Миг на јасна среќа

15.03.2019 13:01
Миг на јасна среќа

Го нарекувале најголемиот жив реалист – Лусијан Фројд (8 декември 1922 – 20 јули 2011), британски сликар со германско потекло, внук на Сигмунд Фројд. Неговите дела го обземаат оној што ги набљудува, извлекувајќи сè на површина, па и непријатноста што постоела помеѓу уметникот и моделот во текот на процесот на создавање на уметничкото дело. „Мигот на јасна среќа никогаш не се појавува во уметничкото дело. Ветувањето за таа среќа е присутно во текот на создавањето, но со завршувањето на процесот целосно исчезнува. Во тој миг уметникот сфаќа дека тоа што го создава е сепак само слика“, велел Лусијан. За неговиот живот се знаело многу, но не сè, а најмалку за природата на односите што ги имал со поетот Стивен Спендер.

Семејството на Спендер, во чија сопственост се наоѓале писмата, во 2015 година ја открило нивната содржина, која зборува за сите тешкотии што го следеле она што во тоа време било забранета љубов. Имено, во времето кога уметниците се допишувале – кон крајот на триесеттите и почетокот на четириесеттите години од минатиот век – хомосексуалноста не била само табу, туку се сметала и за злосторство. Спендер во тоа време бил во своите триесетти години, додека Фројд бил тинејџер, а нивните писма укажуваат на тоа дека биле повеќе од пријатели. Писмата до јавноста стигнале по смртта на Наташа, сопругата на поетот (2010), која секогаш тврдела дека неговата „хомосексуална фаза“ е завршена во 1941 година со почетокот на нивниот брак. Аукциската куќа „Сотби“ ги продала писмата за 35 илјади долари.

Преписката траела во периодот помеѓу 1939 и 1942 година, а во некои писма се наоѓаат и илустрации што ги цртале Фројд и Спендер. Фројд во писмата се потпишувал со псевдонимот Лусио Фрут или Лусијанус Фрутитас: „Дали можеше да го забележиш изразот на чисто задоволство додека ги истражуваше моите одлики (и очите ми ги полнеше со искрива светлина) со тие раце што веќе добро ги познавам?“ – напишал во едно од писмата, а тие зборови го отфрлаат секој сомнеж околу природата на нивниот однос, и она што се случувало меѓу уметниците.

Потомците на Спендер во времето на објавувањето на писмата се расправале за нивната природа, а неговиот син при таа прилика рекол: „Татко му веруваше во љубовта и сметаше дека од неа почнува целата негова поезија, и дека не бега од бурните мигови што му се својствени единствено на вљубен човек. Од писмата се добива впечаток дека татко ми го сакал Лусијан и дека верувал оти е тој негова сродна душа. Неговата поезија доаѓаше од слободата, а неговата слобода се потпираше на љубовта“, рекол син му во таа прилика. „Ако мајка ми одбрала да живее со поет, морала да ја прифати целокупната ситуација, а тие имаа долг и среќен брак, кој траеше 55 години.“

Спендер и Фројд едно време дури и живееле заедно во Северен Лондон, а Фројд насликал дури 20 портрети на Спендер, но не е познато што се случило подоцна, со оглед на тоа дека Фројд не зборувал со радост за овој период од својот живот.

Извор: www.xxzmagazin.com
Превод: Ѓ. З.

ОкоБоли главаВицФото