Од почетник до шаховски шампион само за неколку часови

22.03.2019 01:56
Од почетник до шаховски шампион само за неколку часови

Истражувачите од компанијата Дип Мајнд (Deep Mind) во сопственост на компанијата Алфабет - која се занимава со вештачка интелигенција, во декември соопштија големи новости од светот на шахот.

Една година претходно овој тим го најави Алфа Зеро (Alpha Zero), алгоритам кој го следи шахот. Алгоритамот почна да работи без никакви податоци за игрите освен основните правила. Потоа против себеси одигра повеќе милиони партии и учеше од своите грешки. За неколку часа, алгоритамот стана најдобар играч кого светот некогаш го видел. Достигнувањата на Алфа Зеро сега ги изучуваат експертите од браншата, а резултатите беа претставени во јавност во декември.

Програмата на АјБиЕм (IBM), Дип Блу (Deep Blue) во 1997 година го победи светскиот шампион во шах, Гари Каспаров. Дип Блу можеше да процени 200 милиони позиции во секунда. Меѓутоа, не можеше да размислува како Каспаров. Одиграа шест игри, а во првата игра од мечот, Дип Блу алчно го прифати жртвувањето на топот за ловец на Каспаров, но изгуби 16 потези подоцна.

Актуелната генерација шаховски програми и натаму игра во овој нечовечки стил. Овие шаховски „машини“ немаат вистинско разбирање за играта. Неопходно е да ги научат основните принципи на шахот, а тие принципи, кои со децении се рафинираат преку искуствата, се програмирани кај машините. Меѓутоа, Алфа Зеро самиот ги откри основните правила на играта. Го прегази Стокфиш, претходниот компјутерски шампион во шах. Во мечот од 100 игри, Алфа Зеро забележа 28 победи и 72 пати одигра нерешено. Изгледаше како да игра интуитивно. Алфа Зеро ризикуваше.

Додека изведуваше напад во десеттата игра, Алфа Зеро ја повлече кралицата на аголот од таблата, далеку од кралот на Стокфиш, на место каде инаку не се става кралицата во напад.

Сепак, ова чудно повлекување беше отровно: како и да одговори Стокфиш, веќе е готово. Тоа беше како Алфа Зеро да го чека Стокфиш да сфати, после милијарди калкулации, во колку безизлезна ситуација се наоѓа, па ѕверот да може да се опушти и мирно да го зададе последниот удар.

Велемајсторите никогаш не виделе нешто такво. Алфа Зеро поседува финеси на виртуоз и моќ на машина.

Тоа беше првата средба на човештвото со новиот вид интелигенција. Прашањето кое се поставува сега е дали машинското учење може да одговори на нерешените прашања на науката и медицината.

Мечот помеѓу Гари Каспаров и програмата Дип Блу

Минатиот август, две статии во списанието Nature Medicine истражуваа како машинското учење би можело да се примени на полето на дијагностиката.

Во првиот текст, истражувачите од Дип Мајнд се здружиле со клиничарите од една лондонска болница за да развијат алгоритам кој ќе класифицира широк дијапазон болести на мрежницата. (Во офталмологијата постои сериозен недостаток од експерти кои ќе толкуваат милиони дијагностички снимки на очи кои се направени минатата година; вештачките интелигентни асистенти би биле од неизмерна помош.)

Втората статија се занимаваше со алгоритам кој одредува дали снимката од скенерот на пациентот покажува знаци на мозочен удар или друга невролошка состојба која е критична. За оние кои ќе доживеат мозочен удар секоја минута е од непроценлива важност; колку повеќе се одложува лекувањето, толку е полош исходот. Новиот алгоритам ги означил итните случаи со иста прецизност со која тоа би го направил и лекар, само 150 пати побрзо.

Од друга страна, она што фрустрира кога станува збор за машинското учење е фактот дека не знаеме зошто работат алгоритмите, што значи не знаеме дали можеме да им веруваме. Алфа Зеро делува како да ги откри важните принципи на играта, но не може да ги сподели. Како човечки битија, сакаме повеќе одговори. Потребен ни е увид. Тоа отсега ќе биде извор на тензии во нашите интеракции со компјутерите.

Замислете го денот кога Алфа Зеро ќе еволуира во алгоритам кој може да реши сериозни проблеми; да го наречеме Алфа Инфинити. Претпоставете дека постојат подлабоки обрасци кои чекаат да бидат откриени - начинот на кој се регулираат гените или се развива ракот; настанокот на имунолошкиот систем; танцот на субатомските честички. Кога Алфа Инфинити би можел да ги идентификува и разбере, тој за нас би бил како пророк. Нема да можеме да разбереме зошто пророкот секогаш е во право, но би можеле да ги провериме неговите пресметки и предвидувања наспроти експериментите и анализите, и да ги потврдиме неговите откритија.

Науката ќе ја сведе нашата улога на посматрачка, да се чудиме и да бидеме збунети. Можеби најпосле нема толку да ни пречи недостатокот од увид во нештата.

Не ни одеше лошо без никаков увид во првите 300 000 години од постоењето како Хомо сапиенси. Со гордост ќе се сеќаваме на златната ера на човечкото согледување, неколку илјади години долг прекин помеѓу неразбирливата иднина и минатото кое не го сфативме.

Извор: The New York Times

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото