Неколку збора за страшната архитектура

16.03.2019 17:01
Неколку збора за страшната архитектура

Модерната архитектура им дава приоритет на минимализмот и на функционализмот; а заради поедноставна, поевтина и побрза изградба исчезнуваат орнаментите богати со симболизам (кои ја обележувале традиционалната архитектура). Вредноста се наоѓа во армираниот бетон, во стаклото, металот и сличните материјали.

Симболите во историјата имале важна улога во насочувањето на масите и културата. Слично се случува и денес, само што сега симболите на моќта ги претставуваат големите корпорациски куќи (стоковни, дигитални итн.) и политичките партии.

Страшната архитектура е страшна токму поради својата симболика, во зависност од тоа како ја интерпретира индивидуата или колективот. Времето во кое се претпоставува знаковното влијание на таквата архитектура исто така има значење. Веруваме дека во определени нестабилни историски периоди архитектурата на тоталитарните режими, но и на религиските концепти, предизвикувала страв.

Втората референтна точка би била онаа поочигледната – страв од призрачни, напуштени градби, или од градби каде што е познато дека е направено некакво недело (значи, „проклети“ од некакви причини).

Од друга страна, имаме гломазни сигурносни системи како во резиденцијалните, деловните објекти, така и во схемите на градовите. Тие системи во суштина се проектирани така за емоцијата на страв да се сведе на минимум (како и реалните опасности од кражба, тероризам итн.) Некогаш се случува тие сложени високотехнички системи да ги доведат во непријатност самите корисници, т.е. тие системи стануваат контрапродуктивни. Тоа е архитектура што раздвојува. Да размислиме за миг за архитектурата на амбасадите, за архитектурата на полициските станици, за архитектурата на затворите, за архитектурата на менталните институции, за архитектурата на судниците. Архитектурата е онолку страшна колку што ѝ даваме значење.

Изгледа дека архитектурата денес оди кон тоа да им го олесни животот и на поединците и на групите, на малцинствата, туристите; да го поедностави движењето и да предизвика пријатни впечатоци, да го сведе стресот на минимална мера, и тоа со добра функционалност, со естетика и со решенија во сферата на технолошките превенции. Сепак, дали архитектурата денес го олеснува животот? Некои градби, повеќе од кога било, предизвикуваат клаустрофобични, а некои агорафобични чувства. Некои ни влеваат страв, и тоа не поради деталите со страшна орнаментика, како некогаш, туку токму поради потребата сите тие детали да се укинат, сè да биде складно и отворено. Заклучуваме дека е стравот, како и убавината, во очите на набљудувачот. Колку референтни квалификации и да направиме, секогаш ќе има објекти или простори во кои еден психолошки тип луѓе со задоволство ќе престојуваат, додека други ќе бираат поинакви простори и објекти во зависност од психолошкиот сензибилитет.

Извор: libartes.rs
Превод: Ѓ. З.

ОкоБоли главаВицФото