Капиџик

14.03.2019 18:23
Капиџик

„Капиџик“ е збирка избрани колумни на Рамадан Рамадани, пишувани и објавени во неделникот „Фокус“ меѓу 2012 и 2017 година. Во Музејот на современа уметност, во петок на 19.03.19. во 19 часот, книгата ќе ја претстават Џевдет Хајредини, Бранко Тричковски и Никола Гелевски. Книгата е издадена во едицијата ГРАДОТ на книгоиздателството ТЕМПЛУМ.

Зошто книга со колумни? Рамадани вели: „Обединување на поделената јавност, но и вратиче од кое сакам да провејуваат зборови и значења кои ќе придонесат за разбирање на луѓето во Македонија и на луѓето со Македонија. Затоа го избрав насловот Капиџик – мала врата на ограда меѓу две соседни куќи“.

Следнава афористичка реченица на Рамадани - какви што има многу во книгата - може да биде и соодветен поднаслов на „Капиџик“: „Македонија без луѓе е овошна салата; луѓето без Македонија се овошја во туѓи салати“.

Во продолжение, почитувани читатели на Окно, ви пренесуваме еден од почетните текстови во книгата, и воедно ве покануваме да ја посетите утрешната промоција во МСУ.

 

Слободата е вистинска победа

Се претпоставува дека Али Ахмети, како студент на Филозофскиот факултет во Приштина, некогаш ги прочитал дефинициите за победата, спомнати во расправите на Платон. Една од тие дефиниции вели дека победа за некого е кога другите околу него се поразени. Значи, победник е и оној кој, без свој удел во победата, победува зашто други се поразени. Ако се следи политичката кариера на сѐ уште по легитимност првиот Албанец во Македонија, има многу показатели дека токму дефиницијава најдобро ги објаснува неговите победи. Тој речиси секогаш бил на вистинското место кога некој друг бил поразен, изгубен, промашен или изморен. Бил победник по заслуга на туѓи порази. Тоа можеби се објаснува со трпението кое го краси како лидер? Или, просто, си има к’смет и среќа човекот.

Не знам колку таквите победи се слатки, но знам дека во Македонија тие се единствени важечки. Оти овде фудбалот се игра без обележани стативи! Македонија е стадион на кој има многу екипи и играчи; повеќето од нив ја знаат својата страна и имаат одбележани линии за аут и за корнер, но нема обележани греди или стативи, за да се знае што е погодок. Така што, каде и да шутнеш можеби си дал гол, а може и не. При таква игра секогаш најважни се навивачите и судијата. Важно е судијата да се погоди. А од таа сорта ги има сѐ повеќе: оние што просто си ја земаат дневницата, како што се странските дипломати и меѓународните преставници, кои си земаат плата, без разлика дали имало или немало голови и игра во Македонија.

Поради поделеноста на навивачите и честото менување на судиите, сепак изгледа дека овде уште долго најсигурен победник ќе биде тој што има среќа другите околу него да се поразени. Без напор, труд и предизвик, и во политиката и во фудбалот, на крајот е важен резултатот, а не статистиките за посед на топката, за дриблинзите или за шутовите. Што би рекле Турците, кои ете, уште еднаш, преку телевизиските серии сакаат да ни шетаат голи низ куќа: Не ја гледај Хатиџе, туку Нетиџе (резултатот)!

Ако е веројатно дека студентот по филозофија го прочитал Платон, тогаш станува поизвесно дека пропуштил друга важна лектира, обврзувачки дел од општата култура: стрипот Алан Форд. Таму се провлекува една мудрост која Грунф ја носи на маица: „Ако сакаш да победиш, мораш да не изгубиш!“

Така се станува победник. И според Платон и според Грунф. Што сепак не е случај со Али Ахмети. Бидејќи само освојувањето на слободата е вистинска победа. И ако таа слобода е цела, баш како Македонија. Поединечната слобода е дотаму до каде што почнува слободата на другиот; но колективно и во целост гледано таа завршува кога комшијата ја нема. Во периодов што следи ќе биде многу важно да го осознаеме ова. Плус фактот дека слободата нема боја и нација и дека се бориме за неа секој ден и секаде.


Белешка за авторот

Рамадан Рамадани, роден во Скопје 1972. Оџа, дипломиран на Иса Бег медресата во Скопје и на Теолошкиот факултет на Мармара во Истанбул. Доктор по историски науки , долгодишен активист во разни, формални и неформални, граѓански иницијативи. Аналитичар кој објавува на албански и македонски јазик во Македонија и на други јазици во регионот.

 

 

ОкоБоли главаВицФото