Зошто е неопходно да се легализира марихуаната?

19.03.2019 12:35
Зошто е неопходно да се легализира марихуаната?

Во Германија е објавена книгата High. Das positive Potential von Marijuana во издавачката куќа Тропена, чиј автор е докторот по филозофија Себастијан Маринколо, кој својата академска кариера ја посветил на истражувањето на филозофијата на умот, неврокогницијата и промената на свеста.

За таа тема објавил интердисциплинарна студија во 2010 година на англиски јазик под наслов Insights of Marijuana, па High е своевидно продолжение и синтеза на неговата досегашна работа на тоа поле. Маринколо студирал во Америка и во Германија, блиско соработувајќи со харвардскиот професор Лестер Гринспун, а инаку во животот успешно се занимава и со фотографија, па имал изложби во галерии од Њујорк до Рио де Жанеиро.

Себастијан Маринколо во моментов живее во Штутгарт каде што работи како консултант, публицист и фотограф, а со задоволство го прифати интервјуто за оваа сè уште недоволно позната тема за хрватската јавност.

 

Во Хрватска сè уште постои општествена стигма за оние што јавно би изјавиле дека пушеле марихуана. Многумина веднаш ќе ве прогласат за наркоман, иако во стварноста доста луѓе повремено конзумираат марихуана. Каква е ситуацијата во Германија околу тоа прашање?

Во Германија марихуаната е декриминализирана кога станува збор за мали количества и јавноста е свесна дека не станува збор за тешка дрога. Многумина знаат дека е помалку отровна од алкохолот и тутунот. Но, постојат многу други предрасуди во широката популација, и тоа не само меѓу конзервативците. Конзумирачите на марихуана не се сметаат за наркомани, но се опишуваат како непродуктивни и мрзливи. Постојат и многу негативни стереотипи за хипиците што пушат трева. Исто така, за таа тема, всушност, не се расправа доволно во mainstream медиумите, иако некои помали политички партии активно ја застапуваат легализацијата. Значи, сепак постои определено табу да се зборува во јавност за користењето на марихуаната, па, според тоа, ретки се celebrity луѓето што се отворени за тоа прашање.

Какви се Вашите лични искуства со пушењето марихуана? Се сеќавате ли кога сте го запалиле првиот џоинт?

Бев во раните дваесетти кога првпат конзумирав марихуана, преку стаклено луле. Првиот пат не го почувствував дејството, веројатно затоа што не знаев да инхалирам. Никогаш не сум пушел цигари, затоа што пушењето евтин тутун го сметам за одвратно и исклучително нездраво. Во својата 44-та година сè уште редовно се занимавам со спорт и важно ми е да останам во форма, а пушењето цигари би го расипало тоа. Во секој случај, неколку години по првото пушење марихуана пробав пак, овојпат во Кенија, каде што еден пријател ми покажа како се вдишува чадот. Тоа беше прекрасно прво искуство, иако морав набрзо да одам на аеродром, па ме фати параноја дека полициските кучиња ќе го сетат мирисот на марихуаната. Секако, не носев ништо со себе, само испушив џоинт. Тоа е класична грешка – да се конзумира марихуана во погрешно опкружување значи да се биде high во погрешен контекст, што може да предизвика страв, параноја, па дури и паника.

Интересно, многу луѓе во истражувањата имаат речено дека не почувствувале никакви ефекти неколкуте први пати кога пробале марихуана. Станува збор за познат феномен што сè уште не е разјаснет. Марихуаната редовно почнав да ја користам во доцните дваесетти. Никогаш не пушев секојдневно, но сметам дека сменетата состојба на умот кога сум high го збогатува мојот живот и тревата ја користам во многу различни цели – за создавање идеи за фотографирање или есеи, за да имам инспиративни разговори со група пријатели, или, пак, за слушање музика, за размислување за себе и за своите односи со другите, за повеќе да ја ценам природата, а понекогаш, признавам, и за подобар секс.

Во својата книга High пишувате за позитивните ефекти на марихуаната. Кои се тие?

Внимателно го користам зборот „ефекти“, затоа што многумина очекуваат дека е доволно да се користи марихуана за да се добие специфичен позитивен резултат. Ефектите од психиоактивната супстанција на марихуаната секогаш зависат од дозата, но и од опкружувањето на корисникот, зависат од неговото расположение, од чувствата и уверувањата што ги носи во таа ситуација. Уште поважно, потенцијалот на психоактивната дрога може успешно да се истражува само ако корисникот научи како. Во книгата го споредувам користењето марихуана со штица за сурфање – со неа можете да доживеете блажено искуство, но само ако научите да сурфате на брановите.

Ако сте научиле да го користите потенцијалот на марихуаната со соодветна доза и во соодветни услови, ќе имате можност да доживеете и да истражите разновидни когнитивни подобрувања, кои и самиот ги искусив, а за кои детално се пишувало и во историјата. Кога се high, корисниците често можат да го хиперфокусираат своето внимание, што создава поинтензивни чувства, мисли и повикува поинтензивни сеќавања. Кога сте напушени, можете да имате и проблем со краткотрајното помнење, па ќе го заборавите крајот на вицот што го кажувате. Но, затоа знае да се засили епизодното сеќавање, па ќе ви се вратат одамна заборавени животни епизоди со неверојатно ниво на детализација, како да сте транспортирани во минатото. Способноста за препознавање на причините исто така се засилува ако сте high, па корисниците често спомнуваат дека наоѓаат нови обрасци во уметноста, природата или, пак, во однесувањето на пријателите. На другите најмногу им се допаѓа поттикнувањето на фантазијата, на пример, звучната или тактилната, па и олфакторната, што на некои готвачи им има помогнато во создавањето нови јадења и рецепти. Многу корисници најмногу го ценат зголемувањето на интроспективното разбирање, а кај некои се зголемува емпатијата кога се high. Има безброј корисници на марихуана што истакнале дека конзумацијата им помогнала во смислувањето нови идеи, во доаѓањето до нови спознанија, па и научни откритија. Во својата книга се занимавам баш со тоа како марихуаната може да ни подобри некои когнитивни способности.

Гласни сте во кампањата за легализација на марихуаната. Каква е општествената корист од таквата одлука?

Користа би била огромна. Владите би заштедиле многу пари кога не би се занимавале со прогонување на корисниците, а продавачите би биле оданочувани. Црниот пазар веројатно целосно би исчезнал. Би се завршила „војната против дрогата“, која всушност секогаш била војна против корисниците на дрога, а со тоа би се смалил и криминалот поврзан со тоа. Во Германија владата годишно би заштедила најмалку милијарда и пол евра, што е конзервативна проценка на организацијата DHV (Германски сојуз за коноп), која се базира на релевантни студии од други земји. Подобро би биле заштитени младите кога би се регулирала марихуаната. Бајка е дека прохибицијата помага да се заштити младината. Легализацијата на марихуаната, секако, треба да биде поврзана со регулација, која би можела да биде слична како онаа што се однесува на алкохолот, што сигурно би помогнало да се спречи злоупотребата. Студиите покажале дека во земјите во кои најбрутално се прогонуваат корисниците на марихуана конзумацијата уште повеќе се зголемува.

Понатаму, милиони пациенти што страдаат од епилепсија, од Туретов синдром, од невропатски болки и десетина други здравствени проблеми би имале шанса да добијат поефективна и поевтина медикација, зашто марихуаната е поевтина од сите фармацевтски производи за тие болести што денес постојат на пазарот. Тоа јасно ни ја покажува револуцијата околу медицинската марихуана во САД. На крајот на краиштата, легализацијата на марихуаната подлабоко би го поттикнала разбирањето на бесконечниот потенцијал на марихуаната, со позитивни резултати за сите нас.

Историјата на криминализацијата на марихуаната е многу интересна. Што се случувало тука?

Тоа е компликувана приказна. Важно е да се истакне дека марихуанта не е прохибирана поради својата токсичност. Ноам Чомски милува да спомене дека во Англија за време на индустриската револуција бил забранет џинот, но вискито и брендито биле легални. Имено, некои влијателни луѓе се загрижиле дека евтиниот џин би можел да ја намали работната сила на нивните работнички „робови“. Прохибицијата на марихуаната е поттикната од одлуката на владата на САД од 1930-тите, кога специфично биле прогонувани црните џез-музичари и мексиканските доселеници што пушеле многу марихуана. Тогашниот владин „цар за дрога“, Хари Анслингер, преку булеварскиот печат со децении ширел лага и расистичка пропаганда против марихуаната. Во текот на шеесеттите години Анслингер бил одговорен за воведувањето на прохибицијата на марихуаната на светско ниво поради своето влијание во ООН.

Алкохолот е легален, но последиците од неговата конзумација можат да бидат катастрофални. Зошто западните општества го прифатиле алкохолот, а ја забраниле марихуаната?

Уште една компликувана приказна! Харвардскиот професор и стручњак за марихуана Лестер Гринспун тврди дека западните општества со своето нагласување на агресијата, продуктивноста и функционалноста се длабоко скептични кон супстанцијата што е позната како катализатор што создава мирољубиви, интроспективни, опуштени луѓе што сè уште размислуваат надвор од рамките. Тоа е една од поважните работи во целата приказна. Но, не треба да се заборави дека постоеле и прохибиции на алкохолот во западните општества. Без сомнение големо влијание против супстанциите што ја менуваат свеста дошло од христијанската традиција.

Многу уметнички дела, особено во сликарството, се созададени под влијание на марихуаната. Таа, значи, ја поттикнува креативноста?

Дефинитивно, но веќе нагласив дека е така во вистинските околности. Напоменувам и дека злоупотребата на марихуаната може да биде уништувачка за нечија креативна работа. Ако изберете да пушите трева секој ден за да побегнете од секојдневјето и од проблемите, може да се случи да го прекинете школувањето или да ја пропуштите шансата да научите нови работи. Секогаш е клучно да се разликува употребата на марихуана од нејзината злоупотреба.


Извор: t-portal
Превод: Ѓ. З.