Промоција на „Утеха за голите“ од Давор Стојановски

19.03.2019 08:57
Промоција на „Утеха за голите“ од Давор Стојановски

Третиот роман на Давор Стојановски, „Утеха за голите“, ќе биде промовиран во „Менада“ на 19 март (вторник) со почеток во 20 часот. За книгата ќе зборува Душко Крстевски.

„Романот Утеха за голите е роман во кој се испреплетуваат изгубената љубов, со неостварената и несретнатата љубов. Времето е главниот арбитер на брчките и сенките на ликовите во романот. И Скопје и Рудните планини стануваат еден микрокосмос. Овој микрокосмос на Рајнер и Анамарија се претвора во партија шах на животот. Партија шах што започнува во едно поневино Скопје од еден минат свет. Ова е роман за носталгијата.“

Душко Крстевски

 

Давор Стојановски е роден на 8.3.1987 во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрира на истиот факултет, на студиската програма за Македонска книжевност, со трудот „Историографската метафикција од С до З (Анализа на двете верзии Сестрата на Сигмунд Фројд и Сестрата на Зигмунд Фројд од романот на Гоце Смилевски)“.

Добитник на наградата „Ана Франк“ за театарската пиеса „Буна на времињата“ (2005, Феникс) и на откупната награда на конкурсот за краток расказ на Нова Македонија за расказот „Соба со тенки ѕидови (Сонувајќи го Цејлон)“ (2011).

Неговиот прв роман, „Ненасловена месечева соната“ (2013, Или-или) влезе во потесниот избор со четири други романи, за наградата Роман на годината на Утрински весник.

Неговиот втор роман, „Собирачи на пепел“ (2016, Или-или) ја доби наградата Роман на годината на Утрински весник. Двата романи се преведени и објавени на бугарски јазик.

 

(Извадок од романот)

Откако конечно одлучив дека ќе заминам за Скопје, неколку денови пред летот, направивме краток излет со Хермине, чија идеја да посетиме неколку места во должина на балтичкото крајбрежје ја прифатив на драго срце.

Бавно шетајќи се по плажата во Росток, ретко дофрлајќи понекој збор, најпосле седнавме на клупа покрај едно детско игралиште и се загледавме во сивомаслинестата површина на Балтичкото Море. По водата се изјаснуваа контурите на неколку едрилици и далечен крстосувач.

Покрај нас, додека мирувавме во тишина под сонцето, мина мноштво народ, но мене ми остави впечаток една жена, која помислив дека беше приближно на нашата возраст.
Не знам зошто толку неучтиво се загледав во неа, но уште во мигот штом ја здогледав како нè одминува, ми падна неверојатно многу жал за неа. Ликот ми се чинеше толку непорекливо натажен, ми изгледаше повредено, би рекол скршено. Ѝ се изјаснуваа големи подочници, одеше како да се напрега, немаше никаква боја во очите.

Ме натера да се запрашам каква судбина крие.

И покрај тоа што и двајцата бевме очигледно ранети, почувствував разлика во нашата тага. Не знам дали нè болеше на истиот начин. Нејзиниот израз, чемерот што ѝ го прочитав во погледот, движењето, отсутноста и колебливоста во чекорот, сето тоа ми укажуваше дека болката ѝ е поопиплива од мојата.

Ми беше глупаво да ја споделам помислата пред Мина. Дури и се засрамив што воопшто ми падна нешто такво на памет. Сепак, непознатата жена ја изедначив со некого што одамна го познавав. Во неа видов некоја друга. Ми се чини дека на нејзино место си ја замислив, без да знам зошто, Анамарија од мојата младост, сега преселена во ова остарено тело на повредена туѓинка, која минува на шеталиштето покрај плажата во Росток.

Бескрајно осамената жена, која со својот отсутен поглед, натаженост и невин лик лесно ја разоружуваше сечија намера да ѝ се приближи или да ѝ проговори, за кус миг подзастана и само го одмери морето со поглед, а јас си помислив дека тоа е Анамарија што застанува, уште еднаш да се увери дека се наоѓа тука некаде, за потоа конечно да си замине и да се претопи со нејаснотијата на хоризонтот. За луѓето, кои како мене ќе успеат да ја наѕрат макар и за миг, останува само точка што се губи.

 

Линк до настанот

ОкоБоли главаВицФото