1022 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 04:59
Во 1911 година, социологот Роберт Микелс (Robert Michels) направил список на карактеристики врз основа на кои, одредени политички лидери, ги доживуваме како харизматични: тоа е информираноста, елоквентноста, самодовербата, независноста и, како најважен квалитет, славата. Во времето кога Микелс го пишувал ова, политичарите ја стекнувале славата со помош на радијата, весниците, книгите и говорничките турнеи. Подоцна се појавија телевизијата и дебатите. А во изминатата деценија гледавме како старите медиуми се повлекваат пред новиот облик на комуникација: социјалните мрежи.
Телевизијата им донесе предност на фотогеничните политичари кои со телевизиските настапи ги заведуваа гледачите во дневните соби. Често се спомнува примерот на Џон Ф. Кенеди кој во 1960 година неочекувано стигна до Белата куќа откако го победи Ричард Никсон во првата телевизиска претседателска дебата. Во ерата на социјалните мрежи односот помеѓу славата и политиката мутираше и доби нови и екстремни облици.
Влијателноста на полтичарите се мери со следење на она што се случува на социјалните мрежи: колку има допаѓања, колку луѓе го следат, колку има споделувања. Вештината или недостигот на вештина во користењето на Твитер може да изгради или уништи нечија политичката кариера. Не толку одамна, социјалните мрежи му припаѓаа на вториот ешалон на средства за политичка комуникација. Денес, во голема мера тие ја претркаа телевизијата како омилен политички медиум. Какао што неодамна забележа Џорџ Озборн, политичарите кои не ја сфаќаат моќта на социјалните мрежи припаѓаат на „епохата на диносауруси“.
Какви се импликациите на тој нов јазол на политиката и медиумите? Прво, откако дигиталните медиуми ја стекнуваат доминацијата во посредувањето на политичкото водство, забележително е дека политичарите сè понагласено го усвојуваат колоквијалниот и поедноставен стил на популарните коментатори и инфлуенсери од YouTube и од Инстаграм. Доволно е Трамп на Твитер погрешно да го напише зборот „кафе“ и веднаш на социјалните мрежи да следува лавина коментари и написи за тоа.
Второ, кога ќе ги споредиме со политичарите од старите времиња, денешните лидери во своите настапи се неодмерени и со своите настапи сè повеќе личат на забавувачи. Политичарите од почетокот на 20-от век беа олицетворение на професионализам, сериозност и сталоженост: суштинска спротивност на нарцизмот и опседнатоста со самите себе, што се клучни одлики на најславните светски икони на социјалните мрежи.
Модерните „хиперлидери“ го менуваат и односот на силите помеѓу политичарите и партиската организација. Наспроти претставничкиот модел на демократија во кој политичарите настапувале како јавни фигури, додека вистинската моќ останувала во рацете на партијата, хиперлидерите на денешницата имаат значително поширока поддршка отколку организациите на кои им припаѓаат. Тие лебдат над партијата и го подигнуваат нејзиниот рејтинг со личната слава и видливост.
Демократската членка на американскиот Конгрес, Алксандриа Оказио – Кортез е милениумски вундеркинд на новиот политички живот кој се случува на социјалните мрежи. AOC (што се нејзините иницијали и име на налогот на Твитер) има 3,2 милиони луѓе што ја следат, речиси милион повеќе од Ненси Пелоси, претседавачката на Долниот дом на американскиот Конгрес. Тоа не е само одраз на популарноста што ја уживаат нејзините политики (универзална здравствена заштита, зелен њу дил и прогресивен данок) кај одредени општествени групи. Во голема мера кон тоа допринела вештината во водењето дискусија за политичките теми во формат кој им одговара на социјалните мрежи, као и нејзината подготвеност, притоа да ја искористи личната историја на млада латино жена од Бронкс.
Алксандриа Оказио – Кортез го привлече вниманието со слободното користење на „објави мамки“ и провокативни содржини. На луѓето што ја следат им ги отвори вратите на својот интимен свет објавувајќи видео снимки на кои готви или се игра со внуките. Кога протече снимка од пред 10 години на која се гледа како танцува на покривот на Универзитетот во Бостон, таа на троловите им возврати објавувајќи кратко видео на кое танцува на песната на War Edwin Starr пред својата канцеларија во Конгресот. На својот Инстаграм профил таа споделува козметички совети како да е професионална блогерка или „селебрити“.
Нема сомнение дека постарите политичари и бескопромисните активисти ќе се муртат на трендовите кои ги толкуваат како безусловно предавање пред императивите на пакувањето на политиката во амбалажа на забавата. Сепак, елитата во Вашингтон, во овој случај, се ужаснува и заради други причини. Како што забележува Мат Таиби во списанието „Ролинг Стоун“, „популарноста која самата ја изградила и огромната публика што ја следи на социјалните мрежи значи дека не мора никого да праша за дозвола за да каже нешто“. Големиот број следбеници што ги стекнала, практично без да вложи никакви парични средства, ѝ гарантираат автономија од донаторите и лобистите кои политичката агенда ја обликуваат во согласност со интересите на големите корпорации.
Се разбира, нејзините прогресивни следбеници тоа го гледаат како предност. Но истата тактика им стои на располагање и на реакционерните политичари. Подемот на Матео Салвини, лидерот на десничарската италијанска партија Лега (од своите соработници наречен „ил капитано“), започна на Фејсбук и на Твитер. Неговиот талентиран менаџер за социјални мрежи, Лука Мориси, го трансформираше Салвини во дигитален суперхерој со 3,5 следбеници на Фаејсбук, што го чини еден од најпопуларните дигитални политичари во Европа.
Благодарение на виралните објави по пат на сервисот „во живо“ на Фејсбук, овој политичар може да се види како држи спонтани говори на улиците на градовите и притоа се снима самиот себе за да има поголема автентичност. Салвини со своите пријатели ги дели деталите од секојдневниот живот. Милиони Италијани знаат кога и што вечерал Салвини.
Дваесет години по списокот на Микелс на одликите на харизматичните политичари, иаталијанскиот марксист, Антониот Грамши пишувал за важноста на „афективната врска помеѓу луѓето и партијата“. Новите хиперлидери ни покажуваат дека таа врска мутирала.
Живееме во време на сомничавост кон колективните организации како што се синдикатите и партиската бирократија. Од деведесеттите години на минатиот век, истражувачите најавуваат пропаст на политичките партии; политиколозите Расел Далтон и Мартин Ватенберг констатираат дека современите општества „се поскептични кон партиската политика“. Партиите кои успеале да се спротивстават на тој тренд, вклучувајќи ги и британските лабуристи, ја прифатиле дигиталната трансформација и ја искористиле технологијата за да го вклучат членството во донесувањето на одлуките.
Во Британија, членството во синдикатите паднало од 13,2 милиони во 1979 година на 6,2 милиони во 2017 година. Општата недоверба во формалните организации произлегува од два поврзани трендови: тоа е неспособноста на бирократите во синдикатите и партиите настанати во време на индустриската револуција да се приспособат на новите околности, како и сè посилната идеологија на индивидуализмот и антиколективизмот.
Во време кога вербата на јавноста во старите структури забрзано се намалува, идеите за партиско организирање, членство, поврзување и поддршка мора радикално да се реорганизираат. Грамши верувал дека идејата за личното водство припаѓа во прединдустриското минато и дека во модерната ера ќе доминира бирократијата. Но социјалните мрежи го објавија враќањето на персонализираното и харизматично водство кое е совршено прилагодено на потребите на дигиталната култура опседната со личноста и нејзината приватност.
Така, хиперлидерите донекаде ја намалуваат кризата на членството и на своите следбеници им нудат поинаков облик на колективна идентификација. Тие нудат нови канали за развивање на врските со кои би можеле да се неутрализираат последиците од неуспехот на избраните претставници да го одржат контактот со луѓето кои треба да ги претставуваат. Едноставно кажано, хиперлидерите се новите посредници помеѓу гласачите и партијата.
А бидејќи нивото на учество во граѓанското општество и во организациите со масовно членство и натаму опаѓа, веројатно е дека во годините што доаѓаат хиперлидерите ќе имаат клучна улога во светот на изборната политика. Какви и да се естетските и моралните резерви кон инфлуенсерите од социјалните мрежи, изгледа дека токму тие ќе ни ја кројат иднината.
Извор: New Statesman