Јавноста е кокошарник на запоставени и запуштени кокошки

20.03.2019 19:13
Јавноста е кокошарник на запоставени и запуштени кокошки

 

Јавноста е импотентна.

Атомизирана, десубјективизирана и дефакторизирана. Нејзината моќ да влијае врз процесите и одлучувањето е обратно пропорционална на нејзината гласност. Затоа што гласноста е какофонична, бескрајно дисперзирана и вредносно проблематична.

Или, дури, компромитирана.

Јавноста е како мал кокошарник на запоставени и запуштени кокошки.

Поле за мастурбација на сексуално нереализирани поединки и поединци.

Вредносниот критериум тука отстапи пред вредноста на припадноста, а припадноста потоа почна да се распаѓа според критериуми кои никој не може да ги долови зашто сите нови клетки имаат нова деенка.

Како кај ракот.

Во тие кокодакањa и делби, загубени се појдовните основи и проекциите кои можат да го дефинираат општеството како едно.

Таа состојба не е нормален след на културната еволуција, туку е последица на груби, но вешто прикриени интервенции.

Тоа е најопасната фаза во распаѓањето на едно општество.

Не сум оптимист дека нешто може да се спаси.

Можеби бесмислата ќе се исцрпи, луѓето ќе папсаат на тарабите на фејсбук, ќе се испразнат од своето кокодајство и во нивните кошули, испразнети од секаква супстанца, ќе се начука некаков разум или нешто што личи на разум. Можеби ќе се случи чудо: провидение некое ќе светне како светкавица и ќе влезе во нас како ум, ќе нè опамети, можеби нашата дресина ќе се учука во одронот на Историјата, а преживеаните ќе почнат да одат како слободни луѓе ослободени од правецот на шините. Или ќе дојдат некои просветени луѓе. Можеби, дури, диктатори, кои ќе им удрат на Македонците по две-три шлаканици и ќе ги вратат во живот.


Затемнети се па и изместени фокусот, светилникот, правецот, навигацијата на општеството, чувството на стадото во кој правец е добрата храна или водата. Сите гнуови би изумреле во една сезона кога би се однесувале како Македонци: дали да одат на север или на југ, вредат ли водата и свежата трева ако пола стадо треба да заврши во челуста на крокодилите, дали ќе се претворат во антилопи ако ја поминат реката и така натаму.

Тоа е така зашто политиката ја загуби моќта да формулира вредносни постулати, односно ја загуби моќта постулатите што ќе ги формулира, да ги комуницира. Политиката, како што знаеме, има други моќи, но во вредносна смисла е тотално компромитирана. Компромитирани се, според тоа, и партиите. А најмногу и најштетно се компромитирани медиумите и интелектуалниот блок чија функција, имено, е да ја играат улогата на загубените светилници и коректори на правецот.

Ова што вчера се случи во Основниот суд еден, јас го гледам како знак дека, сепак, може да се крене во некаква обнова. Пресудите против злосторниците од 27 април јас ги гледам не само низ тој правен аспект кој, се разбира, е исклучително важен, туку и како акт со огромен социјален и културен кохезивен багаж; имено, зашто води кон обединувачкиот потенцијал на конфликтот со злото и со неговата формација во политиката и насекаде во општеството.

Помирување низ конфликт.

Тоа е тоа.

Низ конфликт со правдата. Но и со загубениот вредносен систем.

Не христијанско обединување во гревот.

Тоа не.

Тенкју.


Зло во Македонија не е само вмро‒дпмне, но само вмро‒дпмне не постои надвор од злото. Идејата за помирување е благородна, но во многу аспекти е бесмислена, дури и опасна. Освен ако не ја земеме како кулиса зад која Заев ја рони супстанцата на злото, се разбира, не без страшни последици врз општата културна, политичка и вредносна кондиција на општеството, за која пишувавме погоре.

Оти тие финеси не може секој да ги разбере.

Помирувањето е смрт за вмро. На вмро му е сеедно дали ќе го убиете, затворите или ќе го натерате да се помири со вас. Тој се гледа себе си како есенција на македонизмот која, по природата на нештата, нема овластувања да се помирува со кого било. А собрана е во најгустата мил на општественото дно.

Тоа и физички се забележува.

На што ќе личи Мицковски ако го натерате да се помири во нормалноста?!

Ако стане нормален.

Ништо посебно, само нормален. Колку‒толку ‒ нормален.

Јас мислам дека тој ќе престане да постои, а струјата од неговите хидроцентрали ќе умре од мака.

Со Силјановска помирувањето го замислувам во лежалките на некој санаториум на Голак или на Сосна.

Имате некоја друга идеја?!

Молам, спремен сум да ја чујам.

Најефикасно е помирувањето со Чафков.

Со Златната команда ќе бидеме мирни цели 18 години.

Со Ѓорѓе допрва ќе се помируваме.

Можеби и доживотно.

И со нашиот човек во Будимпешта, капетанот на бродот кој остави луѓето да се дават, земајќи им го последниот чамец.


Тоа е, значи, еден аспект на можниот спас, тоа што јас го викам девмровизација, односно ослободување на тоа што се вика вмро од секаков допир со општите работи. Правно, политичко, медиумско, културно и образовно, сведување на тој феномен на неговата историска и фолклорна димензија, со строга дистанца од политиката.

Со разни тактички варијанти, но по секоја цена.

Како против морбилите или нилскиот грип.

Како против лудакот од Крајстчерч.

Политичкиот систем, се разбира, ќе треба да се адаптира, но, тоа му е и работа.

Тоа, меѓу другото, ќе остави простор за валоризација не историските подвизи на надворешен план и за нивната конкретна реализација, како вредносен критериум за обнова на македонското општесттво.

Втора работа се медиумите.

Кои се во ситуација да не можат да се реформираат.

Можеби ќе мораме да ги пресоздаваме.

Јеби га, ако се мора и тоа не е тешко.

И на крајот, односно на почетокот, сепак е власта. Оваа власт ќе остане запаметена по неверојатните пробиви на надворешно‒политички план, кои не се само дипломатски или безбедносни или интеграциски пробиви, туку се и културолошки, тие се обиди да се искачи зградата на македонизмот за еден кат погоре, да се квалификуваме во наредното коло на Историјата. И истовремено ќе биде запаметена по неверојатната способност да ја убие силата на својот обединувачки момент, со мал милион глупости, евтини компромитации и со кондиција дебело под нивото на мисијата. Тие аспекти на нивната конституција и политика делуваат разорно врз општеството. Многу е важно ова да се сфати. Ако им е добро, тогаш ништо! ( Пешчаник).

Јавноста не е за да ја критикува власта, туку да за да ја оправа и кога ќе треба ‒ да ја смени!


Фотографии: Matthieu Lavanchy