948, за чие значење ќе зборуваме подоцна. Сите имиња освен едно - МНЛД, последното во криптата - биле избришани од листата која е преточена во бронзена и бетонска реалност.

 

Десната страна
 
(28) Радон Тодев
(29) Сава Михајлов
 
(26) Никола Пушкаров
(27) Иван Атанасов - Грчето
 
(24) Пандо Кљашев
(25) Митре Панџаров - Влаот
(22) Никола Русински
(23) Питу Гули
(20) Ѓорѓи Сугарев
(21) Веле Марков
(18) Лазар Поптрајков
(19) Христо Узунов
(16) Димо Хаџи-Димов
(17) Крсте Мисирков
(14) Васил Главинов
(15) Никола Карев
(12) Јане Сандански
(13) Петар Попарсов
(10) Даме Груев
(11) Пере Тошев
(8) Гоце Делчев
(9) Ѓорче Петров
(6) ТМОРО 1893-1908
(7) Солунски конгрес 1896
(4) Кресна 1878
(5) Теодосиј - Митрополит Скопски
 
(2) Ѓорѓија Пулевски
(3) Разловци 1876
 
 
(1) Иљо Малешевски
 

Во архивата на Грабул нема податоци за тоа на кој начин првата листа била трансформирана во дефинитивната верзија. Од архивските записи се добива впечаток дека уметникот не бил многу заинтересиран за криптата. За време на интервјуата во 1992 година, Искра Грабул не даде коментар за тоа. Ниту тоа го сторија, откако беа прашани, Крсте Битоски и Манол Пандевски, членовите на советодавниот комитет од Институтот за национална историја, кои во 1990-те веќе беа од постарата генерација во нивната професија. Во атмосфера во која владееше историски ревизионизам, и двајцата одбија да ја искористат можноста да говорат за приказната зад двете листи. И двајцата дури продолжија да тврдат по весниците и другите форуми дека македонската историографија во југословенскиот период секогаш била независна и никогаш не била експлицитно политички мотивирана (Броњн 2000а). Но самиот факт што двете листи воопшто и постоеле, се чини, го побива тоа тврдење и укажува на нешто што историчарите во Македонија не се секогаш подготвени да го прифатат: дека историјата не се пишува природно самата себеси, туку дека е таа секогаш напишана од историчари во определено време и место, кои се неизбежно под влијание, макар и несвесно, на духот на нивното време (Butterfield 1931). Без оглед на нивните идеи при составувањето на првата листа, јасно е дека во ревидираната верзија имале удел некои нови влијанија. Тие по потекло можеби биле лични, професионални или политички; но нивниот комбиниран ефект бил создавање една сосема поинаква приказна за националното потекло.

Дефинирање на македонското национално време

Во приказите од 1970-те се вели дека крушевскиот споменик ја претставува и Народноослободителната борба (1941-1944) и Илинденското востание (1903). Тој е одраз на приоритетите во сејугословенскиот модус на сеќавање, кој го нагласува учеството на конститутивните народи во ослободувањето на земјата. Особено беше истакнат „партизанскиот мит“ на широката поддршка и движење. На тој начин, агендата на споменикот „Илинден“ ја повторува програмата за Споменицата во која активностите во 1903 се прикажани како увод во дефинитивниот чин на антифашистичката борба од 1941-1944 година. Следењето на оваа врска се чини дека ги водело оние кои ја составиле првата листа за внатрешноста на криптата, која вклучувала имиња и од обете фази на современата македонска историја, како и некои од претходните периоди.

Во самиот комплекс како целина, периодот на османската власт е поместен на пониската платформа, а прегледот на националниот напредок е претставен на непопуларните и оспорувани релјефи на Грабул, внатре во куполата. Криптата требало да претставува ослободување од ропството. Според тоа, имало повеќе наративна смисла да се издвои периодот од средината на деветнаесеттиот век до Првата светска војна, отколку да се прави обид за опфаќање на целиот национален развој.

По отфрлањето на првата листа, временската рамка на криптата била сведена на пократок период, од 1860-те до 1919 година. Првото име, Малешевски, бил одметник, замислен од македонските историчари според Хобсбаумовиот идеал на „социјалниот ајдук“ и активен некаде околу 1850 година (Hobsbawm 1959). Малешевски учествувал во Кресненското востание, коешто, како и Разловечкото востание и обидот на Теодосиј да основа автокефална македонска црква во 1891 година, стои како показател на македонското движење за световна и духовна автономија (Апостолски и др. 1979:116, 123, 128-31, 142).

Сево ова е увод во главниот временски фокус на криптата, годината 1903. На петнаесет од педесет и осумте плочки стои датум, а меѓу плочката на Солунскиот конгрес од 1896 и првото експлицитно спомнување на 1903 се појавуваат дваесет и четири имиња. Иако историчарите ги обезбедиле датумите на раѓање и умирање за секого, тие не биле ставени на плочките и не го диктирале редоследот на имињата. Од настаните во 1903 година се опфатени Гоце Делчев, Питу Гули и Ордан Пиперката, кои загинале таа година, како и Даме Груев, Никола Карев и Дину Вангел, кои биле главните водачи на Востанието, чија смрт се случила подоцна. Значи повеќе од една третина од спомнатите имиња се нашле во криптата поради нивната врска со 1903 година. Од останатите, само пет се сместени пред 1893 година, а само четири по 1905 година. Дванаесетгодишниот период определува временски параметри во чии рамки се вклучени четириесет и девет од педесет и осумте имиња.

Надворешната политичка состојба во времето на градењето на споменикот можеби придонела за ваквиот фокус. Четирите постари личности предложени во првата верзија - Климент, Самуил и браќата Миладиновци - во современа Бугарија се сметаат за Бугари. Истиот императив да се застапува долг историски континуитет владее и во Грција, каде за Климент се тврди дека е предвесник на нацијата. Ако Македонија, истакнувајќи го името на Цар Самуил, се повикала на пораната историја, ќе положела право на едно минато што македонските историчари едвај и да го имале обработено; тоа, исто така, ќе предизвикало и подбив поради еден вид националистичка бомбастичност каква што Републиката успевала да избегне уште од 1944 година. Од друга страна, експлицитното нагласено занимавање со повоениот период ќе го истакнело влијанието на југословенскиот и социјалистичкиот проект во Македонија. Дел од проектот на македонската историска професија било токму да се покаже дека македонскиот народ во федеративна Југославија влегол со своја сопствена историја и дека АСНОМ во 1944 година бил потврда за една веќе постојна национална реалност, а не за нејзиното создавање. Секој приказ на минатото на Македонија во кој повеќе се говори за социјалистичката борба по 1930-те, отколку за сите претходни векови, би оставил впечаток дека и немало многу историја пред тоа.

Некои од поновите имиња предложени во првата листа отвориле конкретни прашања. Иако Сремскиот фронт претставувал епски судир со Германците кои се повлекувале и бил дел на партизанската митологија, тој, исто така, бил и повод за протест на многу Македонци. Во 1990-тите во Скопје сè уште се говореше дека некои војници одбиле да одат на север и наместо тоа барале ослободување на Солун, поради што биле погубени на скопското Кале и закопани под него. Тие биле само некои од многуте Македонци кои не правеле секогаш разлика меѓу новиот и стариот југословенски проект и давале различни облици на отпор кој ги одвел во затвор или смрт. Во 1974 година, годината 1945 била сè уште дел од живата историја, како и предмет на гласини. Вклучувањето контроверзен настан во споменик кој требало да го обедини народот на Републиката и да изрази нешто од „неговата“ историја, во таков контекст веројатно со себе носело премногу политички набој.

Временската рамка одбрана во дефинитивната верзија ги исклучила и постарата историја оспорувана од Бугарите и новите настани обоени со југословенство. Со тоа се решиле определени проблеми врзани со вклученоста на некои имиња од првата листа. Со поставувањето на 42-годишниот период меѓу 1878 и 1917 година како централен за историјата на македонскиот народ, бил одбран период од поновото минато во кое мнозинството граѓани на новата држава можеле да ги бараат своите корени. Никаде во планирањето на криптата историчарите или другите учесници не предложиле прв на листата да биде Александар Велики, или последен да биде Тито. Иако нарацијата ја спомнува народната борба, тоа го прави со сместување на конкретните историски личности на определени точки во историското време. Нивните напори се прикажани така што својата кулминација ја постигнуваат во 1903, годината на Илинден.

(продолжува)

Фотографиите се преземени од книгата

За првиот дел, кликнете овде, а за третиот - овде.

Слични содржини

Јавни Простори / Историја
Јавни Простори / Историја
Јавни Простори / Историја
Јавни Простори / Историја

ОкоБоли главаВицФото