Партиско-фирмашкиот пропагандизам не е новинарство

18.03.2019 01:27
Партиско-фирмашкиот пропагандизам не е новинарство

Пропуштив вечерта, па се обидов сабајлечки да се информирам на интернет што се случило со „упадот во РТС“. Но, наместо „да се информирам и да оформам објективно мислење за настаните“, пак се уверив дека вестите не само што не информираат како што треба, туку создаваат целосна конфузија на фактите и поттикнуваат вознемиреност, нетрпеливост и агресивност. Ова не е инфомирањe, туку повеќе наликува на мобилизација за битката кај Winterfell.

Работите не се подобри ниту за „жешките домашни теми“.

Ако за лекарите е обврска да алармираат кога постои опасност од ширење на некоја епидемија, така и за оние кои ги истражуваат медиумите обврска е да предупредат на опасноста од вирусот на дезинформациите.

Партиско-фирмашкиот пропагандизам не е новинарство. Тој никако не може да биде дел од нормалниот медиумски систем. Оние кои помагаат во ширењето на информацискиот вандализам, вклучувајќи ги меѓу другите социјалните мрежи и агрегаторите, и кои помагаат или овозможуваат пропагандата секојдневно да го толчи професионалното новинарство, мора да се повикаат и да се подложат на одговорност. Медиумите во XXI век не можат да се затвораат, но мора да се раздвојат медиумите од нивните фалсификувани и манипулативни копии, а професионалното новинарство да се заштити. Анархијата во медиумите не е слобода на медиумите. Правила мора да постојат, а информациите во едно општество мора да се штитат како општо добро (најмалку како што валутите се штитат од фалсификување).

Дезинформациите и онлајн-пропагандата имаат потенцијал целосно да го изместат демократскиот процес од својот колосек, да ја обесмислат изборната и претставничката демократија и да изнормализираат ситуација во која фашизмот, во некои нови форми, комотно ќе учествува, ќе се натпреварува и ќе победува на избори. Ова и не би било прв пат, впрочем и Хитлер и Мусолини за себе држеа дека се големи патриоти и така добиваа поддршка.

Времето бргу истекува и опасноста дека работите можат да стигнат до точка од која нема враќање не смее да се потцени.