Зошто сум европски патриот

14.03.2019 11:20
Зошто сум европски патриот

Кога известував од бојното поле во Босна, го запознав Нермин Тулиќ, сараевски глумец. Нозете му ги имаше разнесено српска граната.

Беше бесен. Ме молеше да не гледам во остатоците од неговите нозе. Се прашуваше како некогаш воопшто можел да ја прегрне својата сопруга, која е половина Србинка. Ми раскажа дека сакал да умре додека лежел во болницата, додека таа, еден кат подолу, ја раѓала нивната втора ќерка.

Жив го одржале зборовите на татко му: „На детето му е потребен татко, макар и само да седи во ќош“.

Јас сум европски патриот затоа што бев сведок како национализмот еден космополитски европски град го претвори во место во кое Тулиќ си ги изгуби двете нозе. Национализмот, самосожалувачки и агресивен, тежнее да ја промени стварноста во име на илузорното минато за да создаде нејасна иднина, која е сè само не славна. Врие од насилство, манипулира со стравот, ги мами масите. Го мразам.

Како што во 1995 година забележа Франсоа Митеран, поранешниот претседател на Франција, предрасудите мора да се победат затоа што алтернативата е национализмот – а „национализмот е војна“.

Речиси четвртина век подоцна, национализмот напредува. Американскиот претседател изјавува: „Знаете што сум јас? Јас сум националист. ОК?“

Од Унгарија до Франција, од Полска до Велика Британија, националистите негуваат презир кон Европската Унија и бараат таа да исчезне. Јас сум европски патриот затоа што го читав воениот дневник на чичко ми Берт Коен, припадник на Шестата јужноафриканска вооружена дивизија. Тој стигнал во италијанскиот Монте Касино на 21 јули 1944. Во неговиот дневник стои: „Кутриот Касино, хоророт, урнатините и пустошот се неверојатни, патишата се уништени, мини и гробови има насекаде. Огромни кратери полни кал, урнати згради, тивка глетка на духови и сенки. Треба да се сликне овој споменик на најлошите мигови на човештвото и да прошета низ сите училници.“

Јас сум европски патриот затоа што живеев во Германија и видов како европската идеја им донесе спас на повоените Германци; затоа што живеев во Италија и видов како ЕУ се вкотви во таа земја на Западот, кога искушението од комунизмот беше силно; затоа што живеев во Белгија и видов какви чекори презедоа ЕУ и НАТО за да ја сковаат Европа; затоа што живеев во Франција и видов како Европа на Французите им понуди нов начин да ја изразат својата универзална порака за достоинство; затоа што живеев во Британија и видов како Европа ја разви постимперијалната психа и, неодамна, видов во каков ќорсокак може тесноградоста да ги одведе Англичаните; затоа што живеев на Балканот и бев сведок на европската војна што однесе 100 илјади животи. И, не помалку важно, јас сум европски патриот затоа што сум Евреин.

Јас сум европски патриот и американски патриот. Нема никакви контрадикции во моите патриотизми. Патриотизмот во однос на национализмот е она што е достоинството наспроти варварството.

Ќе ја памети ли некој Европа? Како што пишуваше полската поетеса Вислава Шимборска по војната: „Оние што знаеја/ за што се работеше овде/ мора да им отстапат место на оние/ што знаат малку./ И помалку од малку./ Односно, исто што и ништо.“

Европските патриоти паметат. А нив ги има сè повеќе кога демне опасноста. Писателите меѓу кои се Милан Кундера, Елфриде Јелинек, Ијан Мекјуан, Ен Еплбаум, Салман Ружди, Бернар-Анри Леви, Херта Милер, Адам Михник и Орхан Памук објавија важен европски манифест чиј уредник е Леви.

Европа, се наведува во него, „ја напуштија два големи сојузници што во претходниот век двапати ја спасуваа од самоубиство: едниот преку Ла Манш, а другиот преку Атлантикот. Сега мораме да се бориме за идејата за Европа или таа ќе скапе под налетите на популизмот.“ Мораме. ЕУ е магнет за мир. Јас сум европски патриот поради моите деца и внуци. Зашто тие ќе ја платат цената ако умре најсјајната политичка идеја.

Извор: The New York Times | International Report

ОкоБоли главаВицФото