Мандат во борбата за климатска правда

15.03.2019 01:21
Мандат во борбата за климатска правда

За движењето #FridaysForFuture и идејата на шведската тинејџерка Грета Тунберг која го покрена овој активизам, пишува Иво Босилков, еден од организаторите на утрешниот протест.

Иницијативата Fridays For Future е изградена на база на класичниот модел на хоризонтална организација. Принципите на грасрутс движењата се доволно познати на прогресивниот читател како ефективен начин за локална мобилизација на широко, честопати меѓународно движење: формирање ограноци во поголемите урбани средини, градење на мрежи од активисти и отсуство на силен врв на хиерархијата кој би испраќал наредби одозгора. Ваквата констелација овозможува креативна слобода во контекстуализацијата на движењето и само начелни ограничувања во неговите активности, со цел тие да кореспондираат со фундаменталната мисија на иницијативата.

Од лабавиот и неформален „центар” на Fridays For Future, пред некој ден пристигна официјално соопштение за медиуми за сите филијали во повеќе од 100 држави каде на 15-ти март ќе се одржи протестот против климатските промени. Во насловот на ова соопштение напишано од германските координатори, стои поимот „климатска правда”. Иако по струка сум политиколог, со релативно мало искуство во активизмот за животната средина, сметам дека располагам со доволно познавање на темата животна средина. Сепак, поимот ме натера да се замислам. Како ја склопиле другариве од Германија оваа конструкција, кога правда подразбира морална вредност, а борбата против климатските промени се однесува на јасно дефинирани технички барања? Нели ние само бараме од владите во светот да се држат до упатствата од Парискиот договор за останување под границата на глобалното затоплување од два степени? Од каде пак сега правда?

За да се разбере значењето на Fridays For Future не е доволно само познавањето на неговите директни цели и запознаеноста со неговата структура. Неопходна е рефлексија која ќе навлезе длабоко во причините на неговото постоење, неговото функционирање, и неговите дискурси. Под површината, која ја претставува барањето да се стави крај на глобалниот раст на температурите (и конкретните предлози за остварување на таа цел), Fridays For Future претставува потрага по изгубениот човеков дух, како основниот двигател на човековата цивилизација. Кога таа цивилизација е реално загрозена од климатските промени, самите резултат на човековата дејност, тогаш логиката налага дека постои нешто навистина расипано внатре во сржта на тој дух.

Оттаму, Fridays For Future е крик на гнев. Разорниот потенцијал на климатските промени е познат со децении, но ова знаење воопшто не ја поколеба алчноста на корпорациите, кои копаат фосилни горива со поголем интензитет од било кога и масовно инвестираат во мега производни комплекси и нови неодржливи технологии. Ако некој алтруист би пробал да ги окарактеризира припадниците на нафтеното лоби и индустриските гиганти како исклучок од правилото, расипано јаболко кое постои кај сите живи видови, за жал, соучесништвото на владејачката политичка класа во злосторот инстантно ќе го побие неговиот аргумент. Политичките елити се изворот на најголемото разочарување од состојбата на човештвото: луѓе избрани да ги претставуваат интересите на сите, кои со нивните политики ги штитат оние кои брутално ја уништуваат планетата. За Fridays For Future, корумпираните политичари се олицетворение на бесмислениот самоуништувачки нагон на целокупното човештво; по принципот „секој народ го заслужува својот владетел”, тие се приказ за општата морална беда која ќе не доведе до екстинкција.

Парадоксот е што паралелно со оваа огорченост, Fridays For Future вибрира со спектакуларен оптимизам. Тој произлегува, како и секогаш во историјата, од симболизмот на индивидуален херојски момент, акт, ентитет. Соло-протестот на Грета Тунберг во август минатата година беше искрата на надеж дека не е се изгубено. Утре напладне, таа надеж ќе се манифестира како лавина на одново пронајдениот човеков дух, насекаде во светот, преку протестите на Fridays For Future.

Кога 15-годишно девојче со Аспергеров синдром може да поседува доволно храброст, визија и капацитет во борбата за животната средина, тоа претставува потсетување за постоењето на основните човекови вредности, како и поттик секој да ги пронајде во себеси. Клучниот фактор во магнетизмот на Грета не се нејзините (неспорни) квалитети. Најпосле, Швеѓанката не е ниту некаков гениј од вундеркинд, релативно е неугледна и не е претерано инспиративен оратор. Клучниот фактор е нејзината возраст. Таа ја претставува првата генерација на млади на кои светот се чини нема да остане. Затоа и нејзините врсници се идентификуваат со нејзината порака, а возрасните конечно почнуваат да се погледнуваат во огледало и да го препознаваат императивот да се искупат за нивните гревови.

Она што го прави амалгамот од гнев и надеж на Fridays For Future експоненцијално поголем е неговиот младешки карактер. Токму оттаму доаѓа и таа морална димензија, преку поимот „климатска правда”. За да има правда, треба да има и неправда. За да има неправда треба да има виновен. Кој е виновен? Децата на кои им е одземена иднината сигурно не. Виновни сме ние, кои со нашата ароганција, себичност и индолентност дозволивме да не водат слепци и преваранти. Климатска правда значи дефинитивен крај на негирањето на ефектите од глобалното затоплување и најстрого придржување до научните препораки за неговото сузбивање. Климатска правда подразбира колективна акција без преседан во историјата, која ќе го трансформира во целост актуелниот трул и неодржлив социоекономски модел. Климатска правда ќе има тогаш кога ќе се врати природниот еквилибриум на планетата, преку целосното елиминирање на загадувањето на воздухот, водата и почвата.

Грандиозноста на овие цели, во комбинација со товарот од неправдата кон младите, носи огромна морална одговорност во намерата достојно да се претставува нивната идеја. Особено во држава каде веќе егзистираат десетици организации, кои се бават со петкратно повеќе еколошки проблеми. Можеби некои меѓу нив сметаат дека токму тие требале да ја добијат честа да ги претставуваат младите, како потврда на нивните досегашни заслуги. Меѓутоа ова не е борба за престиж, туку борба за опстанок. Затоа, мандат за претставување во борбата за заштита на животната средина општо и против климатските промени конкретно не се дава. Тој природно се добива, кога постои колективна потреба и индивидуална желба. Неодамна добив прашање на кој начин сум ангажиран во Fridays For Future. Одговорот е едноставен: затоа што сакам, и затоа што можам. Би сакал да верувам дека и Грета Тунберг размислувала на ист начин кога прв пат застанала пред шведскиот парламент со транспарентот „штрајк од школо за климата”. Така мораат да размислуваат буквално сите, и стари и млади. Се претставуваме самите себеси, и ги претставуваме сите останати. Само така повторно го пронаоѓаме изгубениот човеков дух, и ја спасуваме човековата цивилизација.

Во нашиот микроконтекст, меѓународно хоризонтално движење од ваков тип му овозможува на секој кој ја препознава нужноста на моментот и доблеста на каузата да му пристапи и да придонесе, во склад со своите можности. Во такво движење, никој не е вишок и никој не може да има скриени мотиви. Fridays For Future ги обединува во единствена порака напорите за санирање на сите поединечни еколошки неправди кои во моментов им се случуваат на граѓаните на Македонија.

Тоа е затоа што за прв пат, дава нова перспектива за нашиот еколошки колапс, како увертира во еден поширок процес од кој бегање нема да помогне. Нема да помогне ниту одењето на училиште, ниту промени во индивидуалните навики. Ќе помогне само приклучување на глобалниот притисок кон политичарите. Дилеми околу тоа кој го има мандатот за борба против неправдата водат кон дифузија на одговорноста и чувство на немоќ. Утре, младите во светот и нивните сојузници сами го земаат својот мандат, затоа што за разлика од училиштето, за планетата поправен испит веќе нема.

Извор: Радио МОФ

 

Слични содржини

Општество / Активизам / Став / Екологија

ОкоБоли главаВицФото