Дискурс-торта

18.03.2019 12:04
Дискурс-торта

Не научив баш најдобро да го употребувам зборот дискурс. Секогаш дискурсот ми паѓа од реченицата или не се вклопува баш најдобро, па штрчи. Имено, неодамна имав полемика со еден од виртуелните пријатели?! (Дали тоа би бил адекватен назив? Но, тоа ќе го прескокнеме засега.) Ми вели тој мене, откако, ете, му се пожалив дека имам артритис и постмодерна рециклажа на мислите, значи, ми вели – за твоја информација има лек за артритис; башка и постмодерната е депласирана, сега реализмот е во мода. И тоа мене толку ме дотепа, што одма напишав неколку реченици во кои беше и тој даден дискурс, па прекутрупа низ цитативност и пастиш отидов директно во постмодерна, ги рециклирав своите недовршени мисли за да не се случат конечно, па да станат рационални. На крајот, направив торта слаткаво-солена, киселкаво-горчлива, ја филував со семантички преливи и наместо вишничка на врвот внимателно ставив дискурс. Кога ќе ја изедам, нема да можам да го сместам стомакот помеѓу тастатурата и столчето. А моливот, пак, пак оној мојон виртуелниот, вели дека и моливот е депласиран. Џабе острев кога не можам да направам доволен број карактери, а и не би му дошло добро на мојот артритис.

Диктафон?!
Не, не, гласот ти е груб.
Телефон?
Малку е...
И што сега?
Ништо, пост.
Пост? Каква врска има постот со пишувањето?
Полесен стомак полесна мисла.
Ама, брате, виртуелен! Јас немам лесни мисли, да имав немаше да можам да спијам, само ќе мислев!
Ништо тогаш, тастатура и диета!
Тастатура и диета? А бе, батали, туку са’аш ли парче торта?


Светолик Јозиќ, човек што понекогаш чита весници. Се родил еднаш одамна. Пишува. Мисли. Постои. Работи. Животен сон му е да роди. Што било да роди. Прозонода. Живее со својот папагал и не му е лесно.

Извор: libartes.rs
Превод: Ѓ. З.

ОкоБоли главаВицФото