1032 hPa
86 %
-2 °C
Скопје - Саб, 14.12.2024 04:59
На припек, мајмуни зјаат и со восхит болви си поштат.
Папагалите крескаат како штотуку од оган да побегнале
или ко евтини курви намигаат да ќарат орев или коштан.
Мирни како и сонцето, тигар и лав мрзеливо залегнале.
Како на ѕид од забавиште да се насликани тие сцени:
змијата боа-удав, ко фосил да е, неподвижна се свила
и би се рекло, празни се кафезите, нема волци и хиени,
ако не базди смрдеата од заспаните во сламата гнила.
Но, оној што се брза, го остава досадното што смрди,
оди до кафез каде ко дете зјапа со толпа што се тиска
пред јагуар кој бесен јури, длабејќи со очните сврдли,
затворскиот мрак да го урне со кратка фитилна искра.
Не му е досадно, кабил е окото во оган да му тлее,
увото да му оглуве од ударите што в крвта ѕвонат -
тој се одбива од решетките но кафезот за него не е
нешто помалку од испосничката ќелија на монах:
неговите крупни чекори се слободата на дивината,
под замавите на неговите шепи светот се тркала
додека врз подот на кафезот, ко завеса испокината,
го гази хоризонтот и ловната хајка што го бркала.
Превод: Љупчо Бочваров