Опасен волунтаризам

16.03.2019 03:03
Опасен волунтаризам

И сега ние сите – и културата, и Владата и Собранието, но и целата јавност – можеме да се правиме и глуви и слепи, па дури и неписмени, ако сакате, односно дека ова што го читаме всушност и не го читаме, ама реалноста повторно е таа, една те иста, онаа како и пред околу еден месец. Тогаш, имено, се објавија „резултатите“, поточно верзијата на резултатите на Министерството за култура од Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес, кога јавноста, или барем дел од неа, остана запрепастена од „културното“ ниво на Министерството и од веќе алармантниот степен на етно-партиските шмеќерлаци со културниот буџет.

И речиси веднаш, по реакцијата на премиерот и на дел од стручната јавност, уследи ретерирање на министерот и правдање со некакви законски / конкурсни услови и правила небаре апликантите конкурирале за членство во НАТО, во Светска банка или во некоја уште понепробојна глобална асоцијација а не за средства за проекти од државниот буџет. Ама се покажа дека тој државен буџет и не е баш така државен, туку пред се’ е партиски, па етнички, па на крајот, во еден мал дел – државен, а ветувањата на министерот, па и на премиерот, требаа да ја задоволат културната јавност дека грешките ќе бидат корегирани.

И еве ги корекциите, на показ и доказ како всушност во Македонија се делат не само буџетските пари за културата туку и – лаги. А се делат на истиот, опасно волунтаристички начин како и пред месец дена, со еден и единствен критериум: според етно-партиските преференци на врхушката во Министерството за култура, наспроти сите реакции и жалби, па дури и наспроти сите ветувања дека проблематичните „места“ ќе се разрешат на општо задоволство. Испадна дека задоволоството, повторно, е само на првите персони во Министерството за култура зашто сите, или безмалу сите небулози, идиотизми, волунтаризми, необјективности, неукости … останаа, ама некаква сатисфакција добија оние неколку погласни апликанти, а меѓу кои (оправдано) и Фестивалот „Златно славејче“, „Џез фестивалот“, „Макфест“, „Авалон“ и уште некоја ситна боранија. Но, се разбира, и – „Интерарт“, зашто инаку за што ќе беше она одењено кај министерот? И ова ли се „стандардите и критериумите“ што ги бараа дотичните персони од министерот и заради кои што со денови не’ гњавеа? Па имате ли малку срам, за 500.000 денари? Иако некои од дотичните преку леб бараа погача зашто, пред се’, парите ги барале на погрешно место, како на пример за театарски или уметнички проекти барале средства од интердисциплинарни проекти, мислејќи дека таму полесно ќе поминат?

И ете – поминале, безобразно, необјективно, земајќи го местото на друг. Ама и овој дел од резилот е тотално рамноправен со резилот на „монографијата“ на Изет Цури (370.000), на пример, со „проектите“ на сите можни албански факултети, со парите за „сајт на годината“ (430.000), за „Форум за продукциски дизајн“ (500.000), за „Детско катче“ (585.000) … па за „Етнофест – пеливанството продолжува“ (700.000), па за „Музејот на Зекирја Алији“ (700.000), а има богами пари (120.000) и за „Денови на нарцисот“ во Лазарополе … ама за истражување на Скупи може и само со 200.000, за конзервација на фасадата на спомен-куќата на Стив Наумов може и само 280.000 (а биле барани 3.812.347), за Курбиново може и само 1.900.000 од барани 19.850.000 (извинете, но сигурен сум, се кладам дека тие и не знаат што е тоа Курбиново!) ама затоа за куќата на едикојси Даут Болетини во Гостивар може да се дадат 1.100..000 ит, итн.

И токму во контекстот на божемните погоре спомнати корекции е првата дилема што ја отвора оваа нова листа на желби на министерот Адеми и компанија: дали требаше целата култура да се помкне и да му се поклони за тој да го одврзе нашето ќесе и да ни даде нешто ситнеж, колку да не плачеме? А ако некој не сакаше да оди на поклонение? И кој тоа, и каде, утврди дека така се води политика во културата? Ако пак претходно спомнатите, во првата објава не добија средства заради недостаток на документи, зошто само ним им е дозволено повторно да доставуваат што и да доставувале, а не и на другите? Или во оваа држава нема право, ни правда, ни конкурс, ни услови во конкурсот, туку пари добива оној кој прв ќе се пожали, јавно, и ќе отиде на ходочастие кај министерот за култура, па овој ако го бендиса – ќе се разберат?

Можно ли е македонската култура и македонскиот правен систем да паднале на вакви ниски гранки? И можно ли е ние ова да го гледаме, слушаме и читаме и никој да не реагира? Дури ни премиерот, чии јавни инструкции беа сосема поинакви од ова што денес го гледаме? Или врхушката во Министертвото за култура е навистина недопирлива, заради „големата слика“? Ама која, по ѓаволите, е таа „голема слика“ која цела година дозволува такво малтретирање и девастирање на македонската култура, целосно минирање на започнатите реформи зашто тие едноставно не ги разбираат, делење пари небаре од дома донесени, „шаком и капом“ според лични и партиски преференци или диктат од некои и некакви сиви еминенции? Па извинете, ама за ова ли беше борбата по улиците на Скопје?

Но, парите се трошат а срамот останува. А останува и нешто уште пострашно: останува опасниот волунтаризам на министерот за култура и неговиот кабинет, како и сите оние во самата врхушка на Министерството за култура кои учествувале во оваа некултурна и, да простите, целосно матна зделка. Ако пак Владата се обврзала на некој начин да поддржува вакви зделки, тоа сепак е нејзин проблем. Но, и оваа постава во Министерството бргу ќе биде избришана, и заборавена, ама срамот ќе остане. Ќе остане и опасниот волунтаризам кој што, очигледно, опстојува и ќе служи за пример и на идните министри. Зашто, ако можел еден, зошто не би можеле и другите, кои и да бидат? И кој ќе смее да им забележи? За жал, ваквите примери станаа / стануваат пребројни и пречести за да се толерираат. И прикриваат, без соодветна одговорност!

 Слики: Bora Baskan

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото