Политичари на работ од нервен слом

15.03.2019 00:59
Политичари на работ од нервен слом

„Случајот со Чавков е политички прогон“, вели опозицијата. Зошто? Заради тоа што три дена пред читање на пресудата за обидот за државен удар на 27 април го сместиле човекот во притвор. Зошто? Затоа што полицијата имала оперативни сознанија дека Чавков се подготвува за бегство, што го прифатило и Обвинителството и Судот како разумна основа за негово притворање. И што е тука спорно?

Ама имал голема гаранција дека нема да побегне; ама немал викендичка на Халкидики; ама судот „веќе ја напишал пресудата“ (ова ми е најсмешно – па, да де, не се чека белки тоа да го прави во петок наутро?!); ама „службената белешка (врз која се темели приведувањето) била лажна“; ама „мафијашки“ бил следен и вака ни во Нирнберг не биле третирани осомничените (?!?!)…

Замислете! И сето ова за да се извалка возвишеното име на прекрасниот професионалец Чавков, главниот полициски извршител на Груевски и Мијалков! Се извинувам, ама: Јеботе!

Одеднаш целата пропагандна машинерија на криминалната организација на бившиот режим, на чело со нејзиниот сегашен претседател, станаа експерти на Стразбур за човекови права, за кривична постапка, за професионални стандарди во полициското работење, за етички принципи во третманот на осомничените… Истите тие што со гадење одбиваат макар благо да се дистанцираат од злосторствата на бандата што на 27 април, како и многу години пред тоа, се обидоа да нанесат големо зло – и во безброј претходни случаи тоа им успеваше – со газење на сè што е фер, законски, етички, професионално или сочувствително кон илјадници свои сограѓани…

Мицкоски, на работ од нервен слом, прогнозира 100 години затвор за учесниците во насилствата од 27 април. Тоа е, се надевам, конзервативна проценка за она што го заслужиле, доколку судот навистина реши да ги осуди. Бидејќи кумулативно, кога на поединци ќе им ги соберете сите кривични дела за кои одговараат, има таму два-тројца што самите заедно би ја постигнале таа 100-годишна прогнозирана квота на Мицкоски.

Бидејќи самата опозиција прогнозира високи затворски казни за учесниците, треба да се каже дека особено Чавков навистина имаше шанса за поблаг третман и од страна на Обвинителството, а веројатно и од страна на Судот, доколку одбереше да соработува со правдата. Можеше и тој да посведочи како е организиран и изведен целиот овој пучистички кривично-правен мега-скандал, да раскаже од кого ги примал наредбите и што требало да се случува по прогласувањето на вонредната состојба.

Чавков таа соработка со правдата ја одби. Добро, негово право. Се жртвуваше, војводава, за каузата, претпоставувам. Оти, би бил глупав да се жртвува за оној што се шета по Будимпешта.

Затоа и мислам дека би било многу погрешно, како јавност, да дозволиме пресудата против злосторниците од 27 април да биде проследена со превладувачка врева од страна на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ. Едно се проблемите и потребите на Мицкоски во партијата, но македонската современа политичка историја мора овој ужасен настан да го квалификува со адекватни судски одлуки, за да можеме да го оставиме зад себе, без закана за повторување барем во наредните две-три генерации македонски граѓани. Тоа е смислата на целата оваа правна егзибиција, доколку Судот ги потврди сомневањата на Обвинителството.

И тотално е небитно дали Чавков имал или немал викендичка на Халкидики. Да беше попаметен, за некоја година навистина ќе можеше да се сонча на тамошните плажи. Тој одбра да си лежи под овдешна сенка. Тоа е.

Слики: Свирачиња

Извор: Цивилмедиа