Герила-акција: Со табли маркирани 30 ѓубришта и депонии

21.03.2019 13:41
Герила-акција: Со табли маркирани 30 ѓубришта и депонии

Во нова герила-акција наменета за поддршка на иницијативите кои се борат за справување со ѓубрето и ѓубриштата, во изминатите 10 дена со пригодни табли се маркирани 30-тина ѓубришта и депонии во Скопскиот, Полошкиот, Кичевско-Охридско-Струшкиот и други региони низ Македонија.

„Во рамките на акцијата за прогласување на депониите и ѓубриштата за автентично културно наследство посетивме над 200 депонии низ цела Македонија. Најубавите и најразвиените депонии кои се истакнуваа со својата диверзитетност и богатство а едновремено и најдобро го упропастуваа пејзажот ги одблежавме со пригодни табли односно ги прогласивме за национално културно наследство кое мора да се заштитува и негува.

Според сознанијата до кои дојдовме при подготовката на оваа акција на територијата на Македонија обитуваат преку 300 диви депонии и скоро 6 пати повеќе односно над 1500 диви селски буништа и ѓубришта. Како најзагрозени и најбогати со депонии и ѓубришта можеме да ги посочиме Полошкиот регион а зад него се Скопскиот и Кумановскиот регион иако ниту еден регион не заостанува значително.

Интересен е факот дека најголемото ѓубриште е долго преку 30 км и се наогја по двата брега на течението на Вардар од Гостивар до Јегуновце каде практично куповите ѓубре, шут, стар мебел и отпад циклично се редат преку 30км а најголемата раздалечина без ѓубре на овој терен е неполн километар“, известуваат активистите.

На таблите пишува:

Споменик на ѓубрето од прва категорија
Ѓубриште бр. 0236,
Категорија II - делумно загрозено
Одлука за заштита бр. 12-34-7689 на интервладиното тело за заштита на ѓубришта и депонии.
Депонијата е под заштита на законот како дел од движното а недвижно културно, историско и
општествено наследство на Македонија.

Фотографиите со детални локации од над 50 диви депонии и ѓубришта кои беа опфатени во оваа акција ќе бидат испратени и до надлежните во министерството за екологија.

„Според преданието депонијата ја подигна Петко од Трајкота од долно маало ко ја рушеше плевната и ја реновираше ќуќата, со срдечна помош на брат му Ѕоне, неговиот баџанак Диљо и нивните комшии и пријатели.

Според науката пак истата е во почетокот на 21-от век од страна не непознат неимар од околната населба а за нејзиното одржување и развивање се грижат граѓаните и селаните од околината како и надлежните инспекторати.

Депонијата/ѓубриштето е дел од 1176-те диви депонии во Македонија, подигнати од граѓаните на Република Македонија како дел од проектот: Македо-депонија - Диво ѓубриште за секое село и град!“

Акцијат е е дел од проектот Креативни заедници на Центарот за современи уметности (ЦСУ) – Скопје, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.

Фотографии: ЦСУ

Слични содржини

Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Јавни простори / Екологија
Активизам / Технологија / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото