Беседа за Ана Бландијана, добитничка на Златниот венец на СВП ’ 2019

22.03.2019 12:16
Беседа за Ана Бландијана, добитничка на Златниот венец на СВП ’ 2019

Една од најценетите современи европски авторки, Ана Бландијана, доаѓа од богатата, високо респектирана книжевност и динамична литературна сцена, каква што е романската, а која до сега ги изнедрила светски афирмираните авторски имиња, како што се Емил Сиоран, Ежен Јонеско, Никита Станеску (кој, своевремено, и самиот бил лауреат на Струшките вечери на поезијата), Михаил Еминеску и многу други врвни авторски имиња .

Ана Бландијана (псевдоним, зад кој се крие името на Отилија Валерија Коман) е припадничка и претставник на поетската генерација од 60–тите години, која е заслужна за афирмацијата на модернизмот во романската литература и поезија.

Да се биде жена во овој суров, длабоко патријархален и циничен свет ниту некогаш било, ниту пак сега е едноставно и лесно. Но да се биде жена, автор и неуморен борец на страната на правдата и вистинските вредности - тоа бездруго изискува многу повеќе заложби, храбра истрајност и жртви, што воедно значи да се живее со товарот и ризикот, во двојна мера зголемен, поради голиот (и судбински) факт, дека си родена како Жена! Особено, ако си жена, родена овде, на Балканот, традиционално недоверлив (и бездруго надмен) токму кон жените.

Отаде, нејзиниот псевдоним во себе како да ги обединува созвучјето на традиционалните романски легенди за заѕиданата Ана, со топонимот на селото Бландиана, од кое потекнува нејзината мајка – создавајќи нова моќна кованица, што ја симболизира Ана, жената поетеса, овој пат „заѕидана“ во впечатливата Тврдина или Црква на Зборовите.

Ана Бландијана е несомнено моќен и впечатлив поетски глас - но, таа денес, не помалку, е и симбол на бунтот - против тоталитаризмот на Чаушеску, време, кога нејзиниот татко бил прогонуван и затворан, само поради фактот, што работел како свештеник, додека самата Ана - во младоста, но и подоцна - цензурирана и прогонувана, како една од многуте невини колатерални жртви на режимот.

„Јас бев забранета, уште пред да станам поет“ – потресно сведочи Ана, откривајќи дека, за време на тоталитарниот режим на Чаушеску, била принудена (секојпат кога ќе излезела од домот) да ги крие своите ракописи и насекаде да ги носи со себе (понекогаш, оставајќи ги во домовите на своите доверливи пријатели) - поради оправдан страв, тие да не ѝ бидат запленети или уништени (како делата на многу писатели други претходно).

Можеби, токму заради тоа е толку силен, речит, но и неодолив одекот на забрануваните книги, дела, вистини, но и на премолчуваните убавини и дострели - кои тлееле и се усвитувале, долго време, пред тие да го дочекаат заслужениот триумф или покајанието на денот!

Поезијата на Бландијана не флертува со помодното и површно допадливото пишување, таа е критички настроена и суштински загрижена заради губитокот и отсуството на слобода во современо-историската бездна, сред која е стаписано човештвото ...

Нејзиното писмо ги спојува личносните и интимни предизвици со метафизичките и мисловни поенти, тоа е воопшто лирика на симултани созвучја меѓу Ерос и Танатос и нивната нераскинлива прегратка, но, исто така и созвучја меѓу телесното и духовното, сетилно-чувственото и мисловното, непосредувано детското и длабоко мудроносното.

Како што сведочат книжевно критичките реакции и одгласи ширум Европа - творештво на Ана Бландијана претставува значен придонес во збогатувањето на изразните потенцијали на современата литература, како и витален поттик за ревитализација на нејзината благородна мисија во едно сурово време, какво што е нашето...

Лириката на Бландијана е лирика со медитативна, на пати исповедна интонација, обележана од постојаниот егзистенцијален немир и длабоката запрашаност над темелните дилеми на човековата судбина, проникната од искуството (и предизвикот) на другоста/инаквоста, прашањата за моралната одговорност и незаобиколноста на моралниот став, креативната сила на љубовта како базична светотворна и книжевна енергија, драматичните, а премолчани загатки и искушенија на творечкиот чин

„Сè што ќе допрам се претвора во Зборови“ – вели Бландијана, сакајќи на сугестивен начин уште еднаш да потврди, дека поезијата е всушност Магија, а не намера, дека е таа од Бога дадена, а не рационално (свесно) предодредена дејност.

"Поезијата меѓу тишината и престапот" (како што порачува и насловот на еден од нејзините есеи) се чини, дека на најсоодветен начин го доловува авторефлексивното нишало, меѓу кое вибрира оваа лирика: строга кон себеси и кон другите, остра и екстатична, горчлива и луцидна, бунтовна и енергична, размечатаена и анимистичка.

Тоа неподелено чувство на восхит и почит кон творештвото на Бландијана, впрочем, го потврдуваат и пофалбените зборови на Чарлс Алтиери, од универзитетот во Беркли, кои се запишани на кориците од англиското издание на нејзините песни:

„Ана Бландијана се вбројува меѓу најдобрите европски поети и чудесна е нејзината способност да ги приближи читателите за да ги споделат најинтимните околности со поетот, дури и тогаш, кога песната се усложнува и ја продлабочува својата смисла, со помош на неодминливата метафизичка димензија на искуството... Таа е чист лиричар, со убедливи метафори, што ја раздиплуваат нејзината смисла за ‘светата празнина“ како негативно изобилство “.

На крајот, не треба да заборавиме на тоа, дека литературата на Ана Бландијана беше своевремено препознаена и вреднувана од страна на нашиот фестивал Струшки вечери на поезијата – за што сведочи објавувањето избор од нејзината поезија „Архангел во саѓи“, во рамки на едицијата „Плејади“, точно пред 15 години, во 2004 година - со препев (и извонреден поговор) од нашата, меѓународно реномирана авторка, Лидија Димковска.

Скопје, 21 март 2019.