Угнетувањето на супермнозинството

19.03.2019 01:20
Угнетувањето на супермнозинството

Постојано слушаме дека Америка е поделена и поларизирана како никогаш порано. Но кога станува збор за важните прашања од сферата на јавните политики, тоа, едноставно, не е точно. Околу 75 отсто Американци смета дека би требало да се воведат повисоки даноци за супер богатите. Идејата за федерален закон кој би го гарантирал платеното породилно отсуство ужива 67 отсто поддршка, 83 отсто од граѓаните ги поддржува силните гаранции за неутралноста на интернет, повеќе од 60 отсто бараат построги казни за заштита на приватноста, 71 проценти од граѓаните смета дека би требало да се дозволи увоз на лекови од Канада, а 92 отсто сакаат пониски цени на лековите. И ова е само дел од темите околу кои се согласува мнозинството Американци.

Клучниот политички факт на нашето време не е поларизацијата, туку неспособноста на големите двопартиски мнозинства да го добијат тоа што го сакаат, по прашањата какви што се овие. Да го наречеме овој феномен угнетување на супермнозинството. Она што ја разгневува јавноста не се само демагогијата и политичката поделеност, туку и игнорирањето на волјата на мнозинството.

Некој можеби ќе одговори дека ова извртување на волјата на народот не е нужно збунувачко. Според овој аргумент, законодавството кое се заснова само врз волјата на големото мнозинство е исто со популизмот. Како што тврдат застапниците на овој став, јавното мислење е премногу слабо информирано за да се сфати сериозно.

Точно е дека јавните политики бараат стручност. Но не мислам дека тоа што граѓаните сметаат дека цените на лековите се премногу високи, дека даноците би можеле да бидат поправични, дека законите кои ја штитат приватноста се премногу слаби, а дека монополите се премнигу привилегирани, е показател на нивното незнаење.

Другите пак, нè потсетуваат дека САД се демократска република, а не директна демократија и дека нашиот устав е така скроен за да се одбегнат екстремите на владеењето на мнозинствота. Тие мнозинства понекогаш сакаат работи како забрана на книги или прогон на малцинства – што едноставно не треба да се дозволи.

Тоа е точно. Исто така, точно е и дека промислениот процес на одлучување и утврдување компромиси произведува подобри јавни политики, отколку простото спроведување на волјата на мнозинството. Но овие грижи имаат малку врска со ситуацијата во која се наоѓаме во овој момент. Повикувањето на уставниот принцип се претвори во срамен изговор. Авторите на уставот донесен непосредно по народната револуција, тешко дека мислеле дека треба да се игнорира волјата на мнозинството. Целта на уставот е да овозможи фини дотерувања на демократијата, а не нејзино задушување.

Најдобар историски преседан за периодот во кој се наоѓаме е времето на прогресивизмот. Во текот на првите децении на 20-от век, американските граѓани гласале за политичарите кои ги поддржувале економските реформи како што бил законот со кој се ограничувало максималното работно време и се воведувале забрани за искористување на детскиот труд. Но, Уставниот суд го укинувал речиси секој обид за воведување на вакви закони тврдејќи дека тие се противуставни.

Во нашево време, Конгресот е првенствено тој што го спречува донесувањето или разгледувањето на популарните закони (повремените јавни сослушувања не се сметаат за сериозно разгледување). Цели категории на јавните политики, де факто, се однапред исклучени од разгледување благодарение на комбиниранотт влијание на крупните индустии и интересите на донаторите. Не постои принципиелна одбрана на вакавата состојба и навистина никој не се ни обидува за таквата состојба на работите да понуди оравдување. Наместо тоа, тие што имаат најмногу корист од ваквиот законодавен застој, го оправдуваат со неубедливото повикување на строги одредби на нашиот систем на поделба на власта.

Претседателот како застапник на поголемиот број гласачи би можел да даде излез од овој проблем. Трамп и навести дека ги поддржува популарните мерки ветувајќи контрола врз цените на лековите, изградба на јавна инфраструктура и промена на трговската политика во корист на обесправените работници. Меѓутоа, по доаѓањето на власт (со неколку исклучоци како меѓународната трговија) тој изгуби интерес за желбите на граѓаните и наместо тоа се посвети ан поларизирачките прашања како што е имиграцијата, што не е главна грижа за мнозинството граѓани, туку опсесија на гласното малцинство.

Во моментот кога САД влегуваат во нова кампања за претседателските избори, треба да покренеме отворена дебата за тоа кои кандидати се најподготвени да спроведат економски политики кои ѝ одговараат на волјата на супермнозинството. Да, граѓаните можат да погрешат, но истото важи и за експертите, лобистичките групи и поларизирачките политички фракции. Да се тврди дека две третини од населението во принцип треба да добијат тоа што сакаат – не е популизам туку почитување на демократијата.

Авторот е професор по право на Универзитетот Колумбија и автор на книгата „Проклетството на мнозинството: борбата против монополити во новото златно време“/ „The Curse of Bigness: Antitrust in the New Gilded Age“.

Слики: Nate Kitch

Извор: The New York Times