Славица Филиповска е добитничка на наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство

23.03.2019 00:32
Славица Филиповска е добитничка на наградата „Никола Младенов“ за истражувачко новинарство

Серијалот стории на Славица Филиповска од емисијата „360 Степени“, во која се истражуваат депониите со штетниот линдан во Скопје, ја освои наградата „Никола Младенов“ за најдобра истражувачка сторија за 2018 година, на годинешниот конкурс организиран од Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Сторијата открива дека покрај депонијата со линдан во дворот на поранешната фабрика Охис, постои уште една дива депонија во близина на излетничкото место Пеленица, кај Драчево, каде ученици од скопските училишта редовно одат на екскурзии.

„Преку сеопфатно истражување, речиси во текот на целата 2018 година и обработка на податоци од релевантни извори за штетните влијанија на линданот, Филиповска обелоденува дека иако институциите имале сознанија за дивата депонија близу Драчево, досега ниту една власт не презела никакви мерки“, велат од МИМ.

Второнаградена е новинарката Евис Халили Мемедалија, за серијалот текстови за злоупотребите во рамки на Националната програма за култура за 2018, објавени во дневниот весник „Коха“, а Весна Коловска ја доби третата награда за истражувањето за „Долгот на 20-те најзадолжени општини до пред локалните избори 2017“, како и за текстот „Новите градоначалници очекуваат ревизорите да ги проверат јавните набавки на претходниците“, објавени на Македонскиот медиа сервис, во партнерство со радиото Канал 77.

Комисијата одлучи да им додели пофалници за истакнат новинарски ангажман на Сунаи Сабриоски за истражувачкиот серијал за атрактивната локација наспроти ГТЦ продадена по 312 евра за квадратен метар, објавен на ТВ 24, на Марија Митевска за сторијата „Контроверзите на Дрисла“, објавена на Радио Слободна Европа и на Дарко Штаргоски, за сторијата „Колку се почитува Законот за здравје и безбедност при работа во земјоделскиот сектор во Македонија“, објавена на веб-страницата „Инфо компас“.

На годинешниот конкурс се пријавиле 30 автори со 45 стории, обработени во 131 текст/видео прилог, објавени на Интернет портали, телевизии, дневни весници и во неделници.

ОкоБоли главаВицФото