Нова фаза на државниот удар во Венецуела

18.03.2019 01:46
Нова фаза на државeн удар

Минатиот четврток во пет часот попладне во Венецуела бомбастично беше означен почетокот на влегувањето на дотогаш по малку замрениот државен удар во нова фаза. Тој ден речиси целата земја, 22 од 23 нејзини држави, останаа без електрична енергија заради што беше запрена банкарската, телекомуникациската и секоја друга деловна активност која е зависна од струјата, како и сите јавни услуги, вклучувајќи ги и училиштата и болниците.

Пет часа претходно, на седницата на Пододборот за надворешна политика на американскиот Сенат, сенаторот од Флорида, Марко Рубио, еден од најгорливите крстоносци против владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, држеше говор во кој во шест точки елаборираше зошто САД би требало да учествуваат во интервенција во оваа земја. Некаде на средината од своето обраќање, Рубио ја кажа следната реченица: „Во следните неколку недели Венецуела ќе влезе во период на страдање со каков ниедна нација на нашата хемисфера не се соочила во модерната историја“. Еден ден претходно Рубио на Твитер напиша дека „народот на Венецуела е само неколку денови оддалечен од најголемиот недостиг на храна и гориво некогаш“.

Осумнаесет минути по снемувањето струја во Венецуела, сенаторот, пак, исто така се огласи на Твитер, пишувајќи меѓу другото дека „резервните генератори потфрлиле“. Неколку дена подоцна, венецуелскиот министер за информирање Хорхе Родригез рече дека во моментот кога твитувал Рубио ни владата не располагала со информација што се случува со резервните генератори во хидроелектраната Гури, од која со струја се напојуваат 80 проценти од земјата.

Во текот на следните седум дена струјата главно се врати во сите делови од земјата, но во Каракас заради проблемите со електричната мрежа снема вода за пиење. За разлика од она што вообичаено се случува во западните земји кога има посериозни прекини на струја - нереди, хаос и ограбување - во главниот град на Венецуела такви инциденти не беа забележани, иако, населението делумно остана мирно, организирајќи алтернативни начини за колку-толку нормално продолжување на секојдневниот живот.

Речиси тоталното затемнување на Венецуела се случи два дека откако во земјата се врати Хуан Гуаидо, опозицискиот претседател на парламентот кој на 23 јануари се прогласи за претседател на државата. Бидејќи чинот на самопрогласување немаше драматични последици кои би можеле да доведат до оставка на претседателот Мадуро, на пример масовни протести против владата, масовно преминување на војската на страна на опозицијата или граѓанска војна, Гуаидо и неговите американски сојузници ја започнаа втората етапа на пучот.

Таа етапа вклучуваше присилен обид за достава на „хуманитарна помош“ преку границата со Колумбија, што исто така требаше да доведе до некое од опишаните сценарија. Бидејќи ни тој план не ги даде посакуваните резултати, Гуаидо привремено се притаи зашто неуспехот од операцијата започната на границата на некој начин го врати на почетната позиција. Веднаш по враќањето во Венецуела најави скорешен генерален штрајк кој исто така не се реализираше, а потоа следеше речиси тоталниот струен колапс кој опозицијата и нејзините американски спонзори го искористија за да ја дискредитираат владата пред посетата на делегацијата на Високата претставничка за човекови права од ОН, Мишел Башле.

Николас Мадуро

Гуаидо на почетокот тврдеше дека заради прекинот на електрична енергија во венецуелските болници умреле 79 луѓе, а овие случаи ги нарекуваше „убиства“ кои ги извршила владата. Според податоците на локалните организации, во болниците умреле 17 луѓе. Гуаидо најави и дека собранието, во кое доминира опозицијата, ќе прогласи вонредна состојба, што е протолкувано како обид за создавање законско покритие за уште еден обид за добивање хуманитарна помош. Четири дена после снемувањето струја, на 11 март, американскиот Стејт Департмент објави суспензија на сите операции на американската амбасада во Каракас, повлекување на персоналот и препорака за американските граѓани дека во следните денови би можело да се случи повторна ескалација на вештачки предизвиканата криза чија цел е соборување на венецуелската влада.

Една недела по прекинот на електрична енергија сѐ уште не беа познати деталите за точната причина, а двете страни понудија сопствена верзија. Опозицијата и американските корпоративни медиуми, како и вообичаено, струјниот колапс ѝ го припишаа на корупцијата, запуштеноста и нестручноста на владата и нејзините институции. Министерот за информирање Хорхе Родригез на конференција за печатот тврдеше дека причина за колапсот е кибернетски напад на автоматизираниот систем за контрола во хидроелектраната Гури. Министерот спомена и физички напад на електраната Сиудадела во државата Миранда, како и попречување на високите фреквенции на телекомуникациските сигнали.

И покрај тоа што ни владата не понуди никакви докази за својата теорија, за разлика од двете претходни фази на државниот удар, во кои западните медиуми дисциплинирано ја ширеа пропагандата на американската влада, сега почнаа да се појавуваат пукнатини на тој консензус, судејќи според сѐ предизвикани од фактот дека она што се случува во Венецуела изгледа до таа мера диригирано што некои од тие медиуми одлучија да сочуваат барем трошка од сопствената веродостојност.

На почетокот на неделата Њујорк Тајмс објави дека неговата „детална анализа на достапните ресурси“ покажа дека палењето на камионите на американската агенција УСАИД, кои наводно пренесувале храна и лекови, не го извеле „про-Мадуровите лојалисти“ туку припадници на опозицијата - но случајно, откако делови од молотовите коктели се одвоиле во воздух и непланирано слетале на камионите.

Независните новинари кои во тој момент се наоѓале на местото на настанот, на границата помеѓу Венецуела и Колумбија, практично истиот ден објавија дека камионите се запалени од правец на припадниците на опозицијата, но водечките западни медиуми сосема ги игнорираа овие извештаи. Палењето на камионите при обидот за достава на хуманитарна помош од 23 јануари тогаш се користеше како исклучително моќен пропаганден материјал, зашто слично како и во случајот со струјниот колапс, се презентираше како материјален доказ за свирепоста на владата на Мадуро. Згора на сѐ, во медиумите циркулираше тогаш реалната можност палењето на камионите да се пријави во Меѓународниот суд во Ден Хаг како основа за отворање истрага за кршењето на хуманитарното право од страна на владата.

Хуан Гуаидо

„Откритието“ на Њујорк Тајмс со себе како колатерална жртва повлече и некои други американски медиуми, особено телевизијата СиЕнЕн, која со денови прикажуваше извештај според кој нивниот новинар „со сопствени очи видел“ дека камионите ги палат поддржувачи на владата. Освен водечките медиуми, во продукцијата на фалсификати и овојпат особено се истакна сенаторот Марко Рубио, кој беше и еден од најгорливите преносители на лажни вести за палењето на камионите.

Рубио последниве денови уште двапати беше фатен во лага, првпат кога преку Твитер тврдеше дека во венецуелските болници умираат бебиња, во што го демантираше новинарот на Wall Street Journal кој ја посети болницата, и вторпат, кога „соопшти“ дека се случила експлозија во „браната Герман“. Имено, се покажа дека називот „German Dam“, што на англиски буквално преведено значи „германска брана“, впрочем е името на бразилскиот новинар Герман Дам, кој известуваше за прекинот на струјата.

И покрај тоа што владата на Венецуела, мошне очекувано, не е во состојба да презентира докази за својата теза за саботажа на мрежата со електрична енергија, постојат не само индиции, туку и аргументирани теории според кои таква саботажа не е невозможна. Кибернетските напади на нуклеарната електрана во Иран 2010 година и оној на електричната мрежа во Украина 2015 година спаѓаат во категоријата интригантни асоцијации.

Автоматскиот контролен систем СКАДА, кој управува со работата на хидроелектраната Гури, го инсталираше компанијата АББ со која Венецуела за таа прилика учествуваше во конзорциумот кој го сочинуваа и Канада и Швајцарија. Проектот за модернизација на хидроелектраната Гури, во чиј склоп е воведен и системот СКАДА, спроведен е додека владееше покојниот претседател Хуго Чавез. Бидејќи системот ја контролира комплетната оперативност на хидроелектраната Гури, а од неа се снабдуваат 80 проценти од венецуелската струјна мрежа, со саботажа на овој систем можно е да се блокира целата мрежа и да доведе до прекин на струјата во целата земја. Системот за компјутерски надзор СКАДА инаку беше и мета на споменатиот напад на нуклеарните централи во Иран, што му се припишува на Израел, исто како и при нападот на струјната мрежа во Украина, за кој се верува дека е изведен од Русија.

Дека кибернетски напад на електричните централи во Венецуела е можен, пред неколку дена потврди и експертот за информатички технологии на американскиот Универзитет Џорџтаун, Калев Летару на порталот на деловниот магазин Форбс. Мошне внимателно балансирајќи на страната на верзијата според која прекинот на струјната мрежа е предизвикан од „хронична запуштеност“, Летару пишува дека „идејата за манипулација со електричната мрежа заради транзиција на власта е мошне реална“. „Имајќи ја предвид долгогодишната американска загриженост за венецуелската влада“, пишува Летару, „извесно е дека САД веќе имаат длабоко присуство во нејзината инфраструктурна мрежа“... „Застарената интернетска и енергетската инфраструктура претставуваат мал предизвик за таквите операции и го прават релативно едноставно отстранувањето на сите траги за надворешно вмешување“.

Освен тоа, пишува овој експерт, инцидентот кој се случи во Венецуела е „школски пример за модерно кибернетско војување“ чија цел е „да се создаде максимален учинок во општеството и мноштво медиумски атрактивни апокалиптични слики“. „Таквите прекини на електричната енергија“, заклучува Летару, „можат брзо да ги завртат популациите против сопствените влади, при што практично е невозможно да се докаже дека тоа е последица на странска интервенција“.

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Свет / Историја

ОкоБоли главаВицФото