Во Германија ќе се спроведува експеримент „пари за ништо“

18.03.2019 00:12
Во Германија ќе се спроведува експеримент „пари за ништо“

Овој месец во Германија започнува експеримент. 250 случајно избрани приматели на социјална помош во земјата ќе добиваат по 416 евра месечно без никакви услови. Во нормални околности, примателите на социјална помош од најниска категорија (ткн. Харц 4 во Германија) мораат да исполнуваат одредени услови, на пример, редовно да се јавуваат на интервјуа за работа и да приложуваат докази дека бараат работа. Доколку не ги исполнат условите можат да ја загубат социјалната помош.

Во следните три години, организацијата Sanktionsfrei (Без санкции) автоматски ќе им ги покрие трошоците на 250-те учесници во експериментот, со што ќе имаат гаранција за минимален приход. Својот експеримент тие го нарекуваат Харц Плус.

Единствената обврска на учесниците ќе им биде редовно да пополнуваат прашалници во кои ќе се документира нивниот статус. Дополнителни 250 приматели на социјална помош ќе имаат контролна функција, ќе ги пополнуваат истите прашалници, но ќе ги почитуваат државните услови.
Иако експериментот не е поддржан од германската влада, тој се смета за прв обид во правец на воведување на ткн. Универзална основна плата (УБИ). Движењето кое го поддржува концептот на УБИ во последниве години добива се поголем број приврзеници и поддршка.

Основен приход, основен инстинкт?

Уште во 2016 година во Швајцарија беше одржан референдум на кој со големо мнозинство граѓаните го отфрлија концептот на УБИ. Финската влада, пак, го тестираше концептот во период од две години, во 2017 и 2018, овозможувајќи им на 2.000 невработени лица безусловен месечен приход.

Во доба кога растечката автоматизација и вештачката интелигенција отвораат бројни егзистенцијални прашања за иднината на работата, дебатите за УБИ ќе добиваат на интензитет.

За Даниел Фехер, раководител на берлинското биро на Безусловна основна плата Европа (УБИЕ), групација која води кампања за воведување на основна плата низ целиот континент, експериментот е уште еден позитивен пример за тоа дека темата станува дел од мејнстримот.

Во 2016 година, Швајцарците на референдум го одбија концептот на плата за сите

„Мислам дека Харц Плус е експеримент кој ја менува ситуацијата на луѓето кои ќе добиваат парична помош во смисла дека од една очајна ситуација, со притисок од бирократијата врз нив, тие доаѓаат во ситуација каде ќе можат да бидат сигурни во својот приход на одредено време“.
„Ќе биде многу интересно да се види какво влијание тоа ќе има врз луѓето“, вели Фехер.

Кој модел да се употреби?

Темата за гарантиран основен приход во Германија не е нова, но фокусот на безусловна, универзална поддршка се зголеми по последните реформи на пазарот на трудот во земјата во 2003 година. Оние кои го поддржуваат концептот укажуваат на високото ниво на сиромаштија во Германија, но досега не е направен обид да се реши проблемот на овој начин.

Градските власти во Берлин планираат да започнат проект кој ќе се нарекува „солидарен основен приход“ во текот на 2019 година, но со него ќе се бара од луѓето и нешто да работат.

Иако не е ист како финскиот проект, неизвесно е какви резултати ќе даде експериментот УБИ во Германија. Финската влада одлучи да не го продолжи експериментот откако изминаа двете години, и сега бара други социјални модели. Првата група резултати кои објавени пред неколку недели покажуваат дека гаранцијата на основна плата немала влијание врз пазарот на трудот и не ја зголемила веројатноста дека корисниците ќе најдат работа.

Кој ќе ги плати трошоците?

Најчестата критика насочена кон поддржувачите на универзалната основна плата е прашањето за трошоците. На пример, доколку 70 милиони возрасни во Германија добијат безусловна плата од 416 евра месечно, годишниот трошок на германската влада би бил околу 350 милијарди евра. Тоа е тешко да се проголта во една држава која има опсесија да штеди.

Хилмар Шнајдер од Институтот за трудова економија ИЗА вели дека целата идеја е нереална.

Даниел Фехер вели дека неговата организација не сака да наметне одреден модел, туку едноставно сака да испровоцира поширока политичка дебата за темата.

Но, Хилмар Шнајдер од Институтот за трудова економија ИЗА вели дека целата идеја е нереална. „Се сомневам дека луѓето и натаму ќе го поддржуваат УБИ доколку знаат колку ќе треба да платат за тоа“, вели тој. Најголемиот проблем, смета Шнајдер, е ставот дека таа плата треба да биде универзална.

„За да заштедите приход за потенцијални 15 до 20 отсто од населението, треба да субвенционирате 100 проценти од населението во иста мерка, иако 80 до 85 отсто од нив и немаат потреба од такво нешто. Тоа значи дека ќе ви бидат потребни 5-6 пати повеќе пари за да им помогнете на сиромашните“.

И стравувањата дека автоматизацијата ќе предизвика катаклизма на пазарот на трудот ги смета за претерани. Притоа, воведувањето на основната универзална плата ќе ја намали атрактивноста на ниско платените работни места, што ќе доведе до зголемување на цените и намалување на стандардот на живеење, без притоа да се намали сиромаштијата, вели експертот.

Извор: DW