Добри и лоши Кинези (1)

13.03.2019 01:40
Добри и лоши Кинези (1)

Посматраме сцена во близина на влезот на Првата народна болница во Хангжу, јужно од Шангај, во провинцијата Џеданг. Улицата е тивка. Една постара жена стои на тротоарот одвоен од улицата со бариера која е висока до нејзините колена. Делува како да чека такси. Се пали зеленото светло, а автомобилите, меѓу кои има и еден седан од германско производство, тргнуваат по улицата. Одеднаш, жената ја прескокнува бариерата, излегува на улицата и паѓа на автомобилот, потоа отскокнува како дивокоза и седнува на асфалтот со прекрстени раце. Младиот возач излегува од својот седан и нервозно ѝ пријдува. Следува еден час расправа околу износот на надоместот во присуство на дремливи болничари и еден полицаец кој беше на минување.

Ова е пенг си - во буквален превод „допирање порцелан“ - обид за уцена преку лажна средба; феноменот кој стана толку вообичаен во Кина дека онлајн видео-платформите често се преполни со комични, а понекогаш драматични компилации од снимки со луѓе кои се обидуваат да го спроведат.

Тоа доведува до сѐ поголем бес, на кој се надоврзуваат и фрустрации заради други измами: скандали поврзани со хигиенските стандарди или исхраната, фалсификати итн. Проблемот порасна до толкави размери што кое било ветување дека на измамниците ќе им се застане на патот има поддршка од населението. Затоа беше лесно да се воведе систем за надзор со име „социјален кредит“. И така, од минатото лето, зборовите „чесност“ (cheng) и „одговорност“ (xin) ги красат пропагандните постери кои го промовираат овој сет приватни и јавни механизми за оценка на поединците, официјалните лица, претпријатијата и професионалните сектори, конципиран така што ги наградува добрите и ги казнува лошите.

Еден од неговите идејни творци е Лин Џунуе, истражувач од Пекинг. Во 1999 година тој на барање на тогашниот премиер Џу Џонгџи формирал работна група во која бил поставен за главен инженер. „Американските компании од Џу бараа да осмисли начин како подобро да се информираат за кинеските компании со кои сакаа да соработуваат. Моите колеги и јас одевме на студиски патувања во САД и Европа и сфативме дека треба да направиме нешто повеќе од тоа: сериозен систем кој би собирал податоци за солвентноста на кинеските граѓани и претпријатија. Нашиот извештај со наслов ’Кон национален систем за управување со кредити’ беше објавен во март 2000 година, непосредно пред заседанијата на двете собранија1. Поимот ’социјален кредит’ се појави 2002 година, кога еден претставник сакаше да направи јазична паралела со социјалната помош“, ни објасни.

Во 2006 година, Народната банка на Кина - централната банка на оваа држава - го усвои принципот credit score („кредитно котирање“), по примерот на САД каде оваа оценка главно се движи околу 300 поени (просечен) и може да се искачи до 850 (многу добар)2. Лин Џунуе потоа продолжил со работа. „Сакавме да ја истражиме кредитната способност во поширока смисла на зборот, собирајќи далеку поголем број информации. На пример, оние кои ги објавуваат министерствата за државна безбедност или телекомуникации. Комисијата за развој и реформи го усвои тој проект 2012 година и избра пилот-градови.“

Нашиот соговорник одбива површни споредби со мошне популарната орвеловска телевизиска серија на Запад, Блек Мирор3 и негира дека се работи за индивидуална државна оценка4: „Не стигнавме дотаму, иако отидовме чекор понатаму од стандардите за проценка на солвентноста. За поединците или организациите ќе се собираат најразлични информации. Тоа пред сѐ ќе им овозможи на поединците и компаниите без искуство или долга економска историја кои имаат чисти досиеја да добијат пристапи до заеми, тендери и бројни други нови прилики, благодарение на новите критериуми.“

Програмите „Небесна мрежа“ и „Око соколово“

До 2020 година програмата ќе биде тестирана во три пилот-заедници. Секоја од нив ќе одреди посебен сет критериуми, систем на оценки со бројки и букви и име на сопствениот пилот-проект. Така во Суждоу ќе се спроведе „социјален кредит на сливовиот цвет“, а во Сјамен „социјален кредит на јасминот“. Речиси сите ќе обработуваат дел од податоците собрани преку социјалните мрежи или апликациите на паметните телефони, но и преку сѐ понапредниот видео надзор. Во 2020 година, сите јавни места во поголемите градови ќе бидат покриени со камери со технологија за препознавање лица - резултат од програмата „Небесна мрежа“. Во селата ќе се спроведува програмата „Око соколово“ која на жителите ќе им овозможи да ги поврзат своите телевизори и смартфони со камери на влезовите од селата. „Чувството на безбедност е најголемиот дар кој една земја може да му го даде на својот народ“, изјави претседателот Си Џинпинг во документарецот кој се емитува на националната телевизија од 10 јули 2017 година, непосредно пред одржувањето на 19-иот конгрес на Комунистичката партија на Кина. Филмот истакнува дека речиси секоја втора камера за видео надзор во светот (42 проценти) се наоѓа во Кина.

Лин Џунуе ќе надгледува како пилот заедниците ги користат своите системи за социјален кредит. „Почитувањето на патните прописи е земено како клучен аспект за оценување во Сучиен. Во Жонгченг акцентот е на моралноста и човечноста. Во Хангжу градиме репутација на модерен и поврзан град. Нашиот тим внимателно ќе го следи овој процес, грижејќи се за заштитата на личните податоци, за што ќе биде потребно да се изработат рамки. Кога станува збор за тоа, веќе постои меѓународната норма ИСТО/ТЦ 290. Меѓутоа, таа е премногу ограничувачка и ќе влијае неповолно на економијата“. Заклучува со зборовите: „До 2020 година ќе бидат поставени правила и ќе бидат утврдени казни и награди. Инфраструктурата ќе биде изградена и државата ќе може да ја користи.“ Рокот за Пекинг е 2021 година.

Од 2015 година, Хангжу комбинира два системи за оценување. Првиот е јавен, сега е во развој и за него не знае никој од жителите или жителките со кои разговаравме. Вториот е приватен, популарен и мошне ценет меѓу властодршците: Сезам кредитот на „Ent financial“, финансиска гранка на „Alibabe“, првак во кинеската онлајн трговија со седиште во Хангжу. Овој приватен кредит на корисниците на апликации за електронско плаќање Alipay (Zhifubao на кинески) им дава оценки од 350 до 950. Alipay во Кина има монопол и го користат огромен број луѓе. Високо оценетите имаат „привилегии“ во вид на профитабилни финансиски производи, како и потрошувачки микро кредити во рамки на програмата Huabei на Alipay.

Зградата „Z Space“, дело на тим архитекти од Сиетл, претставува втор канцелариски простор кој „Ent financial“ го изгради за четири години. Компанијата засега вработува „само“ 3 600 работници и работнички, но оваа градба може да прими 8 000. Чуварите со комуникатори во ушите, облечени во одела кои потсетуваат на униформите на почесната гарда, посматраат како поминуваат вработените во шарени бермуди со најновите Beats слушалки, со електрични велосипеди или во спортски автомовили. Alipay е една од златните кокошки на деловната група која во септември 2018 имаше 700 милиони активни корисници (наспроти 500 милиони една година претходно). Принципот се заснова на скенирање КјуАр (QR) код (кратенка за quick response; суштински, се работи за дводимензионален баркод). Кажете му збогум на ситнежот: дури и просјаците имаат картички со КјуАр код околу вратот.

Користењето на апликацијата Alipay подразбира дозвола компанијата „Ent financial“ да собира мноштво лични податоци, како движењето со такси или намирниците кои ги купуваме во супермаркет, медицинските трошоци, дури и колку пари им даваме на просјаците. Како што Фејсбук генерира реклами врз основа на интеракциите на своите корисници, Сезам кредитот се пресметува преку неограниченото купување преку Alipay... Иако, не исклучиво. „Со согласност со корисниците, Сезам собира и анализира пет видови податоци кои се бележат преку Alipay платформата, но и преку другите партнерски апликации. Тие податоци се куповните трансакции, отплатувањето мали потрошувачки кредити, сопственоста над недвижнините и хартиите од вредност, личниот профил на корисникот - на пример неговото образовно ниво и интересите - и паричните трансфери на другите корисници на Alipay“, ни објаснува Ле Шен, портпарол на „Ent financial“, додавајќи: „Сезам не го интересираат ГПС податоците на корисниците, ниту нивните пораки или листите со повици.“

Во февруари 2015 година, Ли Јингин, директор за технологија на Сезам кредитот, за кинеското списание Каиксин објасни како се пресметува оценката: „Некој што игра видео игри (кои се плаќаат и играат онлајн) десет часа дневно, на пример, ќе биде сметан за мрзелива личност, додека некој кој често купува пелени ќе биде заведен како родител и, со самото тоа, како личност со префинето чувство за одговорност5“. Оттогаш веќе не станува ни збор за тоа кои податоци ги користи алгоритамот. Сега, корисниците со висока оценка кај Сезам кредитот веќе не се интересни само за „Ent financial“. Компаниите, дури и конзулатите, настојуваат да ги привлечат истакнатите поединци. Затоа, Baihe, апликација за онлајн запознавање, прво ги истакнува профилите на корисниците со највисоки Сезам рејтинзи. Големите хотелски ланци, главните служби за изнајмување велосипеди и автомобили не бараат депозити, кои во Кина се особено високи, од клиентите кои имаат рејтинг над 650. Истиот број поени ви пружа ексклузивен пристап на еден онлајн сервис за изнајмување фотографска, видео и компјутерска опрема. Добриот Сезам рејтинг може дури да го олесни добивањето виза за Сингапур или Канада.

Ревија на ароганцијата на локална телевизија

Градот Хангжу од 2004 година издава „граѓански картички“ за сите жители постари од 16 години. Се работи за повеќенаменска магнетна картичка за идентификација која ја врши функцијата на здравствена книшка и билет за превоз, а со нејзина помош можат да се платат и сообраќајните казни на соодветни терминали или бесплатно да се влезе во градските паркови. Кога се воведуваа картичките властите најавија дека сакаат да создадат широка база на податоци за подобро да ги дознаат потребите на населението. Од јуни 2018 година, сите носители на граѓански картички имаат можност да ги заменат за смартфон апликација која ги нуди истите поволности. За да се пријават мораат да го внесат својот Сезам кредит кој се бележи со препознавање на лицето. Оваа технолошка манипулација претставува формален доказ за спрегата помеѓу „Алибаба“ и управата на градот Хуангжу. Добриот Сезам кредит за нив е доказ дека сте добар граѓанин.

Од друга страна, централната банка која во 2015 година успеа да утврди кредитна оценка само за четвртина од населението на Кина, одамна дозволува Сезам и уште седум други финансиски компании да им пристапуваат на сите банкарски и даночни податоци за населението. „Банката на крајот, во мај 208 година, покрена сопствен credit score, под името Баиханг, чии малцински сопственици се токму сопствениците на овие осум компании“, прецизираше Лин Џунуе.

За да се сфати како изгледа јавниот социјален кредит во полна примена и под надзор на локалните власти, треба да се отиде посеверно, го крајбрежниот град Жонгченг во провинцијата Шандунг. „Ако Хангжу гради свој тип околу високотехнолошките компании и притоа значително се потпира на Сезам кредитот, Жонгченг е попознат по своето активно управување со граѓанскиот кредит. Овој град настојува да го поправи моралот на своето население. Разберете, тие навистина вложија во поттикнувањето“, нѐ предупредува Лин Џунуе. Навистина, во Жонгченг се мешаат фанатизмот, убедувањето и... многу импровизации.

Кон вториот дел.

(1) Секинескиот народен конгрес и Политичко-советодавната конференција на кинескиот народ посебно заседаваат еднаш годишно, во март.
(2) Да се прочита: Maxim Roben "Aux Etats-Unis, L'art de ranconner les pauvres", Le Monde Diplomatique, септември 2015.
(3) Да се прочита: Tibo Eneton, "Science et presciense de Black Mirror", во "Ecrans et imaginaires", Maniere de voir, бр. 154, август-септември 2017.
(4) Cf. Jamie Horsley "Chins's Orwellian social credit score isn't real", Foreign Policy, Вашингтон, 16 ноември 2018.
(5) Наведено според: Shelia Heton "China 'social credit': Beijing sets up huge system", BBC News, Пекинг, 26 октомври 2015.

Извор: Le Monde Diplomatique