За масакрот во Нов Зеланд

17.03.2019 13:01
За масакрот во Нов Зеланд

ИСИС во нивните манифести ги храбреа нивните напаѓачи да бидат што посурови, бидејќи целта беше да се испровоцираат и радикализираат умерените Христијани и толерантните западни луѓе, да им се разбуди "Крстоносниот" рефлекс за да го "возвратат ударот" врз недолжни, умерени Муслимани. Таквите напади (посакуваа и проповедаа ИСИС) врз недолжните Муслимани би ги радикализирале дури и умерените Муслимани, со што би се предизвикал поголем и отворен судир, односно Трета, овојпат и граѓанска светска војна (на религиозна, културолошка основа).

Во манифестот на терористот "Крстоносец" кој екстатично пукаше и по 20 куршуми во човек, дотолку што и пушката му прегреваше неколку пати па имаше проблем да смени шаржери (за жал, гледав делови од видеото; да, for science) и уби 50 невини луѓе, слушам се пропагира истата цел - радикализација и ескалација, предизвикување на отворена војна, граѓански и светски судир.

Зошто? Зошто овие најголеми непријатели, и едните и другите терористи, религиозни, идеолошки, крволочни фанатици го посакуваат ИСТОТО и ревносно работат на планот? Зошто овие џукели толку жестоко сакаат да се пресметаат? И зошто патот до тоа е преку убивање невини луѓе?

Затоа што ваквиот свет, кај што слободата се почитува а разликите се толерираат НЕ ИМ ОДГОВАРА. Тие МРАЗАТ слобода. МРАЗАТ различност. МРАЗАТ можности. МРАЗАТ толеранција. И двете страни едвај чекаат да се пресметаат една со друга затоа што само во тој хаос и безредие единствено и би можеле да се обидат да воспостават нивна верзија на светот. Со нивно владеење. Нивни ред. Нивни правила. И истовремено да го збришат, осакатат или превоспитаат секој што не е како нив. Навидум се спротивни страни ама се суштински исти, се преклопуваат во повеќе полиња отколку што се разидуваат. И двете идеологии сонуваат за едноумие, униформиран свет поставен врз свети догми, за уништување на нивните непријатели. И и двете страни ги мразат демократите, скептиците, слободарите, атеистите, бунтовниците, прогресивците, анархистите, ги мразат со страст. Нивната догма мора да биде апсолутна, нивниот Господ е најголем и единствен, нивната раса е супериорна, и секој што ја преиспитува таа света вистина е непријател кој треба да биде или дисциплиниран, или претопен, или уништен.

Во суштина станува збор за фашистички пориви, танатоидни нагони, фиксирани за смрт и ригидност и уништување. Тоа произлегува бидејќи им е блокирана креативната сила и енергија, не за џабе повеќето од овие ликови се сексуално фрустрирани, репресирани и извитоперени луѓе. Кога животната сила е искривена и блокирана, креативноста преминува во деструкција за да си отвори пат.

Ама на страна психоанализите за патолошките им полови нагони... Проблемот е што во ваква состојба на мир и прифаќање, она од погоре - уништувањето на непријателите и воспоставувањето доминација - не го можат.

Не го можат... Додека не предизвикаат глобален хаос и судир. Додека конечно едната страна, Калифатската, не успеа да ја испровоцира другата, Крстоносната - или обратно. И двете страни му се непријатели на обичниот човек кој сака да живее независно, слободно, и со сите во мир. Тој човек е од сите вери и невери, кој нема проблем со сите други луѓе и нивните вери и невери.

На потег се владите и умерените религиозни сили, заедно со секуларистите и либералите да најдат начини да го прекинат синџирот на ескалации. Станува збор за екстремни малцинства кои можат да бидат осуетени, депласирани и дефузирани. Но и постепено да сеат стравови и омраза и да го радикализираат населението во сѐ поголеми и поголеми напади едни со други.

Не споделувам ништо за болесникот; што помалку се шири, тоа подобро, дотолку помалку можности за негово глорифицирање. Треба да биде избришан од секаква меморија и да не се спомнува. Нема потреба од создавање простор за рехабилитација на таа психологија. Дури и во затвор со лисици покажува симболи на супремација, затоа и убиваше луѓе во живо, затоа ставаше популарни хаштази - за да биде виден, зборуван, ширен, одомаќинуван, десензибилизиран, рехабилитиран, нормализиран.

Треба да им се одземе кислородот на овие запаливи струи додека е време. И да се биде свесен дека целта им е комлетно, идентично иста - предизвикување нхаос, граѓански светски војни и наметнување на нивната, драконска, пореметена, фанатичка, тоталитарно лудачка визија за светот - врз сите останати. Целта е да се наметнат преку страв и омраза за да контролираат. Едните од едната страна, другите од другата. Same shit different package.

Треба ние, обичните луѓе да сме бензинот што ќе гори, месото што ќе биде стиснато меѓу двете лепчиња. Да ни пуштат крв, да нѐ испечат, па да се нахранат. За тие да си ја остварат целта, за да владеат со нас.

Тоа не смееме да им го дозволиме.

ОкоБоли главаВицФото