Добри и лоши Кинези (2)

15.03.2019 00:32
Добри и лоши Кинези (2)

На крајот од денот, паркот околу градското собрание е речиси сосема празен. Една постара двојка во крпена облека ни ја објаснува причината: „Сега се прикажува ’Животот на народот 360’. Многумина се пред телевизорите.“ Секоја вечер, локалниот телевизиски канал емитува ревија на неморално однесување снимено на видео камери во претходните 24 часа. Гаќи кои висат на оградата од станбената зграда, стар кауч исфрлен на тротоарот или, уште полошо, возачи кои не забавуваат на пешачките премини и пешаци кои ги преминуваат улиците подалеку од пешачките премини: снимките се менуваат со огромна брзина. Броеви на регистарски таблички, лица, а понекогаш и имиња на престапниците се емитуваат помеѓу две предупредувања кои ги читаат рамнодушни полицајци, со очи вперени во камерата.

Добредојдовте во Жонгченг, познат по риболовот, индустријата за камп приколки, и она што претставува зимско престојувалиште на монголските лебеди. Оваа паланка се претвори во град за само десет години, вшмукувајќи ги селата во радиус од дваесет километри. Во 2013 година социјалниот кредит беше воведен во Жонгченг и во речиси сите 919 села кои се наоѓаат во негова надлежност, што доведе до значителни промени во однесувањето и социјалната интеракција. Жителите имаат почетен рејтинг од 1 000 поени и автоматски се наоѓаат во категоријата А. Во зависност од тоа дали добиваат или губат поени, се искачуваат кон категоријата А+ или паѓаат во категоријата Б, Ц или Д. Доволно е жителот да изгуби еден поен и да падне на 999, за да премине во категоријата Б и да се најде во ситуација во која банката нема да му одобри станбен кредит. Оценката се издава во вид на печатиран сертификат во новата канцеларија во градскиот совет.

Откако непрописното фрлање ѓубре води кон губење 3 поени, тротоарите и автобусите се изненадувачки чисти. Никаде не може да се види отпушок или празна конзерва. Секако, за да бидете казнети не мора на дело да ве фати службено лице; бројните камери од фирмата „Хиквижн“ - светски лидер во производство на опрема за видео надзор чиј најголем клиент е кинеската држава - ќе ја извршат работата. Веќе не е предизвик да се премине улицата: на главните улици возачите им застануваат на пешаците - екстремно ретка глетка во Кина. Ако не се почитува овој пропис, казната е сурова: 50 јуани, три поени помалку на возачката дозвола (од вкупно дванаесет) и пет поени социјален кредит помалку. „Тоа се случи одеднаш, пролетта 2017 година. Еден ден автомобилите почнаа да застануваат. Не знаев што да правам!“, се присетува госпоѓата Јуан со тежок манџуриски нагласок.

Многу градски населби усвоија кодекси за добро однесување кои ги потпишуваат жителите и жителките. Во Чингшан, на пример, правилата за однесување се објавуваат на големи сини огласни табли. Приоритетите вклучуваат: забрана за таканаречените „жолти“ (односно еротски) филмови и книги, престанување со одгледување зеленчук на улица, гаснење на нерегистрираните богомолки, сузбивање на лошите односи помеѓу соседите и навиките со луксузни коли да се доаѓа на свадби и погреби. Прекршувањето на сите овие прописи влече ризик за намалување на оценката.

Пристуноста на социјалниот кредит е уште повидлива во помалите села од конурбацијата. Стотина од нив веќе имаат „траги на социјален кредит“ на кои на весели и шарени паноа детално се набројуваат упатства, се истакнуваат лицата на заслужните граѓани и се наведуваат поените кои се одземени или додадени од минатиот месец. Жителите на Донгдао Лу Џие, симпатично селце со свежо асфалтирани улици, на 10 јули 2018 година доби преверовски правилник за социјално оценување. На неговите дванаесет страници може да се прочита дека берењето овошје за соседите донесува еден поен; помагањето на постара личност да оди во болница или на пазар, исто така еден поен - со месечен лимит од две заминувања; вадење возило од ендек: еден поен; помагање за поставување водомер и позајмување алат: половина поен. Меѓутоа, ако се пуштат пилиња од кафез, казната е 200 јуани и десет поени помалку; тепачката чини 1 000 јуани и десет поени; фрлањето отпад во река: 500 јуани и пет поени; цртање графити или лепење налепници кои ја критикуваат власта: 1 000 јуани и педесет поени. Најтешка казна добиваат оние кои одат да се жалат кај повисока инстанца на власта, а притоа не му се обратиле на началникот на селото6: 1 000 јуани и автоматско префрлување во категорија Б.

Да се напиеш во кафеана... во соседното село

„Некогаш селото плаќаше чистачи, но тие не работеа добро. Сега чистиме сами. Тоа носи поени и штеди пари“, зборува Љу Џиан, витален 64 годишник во фармерки и кошула со цветни мотиви. Овој селанец цел живот работел од градилиште на градилиште за на крајот да му се врати на родниот дом од сив камен. „Еве, штотуку го поправив каминот на соседот. Ако го пријавам тоа кај нашиот партиски шеф и ако мојот пријател го потврди тоа и го фотографира, ќе мораат да ми дадат поен. Оценките се објавуваат на крајот од секој месец на страницата WeChat, но јас немам смартфон.“ Се зборува дека оние со добри оценки за Кинеската нова година добиваат кофи полни со остриги и кантички со масло. „Пред некој ден соседот ми кажуваше дека шефот собрал екипа старци за да изгради работилница за хендикепирани работници во градот. Никој од нив немал никакви квалификации. Сепак, со малку мито сето тоа поминало. И тој е задолжен да нѐ оценува? Мора да се шегуваат!“

Во соседното село со 250 жители, Симу Џии, кое се наоѓа на бреговите на затруена река, зад дебелите црни церади се одгледува гинсенг. Бетонскиот покрив на првата куќичка, истоветна со сите останатите и опкружена со светликаво стакло, ја краси голем црвен крст. Тоа е протестантска црква која опслужува педесетина верници и вернички, отворена двапати неделно. На прагот излегува крупна жена со кратка коса. На емајлираната плоча закачена над вратата пишува: „Семејство со социјален кредит за пример“. Иста е глетката и кај соседите. „Тоа беше пред три години“, објаснува госпоѓата Му, прочистувајќи го грлото. „Службениците без причина ја наградиле источната страна од селото. Потоа следната година и западната. Тие мораат да ја исполнат квотата. Оваа година е посериозно. Сите добивме книжуле во кое пишува што треба и што не треба да правиме, како да сме на училиште. Добивме и адреси на евалуаторите кај кои треба да ги пријавуваме добрите дела и да бараме поени.

Нејзиното име не се наоѓа на краткиот список со августовските добри самариќани, закачена во месната заедница каде луѓето од зората за грст јуани играат сјангчи (кинески шах). „Сѐ уште не сум подготвена да им кажам дека ѝ помогнав на соседката.“ Шепоти: „Имам пријателка чиј маж не го вратил кредитот. Пропушти една месечна рата и се најде на црната листа. Целото соседство дозна. Можно е да нема врска со тоа, но во меѓувреме тие се разведоа...“

Госпоѓата Му ја затвора вратата. Црната листа за која зборува мора да е список „економски престапи“ кои кинеската влада секој месец ги поставува на сајтот Creditchina.gov.cn. Не се знае вкупниот број претпријатија и поединци кои се наоѓаат на неа, туку само оние кои се последно додадени. Во септември 2018 година, заради несиплаќање долгови, даноци или парични казни на списокот завршиле 228 000 поединци и 55 000 претпријатија.

На социјалната мрежа Веибо, анонимни сторители ги опишуваат своите казни без притисок од јавна осуда: забрана за пријавување на тендери за фирмите, неможност да се резервира соба во добри хотели или да се запишат децата во добри вечерни училишта, забрана за патување со авион или брз воз во траење од една година. Со самото тоа, отстранувањето на своето име од листата - така што ќе се уплати поголема сума - секако станува приоритет.

Неколку километри појужно, на еден столб покрај празниот автопат со четири ленти, со црвени букви е изгравирано соопштение дека во блиското село се наоѓа канцеларија за социјален кредит. Нејзината управничка истовремено е на чело на локалната федерација на жените. По укинувањето на државната политика за едно дете, Ју Џианси повеќе не е задолжена за контрола на раѓањето. Од мај 2018 година таа ги проверува извештаите на трите свои евалуатори - локалци од доверба кај кои се пријавуваат добрите дела и прекршоците.

„Ги собирам нивните податоци секој 18-ти во месецот, на 20-ти испраќам извештај до шефот на селото и округот, па на 25-ти се состанувам со нив за да дискутираме и да одлучиме за поените. За да се признае едно добро дело, потребна е барем фотографија или видео снимка. За тоа се задолжени евалуаторите, зашто кај нас едвај педесетина луѓе имаат смартфон.“ Тврди дека никому не одземала поени: „Кога некој ќе остави смет пред куќата, му давам рок од три дена да се погрижи за тоа пред да му ја сменам оценката. Целта не е на луѓето да им се прават проблеми, туку малку да се цивилизираат. Нашиот слоган е ’Хао Рен Хао Ши’ (’Добри луѓе, добри дела’)“.

Уште понатаму, скриено зад ограда од трска, се наоѓа селото Мао Љу Џиа. Во муграта, на вратата на 42 годишната Ма Ју Линг дојдоа луѓе од градот за да добијат неколку поени. Таа веќе 15 години живее испружена на канг ¬¬- загреано бетонско легло - со шише вода и далечинско поставени така што може да ги дофати со устата и брадата. Страда од нервна болест која заради неуспешна операција резултирала со постепена квадриплегија.

„Во 1998 година ме посетија од Шандунг ТВ и ми понудија инвалидска количка. Тогаш можев да одам. Сега веќе ни вратот не можам да го поместам од болка.“

Веќе две години, добродушни луѓе - никогаш истите - двапати месечно доаѓаат од Жонгченг за да ја исчистат нејзината трошна куќа и да им помогнат на домашните да се средат. Ова добро дело носи четири поени. Добродушните понекогаш носат тепсии со кнедли кои нејзиниот маж ги става на дното од замрзнувачот.

„Но тоа не е доволно да се надомести малата помош што ја добиваше жена ми - 3 000 јуани (386 евра) годишно - укината кога нашиот син стана зрел за работа. Нејзиното здравствено осигурување не ги покрива ни пелените, ни завоите, ниту средствата за дезинфекција кои ги троши во големи количини. Тоа е трошок од 6 000 јуани годишно“, кашла додека налева ракија брливка во чашата. Ма Ју Линг додава: „Никогаш не заминувам од селото, освен кога со камион ме превезуваат до окружната болница за медицинските сестри да ми го заменат катетерот. Сакам да примам гости, да зборувам со жените од градот и да ме шминкаат. Баш ми е гајле дали тоа го прават заради своите оценки.

„Единствена оценка не би била од корист“

Во овој дел од Шандунг, социјалниот кредит се применува во бројни села. Во Тенг Џии, на пример, негативните поени и имињата на оние што ги добиле се објавуваат преку разглас во петок навечер. Заради таа санкција луѓето се принудени да ги решаваат своите спорови или да се опиваат во кафеана... во соседното село, за да ги избегнат своите евалуатори-стражари.

Џереми Даум, американски истражувач од Јеил, експерт за кинеско право и творец на блогот China Law Translate, ги собира и преведува сите прописи кои се однесуваат на кинескиот систем за социјален кредит7. Тоа е потфат од библиски размери. „Кога некој ќе влезе во ресторан, може да ја дознае оценката за чистотата на неговата кујна која ја издала Агенцијата за прехранбена безбедност. На таа личност не ѝ е важно дали готвачот ја водел својата баба на пазар или се шверцувал во воз. Исто така, кога некој банкар одлучува дали на својот клиент ќе му одобри кредит, него не му е важно дали тој лошо го селектира своето ѓубре, иако и таа информација му е достапна“. Иронично прецизира: „Можеби еден ден деталната анализа на податоците ќе докаже дека лажирањето на билетот за превоз е предиспозиција за кршење на санитарните правила или дека оние кои загадуваат не ги отплатуваат своите долгови. Сепак, засега, единствената оценка не би била од никаква корист за владата. Верувам дека за нив најважни се црните листи и јавното понижување кое оди со тоа.“

За фирмите (и нивните директори) кои се занимаваат со увоз и извоз, градежништво, патен и авионски транспорт, статистика, правно советување и нотарство, организација на настани и маркетинг, лични огласи, заштита на интелектуалната сопственост или договарање бракови, деталните списоци на добри и лоши поединци веќе се корисни. Меѓутоа, за граѓаните и граѓанките, нетранспарентноста на овие операции - кои не се полоши од оние кои ги спроведуваат американските веб-гиганти - може да го претвори социјалниот кредит во ноќна мора.

Крај.

Кон првиот дел.

(6) Во Кина постои долга традиција на поднесување жалби до повисока инстанца, од окрузи, преку кантони, префектури, до провинции. Да се прочита: Izabel Tiro "Les cahiers de doleances du peuple chionis", Le Monde Diplomatique, септември 2010.

(7) "Legal documents related to the social credit system". China Law Translate, www.chinalawtranslate.com

Извор: Le Monde Diplomatique