Аман, Вучиќу, олабави!

19.03.2019 18:01
Аман, Вучиќу, олабави!

Не е сосема јасно која е намерата што сака да ја постигне Вучиќ со така честото реферирање на Македонија како место од кое, наводно, се организира неговото рушење од власт во Белград? Заев и „Македонското сценарио“ не ги вади од уста, иако за нас, кои мислиме дека знаеме по нешто за власта на Заев, ни се чини урнебесно смешна и самата помисла дека тимот и службите околу македонскиот премиер имаат желба, ресурси, способност или време да се занимаваат со рушењето на Вучиќ во Србија?!

Па, овие смотаниве од нашава Влада не можат да срушат ни две диви платформи кај Матка, изградени под покровителство на оној политички муфљуз од градоначалник на Сарај, а не, пак, да го симнат од власт кој било режим во Белград! Алоооо, Сарај има една, права, улица, а нашиве не можат да го најдат патот до Матка; во Белград ако влезат, ќе ги најдеме по дваесет години како на Карабурма уште прашуваат по кој пат да фатат за Калемегдан!

Едно можно објаснување е дека на Вучиќ, за потребите на својата клаустрофобична внатрешна политика, му треба некаков „надворешен непријател“ што може да го „трола“ по своите стенд-ап перформанси на она што го претставува како прес-конференции, а за тоа да не поднесува сметка никому. Бидејќи, со Американците и Европејците тоа не може така безобразно, како што тој знае, да го прави, а да не биде повлечен за уши. Другите опции за соседни „непријатели“ – Хрватска? Бугарија? Романија? – му се, секако, надворешно-политички „поскапи“ и побесмислени. А заради нашиот модел на решавање на внатрешно-политичките и надворешно-политичките проблеми (и со етничките Албанци во Македонија, и со соседите, финално и со Грција) ние му доаѓаме како извонреден регионален антипод, дијаметрално спротивно на сето она што тој го прави со својата политика за Србија.

Вучиќ е забавен за гледање и слушање, но е тотално непродуктивен. Трла баба лан, да јој проѓе дан.

Дополнително, националистите во српската политика – како и овие нашиве, впрочем – живеат од објаснување бескрајни антисрпски конспирации! За тоа имаат легендарна надареност: на пример, барем четириесетина години го слушаме Шешељ како во детали, со неверојатна упорност и прокоцкана ерудиција, по семожни телевизии ги објаснува столетните, компликувани заговори против Србија составени со способноста за смислување врвни трилер-заплети на еден Ден Браун, и пак ништо не успеваат на време да предвидат или да спречат, а уште помалку да решат во своја корист… Секогаш е Србија жртва на некоја гео-политичка и вселенска неправда, со целата пропратна епика на бескрајните национални порази. Секогаш е некој друг виновен, а во најлош случај им пресудуваат предавствата меѓу самите Срби.

Извонредно креативна балканска нација, во секоја смисла, со петпарачки талент за водење политика. Да ја вложеа половината од таа потрошена енергија во медицината, на пример, до сега ќе смислеа вакцина против ракот. Лесно би можеле секоја година да имаат по еден нобеловец во која сакаат област, само кога би се договориле да си погледнат малку подалеку од носот.

Ни нема спас, тешко дека ќе го разубедиме Вучиќ и неговата пропаганда дека она што му се случува нему е меѓу него, неговата опозиција и српските граѓани, а не меѓу Скопје и Белград. Има во тоа и малку традиционален српски презир кон Македонија и Македонците, за кои Дачиќ како да е надлежен да ни го сервира во редовни дози.

Но, тоа не го менува фактот дека, со македонскиот влез во НАТО, нашите геополитички патишта се раздвојуваат, за догледно време. Србија ќе мора да се помири со таа нова околност на Балканот, му се допаѓало на Белград тоа или не.

Затоа, бателете ја Македонија, г-дине Вучиќ, туку што ви е да чините со Косово?


Карикатури: Corax
Извор: Цивил медиа

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото