Во потрага по домот

20.03.2019 12:48
Во потрага по домот

НИЗ СТИХОВИТЕ НА „ПРЕМЕСТЕН КАМЕН“ И „КУЌИЧКА ЗА ПТИЦИ-ПРЕСЕЛНИЦИ“

(на Никола Маџиров и Ѓоко Здравески,
во издание на „Магор“ и „Антолог“)

Јаз од дузина години зјае меѓу родендените од Никола Маџиров (1973) и Ѓоко Здравески (1985). Преполовен, шестгодишен раздел, пак, ги двои родендените од нивните стихозбирки, „Преместен камен“ (2007) и „Куќичка за птици-преселници“ (2013). Па, сепак, мислите родени на овие страници, како часкум да прелетале од едни во други корици, и како да ги збришале сите временски граници. Тие, на места се надополнуваат како прашање и одговор, на места се надоврзуваат како разговор. Некогаш една со друга се прорекуваат, а понекогаш заемно се порекнуваат. Но, во суштина се однесуваат како едно и зборуваат заедно. За домувањето и странствувањето.

Затоа, стиховите од двата автори, родени во две различни стихозбирки, ќе бидат вдомени во заедничка критика. Оти привидот за нивно едновремено опстојување, дозволува и нивно паралелно читање. Оти тие се како близок род заживеан под ист свод. Во продолжение се дадени нивните замислени „преписки и препирки“ во форма на прашања и реплики.

Што е човекот?

(Кон песните „Сенките нè одминуваат“ од „Преместен камен“, и „Куќичка за птици-преселници“ од истоимената стихозбирка)

Маџиров и Здравески пеат едногласно за човекот (посебно поетот) како за кревок, но нескротен дух. Тој низ животот плови невкотвен, а често и ненасочен. Тој од животот може да биде носен и разнесуван. Токму како бротче од хартија. Сепак, кај Маџиров ова бротче плови осамено, слободно препуштајќи им се на судбината и случајот (еден ден ќе се сретнеме/ како бротче од хартија и/ лубеница што се лади во реката). За разлика од него, кај Здравески бротчето е заедничко склониште и привремено прибежиште од непредвидливото и хаосот (ние сме бротче од хартија среде потоп/ кое копнее/ по копно). Низ овие стихови, Маџиров го претставува човекот како модерен номад и вечен патник, а Здравески го доживува како старомоден (романтичен) староседелник, домаќин и куќник.

Што е домот?

(Кон истимената песна „Дом“ од двете стихозбирки)

За Маџиров, домот е место на (само)заборав и (о)самување (живеев на крајот од градот/ како улично светло на кое никој/ не му ја менува светилката). Тоа е точка на постојано враќање, со цел ново заминување. Тој е минливост, и вечен повик за странствување (деноноќно го оживував прагот/ враќајќи се како пчела што/ секогаш се враќа на претходниот цвет и беше мир кога го напуштив домот/ гризнатото јаболко не беше потемнето/ на писмото стоеше марка со стара напуштена куќа). Од друга страна, Здравески на домот гледа како на заиграна заедница и место на детско сплотување (правиме куќичка/ од столчето/ префрлајќи дебело ќебе/ преку него). Тој е точка на застој и смирување (создаваме свет/ само за себе/ во кој ништо друго не постои/ само тишината/ на нашето дишење).

Како изгледа домувањето?

(Кон истоимената песна „Тишина“ од двете стихозбирки)

Тивкото домување кај Маџиров создава неспокојство и немир. Тоа е повик за трк во галопирање, за лет и одлетување (не постои тишината во светот/ монасите неа ја измислиле/ секој ден да ги слушаат коњите и/ падот на пердувите од крилјата). Домувањето за Здравески пак, е заедничко тихување. Тој во стилот на Ацо Шопов поентира, дека тишината на домот овозможува разговор без зборување (откажи се од зборовите/ додека молкот не стане/ тишина/ и во тишината/ ќе го чуеш/ зборот).

Каде се границите?

(Кон песните „Нови земји“ од „Преместен камен“, и „Граници“ од „Куќичка за птици-преселници“)

Границите на Маџиров имаат граничници од камења, кои се распредени неправилно налик „стапки на човек кој бега од стравувањата“. Кај Здравески, пак, границите се места на вечно колебање на оние што заминуваат, но „се врткаат наоколу плашејќи се да не остават случајно нешто зад себе“. Во првиот случај, тие се исцртани онаму каде што почнува поривот за движење и странствување. Во вториот случај, тие го означуваат поривот за мирување. На тој начин границите ги разграничуваат двете крајности, бележејќи го средето, означувајќи го тежиштето околу кое гравитираат овие две стихијности.

Какви се новите градови?

(Кон песните „Градовите што не ни припаѓаат“ од „Преместен камен“, и „Градови“ од „Куќичка за птици-преселници“)

За номадот на Маџиров светот е дом, а новите градови се само привремени свратилишта и нечии туѓи живеалишта. Тие отвораат можности за бесцелни талкања, безимени скитања и гостински безделничења (во туѓите градови неприметни сме/ како втор земјотрес/ кој само го разместува веќе уништеното). Домаќинот на Здравески, пак, во новите градови гледа свое привремено вдомувалиште (шетам низ градовите/ како да сум тамошен/ без фотоапарат околу вратот). Тие создаваат привид на вклопување и соживот, како и потсетник на домот (домаќините не ја препознаваат мојата/ мимикрија и чистачите на чевли не посегнуваат/ по моите нозе).

Како изгледа далечината?

(Кон песните „Далеку“ од „Преместен камен“, и „Овде таму“ од „Куќичка за птици-преселници“)

Насловите од песните алудираат на просторни одредници, но и кај двата поети може да се исчитаат временските граници на далечината. За Маџиров далечината е отклон од сегашноста и нејзината минливост (тука е она таму/ каде историјата / никогаш не станува историја). Можеби тоа е отклон кон минатото, кон замрзната точка во времето, кон време кое е надвор од времето, какви што ќе станат младоста и детството. За Здравески, пак, далечината е отклон од сегашноста и нејзината (бес)мисла (смислата е мигновена/ бесмислата е вечна/ овде./ Таму е белки/ инаку). Можеби тој отклон е кон иднината, каде што пребиваат сите наши планови и надежи кои ja пребојуваат со смисла, посебно ако се однесуваат на младоста.

Каде завршува циклусот домување-странствување?

(Кон песните „Враќање“ од „Преместен камен“, и „Заминување“ од „Куќичка за птици-преселници“)

Кај Маџиров ова се случува кога поетот се враќа во домот и во својот некогашен свет (се остварив во неколку/ премачкани сеќавања/ мојата душа е утробен палимпсест/ на далечна мајка./ Оттаму премислата на враќањето). Навистина, домот е место каде што се сталожуваат спомените, каде што стежнуваат и стивнуваат чекорите. Оти каменот (па дури и преместуваниот) секогаш си тежи на своето.

Од друга страна, кај Здравески циклусот завршува кога предокот заминува од домот и од овој свет (го погребавме дедо ми/ чекорам напред/ со своето име/ заковано на крстот). Затоа, домот може да биде место каде што се брануваат спомените, и храбро се прават (ис)чекорите. Со свест дека нема бегање од судбинското и од семејството, и со постојано враќање кон своето. Како кон топло огниште и гнездо. Како во куќичка за птици-преселници.

***
Со исчитување на стиховите кај Маџиров се добива впечаток како да се пишувани со здржаност и авторефлексивност. Од друга страна, стиховите на Здравески оддават впечаток дека се пишувани со лес, во миг на понесеност и стихијност. Кај Маџиров надвладува (пре)мислата, а Здравески дозволува да го понесе впечатокот и темата. Но затоа, кај двајцата доминира една длабока медитативност и измудреност. Како да учествувале во осмислување на ново филозофско учење. Или во ново премислување за смислата на човековото постоење. Потребна е одважност за нурнување во суштествени дилеми, и храброст за соочување со егзистенцијални теми. Во тој поглед, и двете стихозбирки претставуваат чинови на одважност, и своевидни триумфи на храброст.

 Слики: Brendan Monroe

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото